Среда, 01 Февруари 2012 14:13

КОЛУМНА: “ГУРУ НА АМОРАЛНОСТА И НЕПРАВДИНИТЕ МЕЃУ МЛАДИТЕ”

Пред два месеци бев поканет и присуствував на формирањето на младинскиот форум во нашата општина. Уште на самото влегување што да се види, тука се старо-новите лица кои Социјалдемократскиот сојуз ги промовираше како креатори на овој форум.

Прв и основен впечаток е дека нема ништо ново во социјалните облици кои се организирани од ШЕФОТ.

Се тече, се сé менува, но по се изгледа СДСМ и ШЕФОТ не се менуваат, дури ниту после врелата шлаканица која македонскиот народ им ја удри на последните Парламентарни избори.

Па добро бре, до кога вака?

Влегувам и што да се види, на сцената покрај неизбежниот ШЕФ – кој е впрочем основен фактор за ширење на аморалноста помеѓу младите, до него гледам и неколку лица за кои никогаш не ни помислив дека ќе имам прилика да ги видам надвор од некој угостителски објект, но ете ги, станале организатори на животот на младите во градот, а некои од нив можат да се пофалат и со работа во Општината, работат на проекти под покровителство на Општината и имаат главна работна задача седење на facebook, бранење на делата и сомнителните зделки на ШЕФОТ и пиење кафе, но само за време на предвидената кафе пауза за вработените во Општината, а тоа е периодот од 08:00 до 16:00.

Некои од Вас, најверојатно и ќе се запрашат зошто токму ШЕФОТ го прокламирам како ГУРУ и најголем фактор за кршење на моралот кај младите во мојот град.  Е сега ќе ви кажам:

Додека Владата на ВМРО-ДПМНЕ се убива од работа да обезбеди атмосфера и можност за секое дете да се запише на Факултет и да се стекне со потребно образование за изградба на квалитетна високообразовна младинска структура, а со тоа создава и можност за подобра и посигурна иднина за нас младите, ШЕФОТ ја преполнува општинската зграда со негови верни подданици кои никогаш не го пречекориле прагот на ниту една високо образовна институција, но ќе бев пресреќен доколку тоа беше случај само со вработувањата во Општинската зграда, но за жал тоа не е случај.

Детските градинки се преполни со необразован и несоодветен кадар, основните и средните училишта исто така, во одделот за територијална противпожарна заштита вработени се луѓе за кои сум убеден дека никогаш не прочитале весник, а камо ли книга.

Сите овие луѓе се продолжена рака на ШЕФОТ и несекаде шетаат и трубат како никој ништо не може да им направи, само затоа што се под негова закрила. А и не лажат, така е! На нивното недолично однесување, недоаѓање на работа, пиење кафе во текот на целото работно време не можат да му се спротистават ниту директорите на институциите каде што работат, затоа што во спротивно ќе има “На рапорт со ШЕФОТ во некој од партиските штабови на СДСМ”.

Кога сме кај ширењето на неморалот ова и не е толку страшно, болно и аморално за секој млад интелектуалец – граѓанин на овој град, како што е однесувањето на бесправното, неоправдано и со образование непоткрепеното вработување на одредени лица кои што шетаат со високо крената глава и мислат дека сосема оправдано се вработени затоа што “трчале за партијата - СДСМ”. (Овде морам да објаснам дека под овој термин - трчање за политичка партија се подразбира “дремење” во некој од партиските штабови на СДСМ се додека не помине некој од фамилијата на ШЕФОТ и “Пријателите” и да те пушти по цигари, играње хазардни игри – КОМАР во партискиот штаб, оговарањето на оние кои не се прокламираат за претставници на нивната политичка партија, внатрепартиското лицемерие за сите оние кои се стремат на било кој начин да сработат нешто за партијата и со тоа да ги покажат своите вистински квалитети и слично).

Ете таква е ситуацијата во институциите каде што вработувате Вие ШЕФЕ. Навистина сте магионачар кога успевате од такви луѓе да направите државни чиновници, просветни работници, водичи на Форуми на заедници, претседатели на разни организации и слично.

Но, тоа и не е нешто посебно ако имаме во предвид дека верни следбеници на Вашата предизборна кампања прокламирајќи се како ваши бодигарди, беа најголемите насилници во градот – луѓето кои ја тормозеа младината, на разни начини, на секое место и во секое време. Таа личност која со своето вандалско однесување не нé оставаше да спиеме мирно, беше и сеуште е Ваш миленик, а Вие господине бессрамно се прокламирате како татко на градот.

МОЖЕБИ СТЕ ТАТКО, НО СЕКАКО НЕ НА ОВОЈ ГРАД.

Морам да ви кажам господине ШЕФ, таква љубов од Вас ви благодариме, ама не НИ треба.

ЗА СИТЕ вас КОИ МИСЛИТЕ ДЕКА СО ГОРЕНАВЕДЕНОТО НЕ СЕ ШИРИ АМОРАЛ МЕЃУ МЛАДИТЕ, ИСКРЕНО ВЕ СОЖАЛУВАМ.

Сега може да се вратиме на Форумот на млади, против кој јас, а и секоја разумна млада личност нема ништо против, но само доколку е во облик ослободен од политички притисоци што на мое искрено жалење не е случај. Овој форум е уште еден обид на г-дин ШЕФ да излезе пред граѓаните и зборува за тоа колку многу се грижи за сите нас. Дајте ве молам, некој – било кој нека излезе со наједноставно објаснување за тоа, зошто се формира Форум на млади кога веќе постои Младински совет и Младинско собрание.

ШТО СЛЕДИ ПОСЛЕ ОВА????  МЛАДИНСКИ РИНГИШПИЛ....

Демек младите не можат да се организираат, да одлучуваат и да бидат дел од креирањето на политиката во општината “само” преку овие два органи, па Ви е потребен уште еден кој ќе биде ДИРЕКТНО инволвиран во политиката на општината и ќе одлучува за животот на младите?
Ма дајте ве молам...

Сега јас ќе ви кажам г-дине ШЕФ која е вистинската причина поради која е формиран овој форум. Овој форум е Ваша продолжена рака на креирањето на политиката на младите и е составен од луѓе (со чесни исклучоци) кои никогаш нема да се спротивстават, ниту ќе дадат било каква критика на општинската партизација па и на партизацијата во овој форум директно, чиј што состав е креиран од вас лично г-дине ШЕФ. Составен е од луѓе (повторно ќе напоменам со чесни исклучоци), кои никогаш нема да кренат глас против вас, туку напротив овие лица секогаш ќе бидат тука за еуфорично и без ни малку разум да застанат во првите редови за одбрана на вашите постапки, кои што се погубни за економскиот, социјалниот и општествениот развој на нашата општина.

Главно прашање и дилема се оние 4 милиони денари кои 3 години ги споменувате и кои стигнаа во облик на Лизгалиште. Кој одлучи за тоа изнајмено лизгалиште? Вие и вашите бизнис партнери да не сте случајно?

А каде се осумте милиони денари кои јавно ги ветувавте за Младинските организации во минатите две години. Во чиј џеб завршија тие пари???

Гарнитурата која сега работи во тие организации нема храброст да Ве праша каде се тие пари, до кога ќе ги ветувате и дали некогаш навистина ќе дојдат до младите, затоа што се ваши покореници, но дури и поранешниот претседателот на СДММ, иронично се насмеа кога ги споменавте тие пари затоа што и на него самиот му е јасно дека ги ветувате по стоти пат.

Каде, во чиј џеб се заглавени тие пари господине ШЕФ?

Еве ви еден искрен и најдобронамерен совет ШЕФЕ. Кога правите нешто добро, нешто хумано, оставете делата да зборуваат за тоа, не го користете тоа насекаде за да покажете колку сте хуман, зборувајќи за тоа на колку многу дечиња им имате помогнато, со финансии за лекување или школување. Вие и вашите ПРИЈАТЕЛИ кои секојдневно ги прокламирате како како човекољубци и филантропи, нема да ги исперете вашите валкани пари со купување на четири пенкала и десет училишни прибори. Доколку сакате да се фалите со парите кои ги давате во хуманитарни цели, тогаш направете хуманитарна фондација, затоа што и јас преку оваа мое протестно излагање можам да се пофалам дека сум помогнал во лекувањето на 495 деца во странство, и 1587 деца во Македонија иако тоа не е вистина, но никој не може ниту да ја провери неговата вистинитост исто како што е тоа случај со Вашиот исказ. А згора на се потенцирате дека тоа го правите од свој џеп, со свои пари.

Од каде тогаш толку пари господине, кога тврдите дека немате ниту еден бизнис, да не го направивте тоа со Вашата плата случајно?
Јас ќе ви одговорам на ова прашање господине ШЕФ. Парите се од грабежот во трговскиот центар и градскиот пазар Г...., од градбите на стотици објекти со направени урбанизации и пренамени на земјиште преку ноќ, од убивањето на старата чаршија, со општинскиот грабеж преку вашите фирми за бекатон, за електрични светлосни тела, преку процентите од зделки кои ги правите со ....................... (вие добро го знаете продолжението на таа листа).

Главен иницијатор сте за формирање на Форумот и на други Младински организации токму во моментот кога законодавниот дом го повлече Законот за млади и младинско здружување. Законот беше повлечен после реакцијата на 44 релевантни младински организации под образложение дека Законот е рестриктивен и мора да претрпи измени, како и тоа дека нуди можности за формирање на Младински организации кои ќе бидат продолжена рака на политичките партии.

Владата остана будна и ги испочитува реакциите со повлекување на Законот, но не и Вие ШЕФЕ. За вас ова беше уште една лекција за тоа како да создадете нови млади политички пултрони кои ќе ги користите за исполнување на вашите дневно политички партиски интереси.

Јас лично немам ништо против никој облик на младинско здружување и гордо застанувам покрај секој обид на младинскиот совет за организирање на хуманитарни акции, но сето тоа кое што го работите Ве прави хуманитарна организација, а не тоа што Вие велите дека сте.

Доколку мислите дека јас сум тој што е лош и не чини дајте сите да се запрашаме, кој е тој кој го направи овој совет, кој ги вметна луѓето во него, дали тој совет има отворена можност да се влезе во него, дали секој млад човек во општината може да се кандидира за претседател на овој совет и за учество во било кој негов орган, дали овој совет има одредена активност за проширување на членството или е затворено и се плаши од надворешна конкуренција. Ова е случај и со Младинскиот форум и со Младинскиот парламент. Креатор на сето ова е ШЕФОТ, и тој е длабоко навлезен во секоја пора на овие организации.

Можеби сум во “криво” но овие кадровски решенија за водачи на Младинскиот форум не влеваат доверба меѓу младите дека форумот може било како да помогне во подобрување на животот на младите, туку е еден продолжен механизам за афирмација на најпознатата СДСМовска партиска дисциплина – подлижување на ШЕФОТ.

СДММ како посебна организација, во Младинските организации, во овој случај во Младинскиот форум пласираше политички пултрони на ШЕФОТ, кои имаат одсуство од образование, чест, углед и интегритет во општеството, но тоа повеќе и не ме чуди имајќи ја во предвид програмската безидејност на СДСМ, СДММ и нивните претседателства.

Со најискрени намери и верба во младите.

Столе Лазаров,
Претседател на УМС при ОК ВМРО-ДПМНЕ Струмица