„Струмица - мојот мултикултурен град“ - проект за меѓуетничка интеграција на Струмичката гимназија

11 Ноември 2017

Македонци и Турци, ученици во Средното општинско училиште „Јане Сандански“ во Струмица, заедно со професори и директорката на училиштето, Невенка Стојанова, во рамките на проектот за меѓуетничка интеграција, поддржан од Министерството за образование и Општина Струмица, денеска беа на Комплексот „Цареви кули“.

„Струмица - мојот мултикултурен град“, ја насловија денешната активност, во која презентираа постери со фотографии кои ги направија во текот на претходната недела, а ја отсликуваат мултикултурата на Струмица.

На фотографиите беа застапени народни носии, обичаи, како што се крштевка, свадба, сунет, моминска вечер и слично, како и спортски настани, верски објекти, традиционални јадења, фотографии од секојдневието и слично.

Во рамките на овој проект, во СОУ „Јане Сандански“ во тек е литературен и ликовен конкурс на истата тема „Струмица - мојот мултикултурен град“. Пристигнатите творби ќе бидат прегледани од комисија од предметни наставници, а за најдобрите се обезбедени пригодни награди.

Учениците не можеа да го сокријат задоволството од дружењето и размената на идеи и мислења и изразија желба да учествуваат во вакви активности и во иднина.