Во последните 24 часа од направените 3.816 тестирања, регистрирани се 721 нов случаj на ковид-19 од кои 16 во Струмица. Починале 7 лица, еден и во Струмица на возраст од 76 години, а од оздравените 171 пациент, во Струмица се евидентирани тројца пациенти.

„СДСМ го заврши процесот на реевиденција и активна регистрација на членството усешно и во духот на демократските процеси. Над 80.000 членови се ажурирани, што значи дека семејството на македонските социјалдемократи, СДСМ, има над 80.000 членови. Социјалдемократското семејство е доволно големо, силно да го продолжи напредокот“, изјави денеска генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски од Струмица.

Тој информира дека низ целиот процес на ажурирање имале и илјадници нови членови, првенствено млади лица кои пристапиле кон ова македонско социјалдемократско семејство.

„Граѓаните ги препознаваат успешните политики на СДСМ, препознаваат дека правдата, напредокот, развојот и интеграцијата се можни само со СДСМ и затоа секојдневно се приклучуваат. Тоа е нова енергија, нова додадена вредност за нашата партија. СДСМ победува, СДСМ расте и се менува во континуитет. Овој процес на промени го заокружуваме на 21 март кога ќе се одржат првите внатрепартиски неспосредни избори, каде секој член ќе може да гласа за новиот претседател на СДСМ. На 21 март СДСМ ќе постави уште еден нов стандард на партиското делување, преку организирање на внатрепартиски избори ширум републиката. Тоа е врв на демократијата, тоа е значаен храбар чекор кој треба да послужи како пример за останатите политички партии во државата и да допринесе за развој на демократијата. Продолжуваме одговорно, чесно, праведно и транспарентно да работиме во интерес на граѓаните и државата“, истакна Николовски.

СВР Струмица информира дека синоќа околу полноќ, по претходна пријава, полициски службеници извршиле контрола во угостителски објект на улицата „Младинска“ во Струмица. При контролата било констатирано дека објектот работи по дозволеното време, односно дека не ги почитува одлуките на Влада и протоколот за отворање и работа на угостителски објекти. Исто така, било утврдено дека во објектот се точел алкохол на малолетни лица. По целосно документирање на случајот, против сопственикот ќе биде поднесена соодветна пријава, стои во соопштението на струмичката полиција.

Синоќа околу 01:00 часот по полноќ, по претходна пријава и издадена судска наредба, полициски службеници од СВР Струмица извршиле претрес во домот на А.Х.(55) од Струмица. Притоа, било констатирано дека неговиот син Х.Х.(26) организирал приватна забава со уште 11 лица, со што постапил спротивно на член 206 од Кривичниот законик, информираат од СВР Струмица, додавајќи дека по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

Пред споменикот „Македонија“, родната Струмица на претседателот Борис Трајковски ја одбележа 17-годишнината од загинувањето во трагичната авионска несреќа во близина на Мостар, Босна и Херцеговина.

„Оваа наша Струмица низ своето долго постоење дала бројни познати и признати личности кои оставиле значаен печат со своето професионално делување, кои преку својата успешна кариера извршиле полна афирмација и популаризација на Струмица, не само во државни рамки, туку и пошироко низ светот. Афирмирајќи го својот град тие истовремено ја афирмирале и својата татковина, оставајќи зад себе дела за паметење. Дефинитивно еден од нив кој вечно ќе се памети е претседателот Борис Трајковски, човекот кој и денес не собра пред Споменикот кој е подигнат во негова чест. За жал, поводот за овој собир беше одбележувањето на денот на неговото прерано заминување. Тоа го правиме секоја година на денешен ден, за да покажаме и докажаме дека големите луѓе никогаш не умираат, дека тие живеат вечно во спомените на оние кои ги почитуваат вистинските вредности. Човечноста, искреноста и љубовта беа негови главни одлики. Тие доблести го правеа голем, онолку голем колку што беше голема неговата верба во Македонија. Таков го паметиме, таков и ќе остане во спомените на сите негови современици од земјава и целиот свет“ – кажа во своето обраќање градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски.

Од семејството на Борис Трајковски, граѓани, роднини, пријатели, претставници на локалната самоуправа, на Владата, политички партии и здруженија на граѓани со положување свежо цвеќе и поклонување пред неговиот споменик ја искажаа својата почит.

Членови на Рецитаторската секција при Домот за деца и млади „Благој Мучето“ од Струмица, интерпретираа рецитал посветен на претседателот Борис Трајковски.

Традиционално пред споменикот кој Струмица го издигна во чест на претседателот Борис Трајковски, Унијата на жени при ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Струмица, засадија дрвце. Освен членови на ова партија, во чинот на засадувањето се приклучи и градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски.

Борис Трајковски е роден во Струмица на 25 јуни 1956 година. Беше втор претседател на Република Македонија во периодот од 15 декември 1999 година до неговата смрт во 2004 година.

Вчера жители на селото Старо Коњарево, општина Ново Село, на падините на Беласица кај месноста „Дебел бук“, ги спречија работниците на ЈП „Национални шуми“, коишто се обидувале повторно со булдожер да прават шумски пат за сеча и траспорт на дрва.

Голем број жители на ова населено место од утрово направија блокада над селото со трактори, не дозволувајќи механизацијата да продолжи понатаму со активности.

„Срамота е повторно да се проба да се пробива пат онаму каде веќе е утврдено дека не смее. Срамота е да се види ваква некоординираност и башибозук во ЈП Македонски Шуми на штета на граѓаните. Но ако станува збор за тенденциозна одлука тогаш е сосема друга работа. Што и да е во прашање, ова е голема срамота за сите и ќе заврши како претходниот пат со победа на народот и повлекување на булдожерите од планината“ – велат револтирано жителите, според кои, патот што сака да го прави ЈП „Национални шуми“ им ја загрозува безбедноста, бидејќи е на ерозивно место кај изворите за селскиот водовод.

Тие бараат веднаш да се запре со оваа луда идеја за пробивање пат и сечење на шумата поради истите причини како и пред една година. Го повикуваат градоначалникот Никола Андонов, надлежните органи и пратениците од струмичкиот регион, да повторно на лице место увидат дека цела оваа работа е голема глупост и да разберат зошто народот повторно нема да попушти. Бараат булдожерот на ЈП „Национални шуми“ целосно да го напушти атарот на Старо Коњарево, зошто во спротивно ќе биде трајно онеспособен.

И минатата година жителите на Старо Коњарево ја блокираа маханизацијата на „шумското“ и одржаа протести, по што интервенираа од Општина Ново Село. На протестот дојдоа градоначалникот Никола Андонов, пратеникот Костадин Костадинов и тогашниот директор на ЈП „Национални шуми“, Зоран Ѓоргиев. Тогаш се договорија да се прекине со пробивање на шумски пат над нивното село и да се најде друго решение за сеча на високостеблеста шума на тој предел на планината Беласица.

Изградбата на мостот на реката Турија меѓу населените места Просениково – Сарај, е во завршна фаза. Новиот мост направен по највисоки стандарди е со должина од околу 25 метри и вкупна ширина од 8 метри, односно 6 метри за две коловозни ленти и 2 метри, односно по еден метар од двете страни – тротоар за пешаци.

Покрај изградбата на мостот, во овој проект беше опфатена и реконструкција на постоечката патна инфраструктура на овој локален пат во должина од околу 200 метри, односно по околу 100 метри од двете страни на мостот и регулирање на пристапните патишта кои приоѓаат кон овој локален пат.

Премиерот Зоран Заев, кој заедно со поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас ја добија Хесенската мировна награда, својот дел, парична сума од 12.500 евра ја донираше во Солидарниот фонд за справување со Ковид-19, објави министерот за здравство, Венко Филипче.

Филипче упати јавно благодарност од свое име и од име на Министерството за здравство и сите оние кои се на првата линија во борбата со Ковид-19, за неговото лично учество во оваа заедничка акција.

„Огромен број заедници, компании, но и индивидуалци се приклучија преку оваа иницијатива во заедничкото справување со планетарната криза. Солидарноста е клучна во периодот кој следува и нашето општество мора да функционира како едно“ – напиша Филипче.

Од ЈПКД „Комуналец“ Струмица информираат дека поради отстранување на дефект на водоводната мрежа, утре (петок, 26 февруари), од 07:00 часот ќе биде прекинато водоснабдувањето во населените места Муртино и Сачево, се до отстранување на дефектот.

„Јавната хигиена секогаш е наш приоритет. Со покачувањето на температурите, денеска започнавме со миење на улиците во градот. Во оваа акција се вклучени Противпожарната единица на Струмица и ЈПКД „Комуналец“, а истата ќе трае во наредните неколку денови“ – напиша ја Фејсбук градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски.

Учениците Славе Мирчовски и Зоран Колев од СОУ „Никола Карев“ од Струмица изработија мебел за потребите во канцеларии на Министерството за образование и наука. Тие денеска беа во Скопје каде го монтираа мебелот. При монтажата ги посети и министерката за образование, Мила Царовска која го изрази звоето задоволство што се запозна со младите „мајстори“ ученици во дрвопреработувачка струка на СОУ „Никола Карев“.

„Тие се веќе вешти мајстори кои изработија и ни подарија мебел за нашите канцеларии. Славе и Зоран се трета година, но веќе го имаат „испечено“ занаетот, а нивите професори Никола Узунов и Јане Танев може да бидат горди на своите ученици“ – кажа министерката Царовска.

Двајцата средношколци велат дека се многу среќни што одлучиле да учат средно стручно, бидејќи се сигурни што ќе работат по завршувањето. Задоволство им било што изработиле мебел за Министерството за образование и наука.

Министерката Царовска најави дека од следната година ќе се отвораат многу нови стручни смерови во училиштата и ги охрабрува сите млади луѓе кои се заинтересирани да учат стручно образование.

„Со стекнување на овие вештини тие ќе бидат конкурентни за вработувања и соодветно образовани согласно потребите на пазарот и компаниите“ – кажа Царовска.

Синоќа околу 21:00 часот во СВР Струмица, Ј.А.(37) од село Градашорци, општина Василево, пријавила дека од домот се оддалечила нејзината 15-годишна ќерка. Мајката се сомнева дека таа се наоѓа кај нејзиното момче во Штип.  Од СВР Струмица информираат дека се преземаат мерки за пронаоѓање на девојчето.

Од ЈПКД „Огражден“ од Босилово информираат дека поради дефект на главниот цевовод, денеска и утре (понеделник и вторник, 22 и 23 февруари), ќе има прекин на водоснабдувањето во населените места: Босилово, Радово, Робово, Еднокуќево, Секирник, Бориево и Турново.

Струмичката полиција информира дека во текот на вчерашниот ден, односно во периодот од 11:00 до 17:00 часот, на подрачјето што го покрива СВР Стумица била спроведена акциска контрола над возачи кои управуваат возила со брзина поголема од дозволената. Притоа, биле откриени 109 прекршоци и на возачите им биле изречени соодветни санкции. Констатирани биле и 39 останати прекршоци.

Планинари на Планинарскиот клуб „Ентузијаст“ од Струмица, придружени од планинари од Валандово, утрово од пред споменикот „Македонија“ во Градскиот парк во Струмица, тргнаа кон вечното почивалиште на трагично загинатиот претседател Борис Трајковски во Скопје, одбележувајќи ја 17-годишнината од смртта на вториот претседател на независна Македонија, кој загина во авионска несреќа на 26-ти февруари 2004-та во Босна.

Овој планинарски марш на релација Струмица – Скопје, по 16-ти пат го организира ПАОК „Ентузијаст“ од Струмица, се со цел да не се заборави ликот и делото на Трајковски, како што велат планинарите, на човекот кој неизмерно ја сакаше Македонија и граѓаните.

Поради пандемијата од Ковид-19 планинарите ќе пешачат до село Дедино, Радовишко, а на 26-ти февруари ќе поминат уште една етапа во Скопје до гробот на Борис Трајковски на гробиштата Бутел во Скопје, каде ќе се приклучат на одбележувањето на годишнината од смртта.

Пред тргнување планинарите положија цвеќе пред споменикот на Борис Трајковски, а среќен пат им посака градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски.

Освен до Скопје, триесет планинари од Струмица и Валандово денеска пешачат и по падините на планината Беласица. Тие треба да се искачат на врвот „БоТра“ кој го носи името на Трајковски, на надморска височина од 1.880 метри.

По завршувањето на церемонијата околу отворањето на „Европската куќа“ на Делегацијата на Европската Унија во Струмица, евроамбасадорот Дејвид Гир и премиерот Зоран Заев, во придружба на пратеникот Костадин Костадинов, вчера имале состанок со струмичкиот градоначалник, Коста Јаневски и претседателот на Советот, Марјан Даскаловски во општинската зграда на кој разговарале за досегашната соработка и европските перспективи на општината и државата.

Во попладневните часови, домаќинот, градоначалникот Јаневски и евроамбасадорот Гир ги посетиле и манастирите во Водоча и Вељуса, каде на Гир му ги презентирале културно-историските вредности и туристичкиот потенцијал на општина Струмица.