Вечерва околу 20:40 часот на раскрсницата од булеварот „Ленинова“ со улицата „4-ти Јули“, кај ТЦ „Глобал“ во Струмица, автомобил удрил во пешак, жена. Информацијата ја потврди портпаролот на СВР Струмица, Хризантема Рендевска.

Жената била префрлена во Струмичката болница со Итната медицинска помош, но се уште нема информации за нејзината состојба.

Во скоро сите училишта, во текот на летниот период беа реализирани активности за подобрување на условите за реализација на воспитно-образовниот процес во новата учебна година, информираат од Општина Струмица.

Во ООУ „Гоце Делчев“ од Вељуса извршена е реконструкција на фасада на задниот дел од училишната зграда со површина од 470 метри квадратни.

Во ООУ „Св. Кирил и Методиј“ од Дабиле поставен е порамнителен слој во една училница и во канцеларијата на секретарот и поставување на ламинат во овие простории, набавка на смарт табла, белење на ходниците во училиштето и санација на ѕидовите.

Во ООУ „Сандо Масев“ извршено е варосување на цокле во централното училиште  низ сите училници, целосно белење и обновување на внатрешен ентериер на ходниците во централното училиште, лакирање на паркетот во спортската сала, санација и обновување на кошаркарското игралиште во централното училиште, целосно белење и обновување на сите тоалети во централното и санирање на тоалетите во подрачното училиште во Баница.

Во ООУ „Маршал Тито“ од Струмица извршено е брусење на стар паркет во три училници и мал ходник, лакирање и полирање, реконструкција на фасадата на југоисточниот дел на училиштето со поставување на термофасада и реконструкција на под во една училница.

Во последните 24 часа од направените 1372 тестирања, регистрирани се 112 нови случаи на ковид-19, од кои 11 и во Струмица.

Во болнички услови починаа 8 пациенти, од Teтово (73), Струмица (58), Делчево (55), двајца од Струга (80 и 74 години) и тројца пациенти од Скопје (53, 76 и 82 години).

СВР Струмица – Отсекот за општ криминалитет до Основно јавно обвинителство во Струмица ќе поднесе соодветен поднесок против 13-годишно момче од Струмица, поради основано сомнение дека извршил 13 кривични дела тешки кражби, кражби, разбојништва и одземање на моторни возила и велосипеди, извршени во Струмица, Радовиш и во Кочани.

Вчера во 23:00 часот во СВР Струмица биле лишени од слобода И.Л.Б. (19), Ј.К. (20), Ј.П. (26), Г.М. (22) и Ф.М. (22), сите од Струмица, затоа што кај нив биле пронајдени марихуана, таблетки со виолетова боја и дробилки, информираат од СВР Струмица.

Фудбалската федерација на Македонија во соработка со УЕФА преку „Hat Trick III“ програмата за подобрување на фудбалска инфраструктура започна со изградба на терен со вештачка трева во Струмица, во спортскиот комплекс кај некогашниот Градски базен, а е наменет за користење на ФК „Академија Пандев“. ФФМ претходно потпиша договор со Општина Струмица и клубот „Академија Пандев“ за целосна изградба на терен со вештачка трева, како дел од фудбалскиот комплекс во градот Струмица.

Утринава се случи сообраќајна незгода на патот Струмица - Штип, кога се преврте автобус во кој се превезувале 16 војници на АРМ. Како што соопштуваат од Генералштабот на Армијата, во несреќата странично се превртел автобусот на магистралниот пат Струмица - Штип, кој превезувал припадници на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на организираниот превоз на релацијата Струмица – Радовиш -  Штип - Петровец.

Во сообраќајната незгода која се случила во 06:47 часот на 8 километри пред Штип, се превезувале 16 припадници на Армијата до своите работни места во горенаведените гарнизони, при што според првичните сознанија кај дел од нив има полесни повреди и во моментот сите припадници се превезени во болницата во Штип, каде им се вршат лекарски прегледи со цел утврдување на нивната здравствена состојба. Увид на место на настанот е извршен од страна на јавен обвинител и МВР, а на лице место излезе и тим од воената полиција.

Премиерот Зоран Заев, одржа прес-конференција на која беше презентиран четвртиот пакет економски мерки за ревитализирање на економијата во услови на КОВИД-19, усвоен на денешната седница на Владата.

„Првите три сета мерки ги запреа сериозните удари од пандемијата како здравствено - општествена криза и спречија социјално-економски последици кои во вакви ситуации можат да бидат драматични и долгорочни. Успешната стратегија за спречување на колапсот на здравствениот систем и на економијата и социјалната сигурност, создаде услови и за четвртиот пакет економски мерки. Новиот пакет има за цел да обезбеди одржливост на домашните економски дејности и на работните места, да закрепне одредени дејности, да обезбеди стабилност на социјалните трансфери и да обезбеди политики кои ќе помогнат спроведување на брза излезна стратегија кога кризата ќе заврши за да продолжиме со позитивните трендови на новата развојна македонска економија. Затоа, поддршката за граѓаните и стопанството продолжува и никој нема да биде изоставен. Ги имаме предвид сите дејности и компании“ – кажа премиерот Заев.

Тој најави дека новиот пакет мерки е насочен кон поддршка за работните места, кон невработените лица, социјално ранливите категории како што се пензионерите и граѓаните од други категории, самохрани родители. Ќе биде директна помош за економската и социјалната сигурност на нашите сограѓани, како и за поттик на приватната потрошувачка како стимулатор на општествениот раст.

Одбојкарите на „ЏИО Струмица“ двата натпревари од 1/16 финалето на Челинџ Купот на ЦЕВ, против кипарска „Омонија“, ќе ги играат како гости. Во договор на двата клуба, „ЏИО Струмица“ се согласи да отпатува на Кипар и во периодот од 1 до 4 ноември двата натпревари од оваа фаза на третото по ранг ЦЕВ клупско натпреварување да ги одигра како гостин.

Струмичанецот Сашко Митев, кој на музичката сцена е повеќе од 20 години, но во последната година освен ангажманите во ансамблот „Танец“, каде е вработен како кавалџија, почна да гради и своја соло кариера како пејач.

По неговата прва песна, „Подгорија“, која излезе во етер на почетокот од 2020 година заедно со видео запис, Сашко деновиве со уште една песна насловена „Ергенски живот“, за која исто така е направен видео запис.

„Песната ја посветив за еден убав период од мојот живот, за младоста, за момите, кафаните, серенадите со гитарите, период од животот што кај секого од нас буди убави спомении ги разнежнува нашите срца. Се надевам дека песната ќе и се допадне на публиката и барем за миг секој ќе се пронајде во неа“ – вели Сашко.

Почитување на законите и протоколите на Владата на Република Северна Македонија во пандемија на ковид-19, беше темата на денешниот состанок на Локалниот совет за превенција на кој присуствуваа и сопственици на угостителски објекти и претставници на повеќе државни и општински инспекциски служби и институции.

Во последните 24 часа се направени 387 тестирања, а регистрирани се 48 нови случаи на ковид-19 од кои четворица новозаболени и во Струмица. Починале четворица пациенти од Скопје (73 и 62 години), Куманово (69) и Тетово (72).

Се подготвува теренот за покривање на поројот „Крушевска Република“. Општината Струмица најпрво ги започна градежните активности за решавање на проблемот со атмосферските води кај „транзитниот пат“, односно во долниот дел од каналот кој продолжува се до реката Тркања.

Во овој вон урбан дел од каналот, кој е во должина од 1500 метри, опфатено е уредување, поставување на одводни цефки кои ќе ги прифаќаат атмосферските води од урбаниот дел на каналот, како и бетонирање на еден дел од каналот кој води до реката Тркања.

„Најчесто голем дел од оваа делница на каналот е зараснат со дрвја и водни растенија како трска и шамак. Од нив и наносите, коритото на оваа делница во најголем дел е уништено дури и подигнато, а на вливот во реката Тркања има наталожено наносен материјал, што значи дека сè заедно претставуваше голем проблем во функционирањето на овој канал. Сега со овие градежни зафати проблемот ќе биде решен“ – кажа градоначалникот Коста Јаневски, кој денеска беше во обиколка на овој дел од каналот за да се запознае со динамиката на работа.

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа од направените 1504 тестирања, регистрирани се 143 нови случаи на ковид-19, меѓу кои 11 во Струмица.

Починати се 9 лица, пациент од Виница (70), двајца пациенти од Струмица (по 67 години), еден пациент од Охрид (48), од Гостивар (64), двајца пациенти од Тетово (70 и 71) и двајца од Куманово (68 и 77).

Од ЈПКД „Огражден“ од Босилово информираат дека утре (петок, 25 септември), поради чистење на резервоарите на Филтер станицата „Иловица“, ќе има прекин на водоснабдувањето од 06:00 до 17:00 часот.

Денеска се одржа 39-та седница на Советот на општина Струмица на која што беше усвоена предлог-одлуката за измена и дополнување на Буџетот на општина Струмица за 2020 година.

На седницата беа усвоени и предлог-програмите за измени и дополнувања на Програмите во областа на локалниот економски развој и туризмот, за уредување на градежното земјиште, за изградба, реконструкција, одржување и заштита на локалните патишта и улици, за одржување на јавната чистота и јавно зеленило, за активности во областа на заштитата на животната средина, културата, образованието, спорт и млади, во областа на заштитата и спасувањето, противпожарната заштита и справувањето со кризи, за изработка на урбанистички планови и располагањето со градежно земјиште во сопственост на Република Северна Македонија на подрачјето на општина Струмица.