Никола Андонов денеска го прими решението за избор на градоначалник на општина Ново Село од Општинската изборна комисија и официјално ја презеде градоначалничката функција од вршителот на должноста градоначалник, Горан Цветков.

„Ќе бидам градоначалник на сите граѓани на општина Ново Село. Ќе се обидам да ја вратам довербата во ова институција и да се посветиме да бидеме вистински сервис на граѓаните. Вратите на мојата канцеларија ќе бидат отворени за сите граѓани, бидејќи со нив и нивните потреби и критики ќе ја креираме општината во иднина. Паралелно не отстапувам од моите приоритети кои ги најавив. Ќе се посветам на завршување на канализационата мрежа во Ново Село и обезбедувањето на чиста вода за пиење во повеќето населени места во општината” – рече во првото свое обраќање како градоначалник, Никола Андонов.

Андонов ќе раководи со оваа општина до редовните Локални избори во октомври 2021 година.

На 10, 11 и 12 мај во Скопје се одржаа државни натпревари по хорско пеење, оркестри (бендови) и солисти од основни и средни училишта. Струмичките основнци и средношколци меѓу најдобрите пејачи и инструменталисти.

Во категоријата – солисти, прво место за Зорица Ѓоргиева од оОУ „Св. Кирил и Методиј“ од Дабиле за интерпретација на песната „Ако згрешам“ од Пепи Бафтировски и второ место за Анастасија Цамбулева од ООУ „Сандо Масев“ од Струмица за песната „Shallow“ од Lady Gaga.

Во категоријата – хорот на СОУ „Јане Сандански“ од Струмица, под менторство на Анита Станковска, кој се претстави со песните „Ave Maria“ од Arcadelt и „Yesterday“ од Beatles, на аранжман од Драган Шуплевски, го освои првото место, додека хорот на ООУ „Борис Трајковски“ од Моноспитово, под менторство на Ленче Велкова, со песните „Нашите моми“ – (традиционална македонска песна), и „Angels we have heard on high“, го освоија третото место.

Во категоријата - оркестри и бендови се претставија два оркестри од основни училишта, и тоа од ООУ „Никола Вапцаров“, ментор Милена Ристовска, со композициите „When the saints go masching“ и „Gladiator“ – Main Theme, и го освоија првото место, и од ООУ „Борис Трајковски“ од Моноспитово, ментор Ленче Велкова, со композициите „Мала предигра“ – Јосип Лулич и „HARK The herald angels sing“ – F. Mendelson, освојувајќи го второто место.

Бендот на СОУ „Јане Сандански“ од Струмица, под менторство на Денис Кирчанов, се претставија со песните „Mad about you“ од Hooverphonic и „О Јано, Јано“ и го освоија првото место.

Во сезоната на матури, свадби и прослави во петокот во „Que Pasa“ во Струмица, AVON ги претстави најновите трендови за шминка и тренди изглед со кои ќе можете да бидете впечатливи каде и да се појавите.

Сите присутни имаа можност да ја разгледаат големата палета на AVON производи за шминка, да добијат бесплатна брошура, мостра од новите кармини на AVON, а на секои 30 минути имаше и наградно извлекување и најсреќните имаа можност да го добијат 1 нијанса од новиот мат црвен кармин на AVON.

Таму беше и професионалениот шминкер Јованка, која се погрижи за бесплатна шминка на сите заинтерсирани и даваше совети за тоа како совршено да нанесете кармин и да пробате посмели комбинации за кои никогаш не сте помислиле дека ќе ви прилегаат.

За најсреќниот AVON подготви и „AVON несесер“ полн со шминки, кој ќе биде извлечен во четврток во 13:00 часот во канцеларијата на AVON  во Струмица и сите кои сакаат да бидам дел од настанот можат да дојдат на дружење.

ФОТОГАЛЕРИЈА

Управниот суд ја одби како неоснована тужбата поднесена од ВМРО-ДПМНЕ за изборите за градоначалник на општина Ново Село. Тие на својата веб-страница соопштија дека го потврдуваат решението што претходно го донесе Државната изборна комисија.

ВМРО-ДПМНЕ бараше да се поништи гласањето на Избирачкото место број 1789 во постапката за избор на градоначалник на Општина Ново Село и гласањето да се повтори. Тоа го бараа бидејќи констатирале дека во Избирачкиот список за тоа изборно место се потпишале вкупно 411 избирачи, додека во гласачката кутија биле пронајдени 412 ливчиња.

Државната изборна комисија на 11 мај го отфрли приговорот на ВМРО-ДПМНЕ за гласањето на ова избирачко место.

По оваа изборот за градоначалник на општина Ново Село на Никола Андонов и официјално се потврдува.

По најавите од УХРМ за обилни врнежи од дожд во наредните денови, денеска вонредна седница имаше Општинскиот штаб за заштита и спасување.

На седницата на која што присуствуваа претставници на Јавното претпријатие „Комуналец“, Противпожарната единица, Струмичко поле, Дирекцијата за заштита и спасување, Регионалниот центар за управување со кризи и општина Струмица, беше разгледана состојбата со браните „Турија“, „Водоча“ и „Маркова река“, состојбата на реките, пороите, каналите за одводнување и атмосферската канализација во урбаните делови на градот и населените места во општина Струмица - информираат од општината.

На седницата било констатирано дека браните се во добра состојба, каналите и пороите исто така, како резултат на нивното чистење од страна на општина Струмица и „Комуналец“.

Согласно процената на загрозеност на подрачјето на општина Струмица, како критични точки беа констатирани мостот кај Софилар и Ракиџиски мост каде што ќе се направи итна интервенција.

Истовремено ќе се известат и приватните фирми кои располагаат со соодветна механизација да бидат подготвени за интервенција доколку биде потребно.

Од ЈПКД „Комуналец“ информираат дека денеска започна со вонредна акција за чистење на сливниците на критичните точки низ градот, како што се улиците: „Младинска“, „Ѓорги Василев“, „Ката Поцкова“, Ристо Ќурчиев“, „Браќа Минкови“ и „Боро Поцков“. Проверени се сите кризни точки каде што се очекува голема количина на вода и континуирано ќе се следи состојбата на овие делови од градот.

Во рамките на 34-то коло од Првата македонска фудбалска лига, фудбалерите на „Академија Пандев“ од Струмица ремизираа на гостувањето во Тетово со фудбалерите на „Ренова“.

1:1 Заврши овој натпревар, а голот за струмичани го даде Даниел Милановиќ на почетокот од натпреварот во 11-та минута.

Во следното коло „Академија Пандев“ повторно ќе гостува во Тетово, но овојпат против „Шкендија“.

„Пандевци“ како што е познато го осигураа третото место и ќе играт во фудбалска Европа.

Струмичка „Беласица“ продолжува во низа да освојува бодови во при крајот на прволигашкиот шампионат. Нерешено со 2:2 помина на тешкото гостување кај „Шкупи“ и си освои бод плус за опстанок во Првата фудбалска лига. Марио Маслаќ во 34-та и Пепи Ѓоргиев во 6-та  минута беа стрелците за „Беласица“.

Со ова реми „Беласица“ и понатаму е претпоследна, имајќи во предвид дека „Силекс“ и „Работнички“ славеа во вчерашните натпревари. Сега имаат 39 бода, а следното коло „Беласица“ игра во Струмица со „Работнички“.

Хорот на СОУ „Јане Сандански“ од Струмица го освои првото место на Државниот натпревар по хорско пеење за основни и средни училишта што се одржа во саботата во Скопје.

33-цата членови на хорот, под менторство и диригентство на професорката Анита Станковска ги пееја песните „Ave Maria“ од Arcadelt и „Yesterday“ од Beatles во аранжман на Драган Шуплевски и од стручната жири комисија освоија 94 поени.

Прво место освои и бендот на СОУ „Јане Сандански“ на Државниот натпревар за оркестри и бендови од основни и средни училишта, кој се одржа денеска во Скопје.

Бендот во состав: Васил Бунгурџиев, Даниел Наков и Филип Костов, под менторство на професорот Денис Кирчанов, се претстваија со песните „Mad about you“ од Hooverphonic и „О Јано, Јано“. За нивната инструментална изведба добија 98 поени од жирито.

Целта на овие натпревари е да се согледа квалитетот на хорското пеење како и музицирањето на хоровите, оркестрите и бендовите во основните и средните училишта во државата.

Врнежи, појава на град, грмежи и силен ветар, големо невреме најавуваат синоптичарите која од денеска попладне земјава ќе биде под влијание на серија влажни бранови. Се очекуваат врнежи од 50 литри на метар квадратен, а во крајните западни и југоисточни делови врнежите ќе бидат пообилни.

Од Управата за Хидрометролошки завод велат дека невремето ќе донесе за неколку степени постудено време, а температурите ќе се движат од 14 до 22 степени.

Најавата за невремето ги мобилизира и инситуциите кои прземаат соодветни мерки и активности, Дирекцијата за заштита и спасување одржа вонреден работен состанок, оттаму посочија дека будно ја следат состојбата со зголемена мобилност.

По интензивните врнежи, кои следуваат во наредните денови, синоптичарите најавуваат стабилаизција на времето и сончеви денови од сабота, кога се очекува и покачување на температурите.

Младите кошаркари на „Партизан“ од Белград се победници на првиот интернационален турнир во кошарка - „Кошарка без граници“, кој во изминатите три дена се одржа во Струмица. Во финалето, „партизановци“ ги надиграа своите врсници од Загреб, КК „Цедевита“ со 86:65.

Подмладокот на КК „Спарс“ од од Босна и Херцеговина го освоија 3-то место во дуелот со „Златорог Лашко“ од Словенија со резултат 90:74.

За МВП на турнирот е прогласен Огнен Станковиќ од КК „Партизан“, а најефикасен со 99 поени е Филип Јовиќ од КК „Спарс“.

Во изминатите три дена сите натпревари ги следеше и струмичката кошаркарска ѕвезда, Владо Илиевски и поранешни кошаркари, а првиот турнир „Кошарка без граници“ се одржа во спортската сала на СОУ „Никола Карев“ во Струмица во организација на Кошаркарскиот клуб „Струмица“, со поддршка на Општина Струмица.

ФОТОГАЛЕРИЈА

М.А. од село Дабиле денеска пријавил во Полициска станица во Струмица дека во 03:00 часот, додека вршел обезбедување во угостителски објект во Струмица забележал непознато машко лице видно под дејство на алкохол кое почнало да крши чаши на подот и недолично да се однесувал внатре во објектот, вознемирувајќи ги присутните гости. Од страна на обезбедувањето бил отстранет од објектот.

Полициски службеници утврдиле дека пријавениот е бугарски државјанин К.Б. (39), кој е приведен и задржан во Полициската станица во Струмица, и против него ќе биде поднесена соодветна пријава - информираат од СВР Струмица.

Вардарци им го попречија патот на струмичани кон седмата шампионска титула.

Синоќа во СРЦ „Кале“ во Скопје одбојкарите на „ЏИО Струмица“ беа поразени со 3:0 од „Вардар“ и црвено-црните првпат триумфираа во меѓусебните дуели.

Третиот и одлучувачки натпревар е во вторник (14 мај), во Спортската сала „Парк“ во Струмица со почеток во 19:00 часот.

На плоштадот „Гоце Делчев“ денеска се одржа сообраќајно-воспитната манифестација „Детски семафор“, во организација на Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

На натпреварот учествуваа 30-тина ученици од основните училишта од општина Струмица, поделени во две возрасни групи, чии знаења се проверуваа преку решавање тест и со вешто возење велосипед на посебен полигон.

„Сообраќајните натпревари на учениците од основните училишта имаат за цел пошироко да ги ангажираат учениците за стекнување и проширување на знаењата од областа на сообраќајно-техничката култура, како завршен дел од работата на сообраќајно-техничкото образование и воспитување на учениците изведена низ редовните наставни содржини и воннаставни активности“ - рече Миле Стојменов, член на Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Според пропозициите за натпреварот, учесниците во првиот дел се проверуваа теоретски, преку компјутерска апликација во тест на знаење, со решавање на прашања за ситуации на раскрсници и познавање на сообраќајни знаци во просториите на ООУ „Сандо Масев“, а потоа во вториот дел го изведуваа вештото возење со велосипед на плоштадот „Гоце Делчев“

Првото место во малата група (машки) го освои Симеон Цунев, второто Столе Качуров и третото место Осман Томе. Во истата група (женски) првото место и припадна на Кристина Борисовска, второто на Мартина Азманова и третото на Вероника Василева.
Во големата група (машки) најдобри резултати постигна Бранко Партинов, второто место го освои Васко марковски и третото Димитар Костадинов. Кај девојчињата во големата група, првото место го освои Снежана Јованова, второто Драгица Патарова и третото Нимета Томе.

Учениците со најдобри резултати ќе ја сочинуваат општинската екипа која што ќе учествува на регионалниот натпревар.

Синоќа во малата сала на НУЦК „Антон Панов“ во Струмица беше промовиран романот „Лејла Мерлин“ од младата авторка Ангела Трајкова. Книгата ја промовираше м-р Владо Ефтимов, кој е и нејзин рецензент.

Фасцинира фактот што Ангела Трајкова има само 15 години, ученичка е во ООУ „Гоце Делчев“ во Босилово, а нејзиниот дебитантски роман е исклучително интересно и вредно дело од 320 страници.

Седумкратниот првак ОК „ЏИО Струмица“ ја отвори серијата против ОК „Вардар“ со домашна победа од 3:1, па доколку слави денеска во Скопје, тогаш ќе обезбеди пласман во финалето на разигрувањето.

Црвено-црните немаат избор и ако сакаат да останат во трка за прогрес во наредното коло, првпат сезонава треба да триумфираат во меѓусебните дуели со ривалот.

Тоа ќе биде тешка задача, затоа што на претходните четири освоија само три сета, а два натпревари загубија со по 3:0. На единствениот натпревар во Скопје беше 3:2 за актуелниот победник на Купот и освојувач на КУП пехарот, така што сите параметри пред денешната пресметка во СРЦ „Кале“ од 20:00 часот се на страната на струмичани.

Вардарци можат да се потпрат на освоениот сет во средата во салата „Парк“ во Струмица, на теренот на ривалот и да се обидат да и го нанесат само вториот пораз на „ЏИО Струмица“ сезонава во сите конкуренции. На тој начин, барем засега, би го попречиле патот на „ЏИО Струмица“ кон седмата шампионска титула, којашто ќе значи освојување на седмата двојна круна во клубската историја.

Младинските екипи на елитни кошаркарски клубови од поранешните југословенски простори, од вчера се во Струмица, како учесници на првиот интернационален турнир „Кошарка без граници“, во организација на струмичкиот кошаркарски клуб „Струмица“.

КК „Цедевита“ од Хрватска, КК „Партизан“ од Србија, КК „Златорог Лашко“ од Словенија, КК „Спарс“ од Босна, КК „Работнички“ од Скопје, како и домаќините КК „Струмица“ со своите подмладоци од генерацијата 2005-та и помлади се дел од овој кошаркарски турнир кој од вчера, денеска и утре се одржува во Спортската сала на СОУ „Никола Карев“.

Турнирот го отвори градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски, посакувајќи им на младите кошаркари да имат прекрасно спортско дружење во овие три дена, а на организаторите им посака овој интернационален турнир да прерасне во традиција.

На отворањето присуствуваа и поранешни кошаркари, како и македонскиот кошаркар и репрезентативец, струмичанецот Владо Илиевски.

Натпреварувањето го отворија домаќините КК „Струмица“ и гостите од Белград, КК „Партизан“. Денеска од 10:00 часот играт екипите на КК „Златорог Лашко“ и КК „Струмица“, во 12:00 часот КК „Цедевита“ од Загреб и КК „Златорог Лашко“ од Словенија, а попладне од 17:00 часот, КК „Партизан“ и КК „Златорог Лашко“, додека во 19:00 часот, КК „Цедевита“ и „Работнички“.

Утре, недела е последниот ден од турнирот „Кошарка без граници“, а финалето е во 13:00 часот, по што ќе следи прогласување на најдобрите и доделување на пехарите.