Министерството за здравство информира дека во изминатите 24 часа регистрирани се 139 нови случаи со ковид-19 од направените 1627 тестови, меѓу нив и двајца струмичани, еден од градот Струмица, кој е префрлен на клиниката „8-ми Септември“ во Скопје и еден од селото Вељуса, кој е во домашна изолација.

Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 239 оздравени пациенти. Почина еден пациент од Охрид во болнички услови.

„Уметноста живее и треба да живее дури и тогаш кога светот се соочува со пречки кои го менуваат нормалниот тек на живеење. Во ова време - невреме кога пандемијата од ковид-19 влијае на расположението на граѓаните, група ликовни творци со својот креативен набој, ќе се обидат да го привлечат вниманието на јавноста и да дадат до знаење дека уметноста е посилна од се“ – кажа градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски кој синоќа ја отвори 57-та меѓународна Струмичка ликовна колонија, која до 20-ти август ќе го разубавува летното струмичко секојдневие.

Стартот беше означен со две изложби. Првата е самостојна изложба на Снежана Мелник, а втората е насловена „Пријателство“ со дела од македонски и бугарски автори која првично била планирана за месец март, но истата е одложена поради пандемијата со коронавирусот.

Годинава за прв пат во својата долга историја Струмичката ликовна колонија се одржува без уметници од странство, и со двојно помал број на учесници и тоа само од Македонија, поради коронавирусот кој владее низ светот.

За дванаесетте автори кои во наредните десет дена ќе творат во Струмица обезбедени се сите неопходни улови согласно здравствените протоколи, а организаторите ветуваат дека учесници ќе бидат безбедни.

„Просторот каде што уметниците работат и сликаат е голем простор. Значи ќе биде обезбедена дистанца помеѓу уметниците, ќе носат заштитна маска и ќе се користат средства за дезинфекција против вирусот“ - вели Александар Филев, раководител на уметничка галерија Струмица.

Во наредните десет дена се очекува да бидат создадени нови триесеттина дела во скоро сите ликовни техники. Со нив дополнително да биде збогатен фондот на колонијата кој брои над 2560 дела создадени од околу 1400 ликовни уметници.

ФОТОГАЛЕРИЈА

Под мотото „Поинаква приказна“ во Струмица започна 9-то издание на „Струмица ОПЕН фестивал 2020“. Поради пандемијата со коронавирусот фестивалот ова година ќе се одржува под поинакви услови и без масовните концерти и настани кои беа карактеристични во изминатите осум години.

Синоќа се одржа првиот настан, аеробик тренинг на отворено. Во големиот Градски парк кај езерцето вежбаа 60-тина рекреативци од сите возрасти. Тренингот го водеше аеробик и пилатес инструкторот, Елена Илков од GoFit.

Општинската организација на Црвен крст – Струмица со свој волонтерски тим беше дел од синоќешниот настан со цел да информира за почитување на мерките за време на настанот.

Овој спортски настан е поддржан од Општина Струмица, Делегацијата на Европската Унија, Халк Банка и Sunday.

Програмата продолжува вечерва со „Ноќни патеки: Епизода „Цареви кули“. Збирното место за пешачката и велосипедската тура е малиот Градски парк. Идејата зад овој настан е да се промовираат трим и вело патеките и да покажеме дека со придржување до протоколите за организација на настани можеме да продолжиме со здравиот начин на живот и во време на пандемија.

СВР Струмица информира дека синоќа во 22:45 часот во Полициската станица, К.А. (30) од Струмица пријавил дека од домот се оддалечил неговиот татко А.А. (56). Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

СВР Струмица информира дека вчера околу 07:30 часот, на шумски пат викан „Безгаштовски пат“, помеѓу Струмица и Берово, на планината Огражден, С.В. (31 година) од село Бориево, струмичко, управувајќи трактор со приколка, се излизгал од патот и паднал во дол.

С.В. се здобил со тешки телесни повреди констатирани во болницата во Струмица. На местото на незгодата излегле полициски службеници од СВР Струмица.

Во последните 24 часа во Македонија, од направените 1828 тестирања, регистрирани се 200 нови лица позитивни на ковид-19, меѓу кои и едно лице во Струмица, информираат од Министерството за здравство. Во изминатото деноноќие четири пациент со ковид-19 починале. Во Струмица во моментот активни се 24 лица заболени со коронавирусот, а од почетокот на пандемијата евидентирани се вкупно 40 лица.

СВР Струмица денеска информираше за пожарот кој во средата попладне се случи во селото Гечерлија.

Според информацијата, опожарена била куќа во изградба, сопственост на А.Н. (56) и парцела сопственост на И.Н., и двајцата од село Гечерлија, како и бали јонџа и сено, бела техника, мотоцикл, пченка и пластеници со засадени земјоделски производи. Пожарот бил изгаснат од екипа на Територијалната противпожарна единица Струмица, а увид на местото извршила екипа на СВР Струмица.

Традиционалната меѓународна Струмичка ликовна колонија и годинава ќе се одржи, но без странските уметници, поради ситуацијата со пандемијата. Ќе учествуваат само македонски уметници, а досега своето учество го потврдиле десеттина.

Со две изложби ќе биде отворено 57-то издание на Струмичката ликовна колонија, во понеделник (10 август) во 20:00 часот. Првата изложба е насловена „Пријателство“, на која ќе бидат изложени дела од македонски и бугарски автори, а втората е самостојна изложба на акварели на Снежана Мелник насловена „La Vie En Rose“.

Годинашното издание на Струмичката ликовна колонија ќе трае до 20-ти август, во кој период учесниците ќе ги создаваат своите дела во повеќе различни ликовни техники, а ќе бидат изложени традиционално на денот на ослободувањето на Струмица, 11-ти септември.

Струмичката ликовна колонија е една од најзначајните меѓународни културни содржини кои се одржуваат секоја година во Струмица и е една од најзаслужните за мапирањето на Струмица во земјата и надвор од неа, како исклучително важен културен центар.

Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека во изминатите 24 часа најмногу дожд наврнало во Струмица, 62 л/м², во Прилеп 54, Скопје 50, Претор 42, Битола 41, Демир Капија 38, Куманово 31, Штип и Виница 28, Гевгелија 27, Крушево 25, Берово 23, Тетово 17, Крива Паланка 16, Охрид 13, Дебар 10 и во Дојран 7 л/м².

Времето попладне и во вечерните часови ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, локално и во форма на невреме со силен ветер и појава на град. Максималната температура ќе биде во интервал од 22 до 28 степени.

И утре времето ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, а локално процесите ќе бидат во форма на невреме со интензивен дожд, засилен ветер и услови за изолирана појава на град.

Во недела претпладне времето ќе биде сончево, а попладне ќе има изолирана појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи. Од понеделник ќе преовладува сончево и потопло време, но во попладневните часови ќе има изолирана појава на пороен дожд и грмежи.

Најдобриот тренер во македонската одбојкарска лига, струмичанецот Кире Ричлиев го продолжи договорот за соработка со ОК „ЏИО Струмица“.

По потпишувањето на договорот, Ричлиев го комплетираше и стручниот штаб. Асистенти кај помладите категории ќе му бидат: Костадин Ричлиев, Јане Попов, Васе Михаилов, Киро Арабаџиев и Владо Милев, кој ќе помага во развојот на одбојкарите во сите категории по најновите европски програми на CEV. За здравјето на играчите повторно лидер на медицинскиот тим ќе биде д-р Кочо Манчев, а ќе му помагаат д-р Душан Королија и физиотерапевтот Александар Црвенковски, информираат од ОК „ЏИО Струмица“.

Центарот за истражување и анализи НОВУС од Струмица во рамките на проектот „Волонтерство – надеж за иднината“, кој е финансиран од Цивика Мобилитас, организираше работилиници „Од идеја до реализација“, во која учествуваа ученици од трите средни општински училишта во Струмица.

Работилниците беа наменети за креирање на волонтерски кампањи кои подоцна практично беа реализирани на терен и истите ќе продолжат и во иднина со крајна цел преку позитивен пример да се поттикне волонтерството и да се обезбеди постојан развој преку јакнење на волонтерското ангажирање и граѓанското учество меѓу младите во решавање на проблемите во општината Струмица.

По завршување на обуките и работилниците тимот на млади од СОУ  „Никола Карев“ ја започнаа кампањата – „Паркирај совесно“, во рамки на која истите изработија информативни флаери и истите се делеа и поставуваа на прозорите на паркираните автомобили, со цел подигање на свеста кај граѓаните и решавање на проблемот со големиот број неправилно паркирани автомобили.

Тимот на млади од СОУ „Јане Сандански“ започна со кампања „Стоп за дискриминација“, каде преку информативни флаери, брошури и активности во и надвор од училиштето ќе се борат против дискриминацијата во училиштата.

Третиот тим со ученици од СОУ „Димитар Влахов“ започна со кампања „Здравјето пред се“, поставувајќи пункт за мерење на шеќер и притисок пред влезот на Трговскиот центар „Глобал“ во Струмица, а продолжи со делење на едукативни флаери за подигање на свеста за опасноста од ковид-19 и заштита од истиот.

Во недела започнува деветтото издание на „Струмица ОПЕН фестивал 2020“ и ќе трае до 3 септември. Ќе се реализираат 20 бесплатни настани распоредени во 20-дневна програма во градскиот парк. Локацијата на фестивалот ќе биде оградена и обележана со регулиран влез. Ќе биде дозволено присуство само со маска. На локацијата ќе бидат поставени седишта на соодветно растојание и настаните ќе може да ги следат ограничен број посетители.

Годинашното издание ќе биде во знакот на поддршката на македонската култура со акцент на почитувањето на препораките за заштита на јавното здравје! Фестивалот годинава ќе донесе нови спортски активности, филмски проекции, панел дискусии, детска програма, домашна музика и убава атмосфера!

Програмата ќе започне во недела со Chill Day, на 10 и 12 август ќе се одржат аеробик часови со Елена Илков. На 11 август велосипедска и пешачка патека до локалитет Цареви кули, а на 12 август препознатливата вечер на афоризми.

„Во обид да ја прекинеме долгата тишина на културата, спортот и уметноста ги реактивираме омилени летни сцени во нашиот град. Насмеани под маска, но претпазливи и одговорни, ве очекуваме на деветтото фестивалско издание. Нашата поинаква приказна ни ги враќа убавите звуци и слики кои традиционално го збогатуваат летото во Струмица. Заедно создаваме поинаква приказна во поинакви услови“, велат од здружението „Културен забавен живот“, организатор на фестивалот.

„Струмица ОПЕН фестивал 2020“ се одржува според одобрените здравствените протоколи за настани на отворено. Да бидеме одговорни, да се заштитиме себеси и нашите најблиски. Да ги почитуваме протоколите за време на настаните, порачуваат организаторите.

Согласно протоколот за организација на настани во време на COVID-19 задолжително е:
- носење на лична заштита на лицето (маска, шал, марама), на сите посетители и сите членови на тимовите задолжени за организација;
- задолжително одржување на физичко растојание на сите посетители и сите членови на тимовите задолжени за организација;
- задолжителна дезинфекција на раце на сите посетители и сите членови на тимовите задолжени за организација.

Струмичанецот Васил Гарванлиев синоќа на неговиот официјален YouTube канал ја објави најновата песна и видеозапис за „ПриКазна“.

Ова е негов втор проект оваа година по промоцијата на евровизиската песна „You“ со која Васил требаше да настапи на 65-тото издание на Евровизија во Ротердам.

Верен на својот стил, естетика и скриени пораки, овој пат Васил можеме да го видиме со уште поуникатен уметнички израз низ кој ја раскажува неговата приказна преку „борбата“ во/со себе, а воедно и со се што во моментотов ни се случува  – прашање со кое токму и започнува самата песна.

Автор на музиката е самиот пејач, текстот е на Тања Брковска, додека аранжманот е на неговиот долгогодишен соработник и композитор Давор Јордановски.

За видеозаписот се погрижија овој пат Digital Box продукција од Охрид во соработка со Ристе Филипов и креативниот директор Јелмаз Дервиши. Приказна е дел од новиот албум на Васил кој е во завршна подготовка и се очекува да биде објавен оваа есен.

Денеска напладне повторно избувна пожер во депонијата кај Добрашинци, се прошири и на околниот рид, а силниот ветар го ширеше и кон акумулацијата „Турија“. Интервенираа Противпожарната единица на Струмица и екипи на ЈПКД „Комуналец“.

Од ТППЕ Струмица информираат дека околу 13:15 часот избувнал пожар и во стара куќа во Гечерлија, која служела како помошни простории за складирање на сено. Противпожарна единица интервенирала со три возила и седум пожарникари. Заради ветрот и исушеното сено пожарот се проширил по целиот објект. Спречено е ширење на пожарот кон околните објекти и земјоделска механизација.

Од ЕВН Македонија – КЕЦ Струмица информираат дека утре (четврток, 6 август), од 09:00 до 11:30 часот без електрична енергија ќе останат корисниците во населеното место Старо Добрејци (општина Струмица).

Министерството за внатрешни работи ги демантира објавите на „Алфа“ и „СкопјеИнфо“, но и на многу други веб портали кои ја преземале веста, дека од денеска е распишан јавен оглас за вработување на 500 полицајци.

Во моментов, МВР нема распишано оглас за вработување на полицајци воопшто, а последниот јавен оглас за вработување на 500 полициски службеници е распишан во август 2017 година.

Имено, и на линкот наведен во текстовите на двата портала, кој треба да води до наведениот оглас, упатува до празна страница, односно во моментов не постои објава на ниту еден оглас, се наведува во демантот од МВР.

Министерството за внатрешни работи апелира да не се изнесуваат лажни вести и дезинформации кои можат да доведат до забуна во јавноста, туку, се подвлекува во демантот, инсистира на точно, навремено и вистинито информирање, кое е и еден од приоритетите во работењето на ова министерство.