Во последните 24 часа се направени 1507 тестирања, а регистрирани се 88 нови случаи со ковид-19, меѓу кои и едно лице во Струмица.

Министерството за здравство информира дека починаа шест лица, две пациентки од Скопје, пациент од Куманово, пациент од Гостивар, пациент од Тетово и пациент од Штип.

Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 113 оздравени пациенти.

Од ЕВН Македонија – КЕЦ Струмица информираат дека утре (среда, 5 август), во периодот од од 08:30 до 15:30 часот без електрична енергија ќе бидат корисниците од Рудник Огражден (Хамзали), Чанаклија, Манастир Хамзали и Дрвош, а кратки прекини со напојување во истиот период ќе има во Петралинци, Старо Балдовци, Хамзали и околните индустриски објекти.

Прекинот е поради реализација на инвестициони зафати за подобрување на квалитетот во снабдувањето со електрична енергија.

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 830 тестирања, а регистрирани се 75 нови случаи со ковид-19.

По градови, во Скопје 32, Кавадарци и Гостивар 8, Тетово 7, Штип 5, Куманово 4, Пробиштип, Македонски Брод и Кичево 2, по еден во Кочани, Виница, Свети Николе, Неготино и Струмица. Во Струмица активни се 22 лица со ковид-19, а од почетокот на пандемијата регистрирани се 38 лица. 

Пет лица починале во изминатите 24 часа, пациент од Скопје (52), два пациенти од Куманово (55 и 82години), пациент од Гостивар (62) и пациент од Охрид (64) Четири пациенти се починати во болнички услови, а еден вонболнички.

Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 136 оздравени пациенти.

Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека до граничните служби на граничните премини „Стар Дојран“ и „Меџитлија“ од страна на грчката гранична служба од граничните премини „Дојрани“ и „Ники“, а во врска со новите протоколи на грчката Влада за рестрикитивни мерки за ковид-19, доставено е известување дека грчките гранични премини „Дојрани“ и „Ники“ ќе бидат целосно затворени за сообраќај до 15.08.2020 година (сабота).

Сите патнички и товарни моторни возила што планираат да остварат влез и излез од и во Грција до наведениот период, тоа ќе може да го остварат на грчкиот граничен премин „Евзони“. 

Синоќа околу 02:00 часот после полноќ се случила сообраќајка на патот Радовиш - Штип, во која две лица се повредени, штипјанец и струмичанец.

„На 02.08.2020 година во 02:05 часот на магистрален пат Радовиш - Штип се случи сообраќајна незгода помеѓу патничко моторно возило „Ауди А4“ со штипски регистарски ознаки управувано од Ј.Д. (58) од Штип и патничко моторно возило „БМВ Х5“ со бугарски национални ознаки управувано од А.А. (42) од Струмица. По незгодата со возило на Итна медицинска помош возачите биле пренесени во Клинички центар Штип каде на Ј.Д. му биле констатирани тешки телсени повреди, додека на А.А. му биле констатирани повреди. Увид на местото на настанот извршила екипа од Полициска станица Радовиш“ – стои во соопштението на МВР.

Во последните 24 часа направени се 1419 тестирања, а регистрирани се 166 нови случаи на ковид-19, информираат од Министерството за здравство. Најмногу ги има во Скопје 47, а едно лице е регистрирано и во Струмица.

Починале четворица, пациент од Скопје, пациент од Кичево, пациент од Штип и пациент од Битола. Денеска Институтот за јавно здравје регистрирал 185 оздравени пациенти.

По повод 117 години од Илинденското востание и 76 години од Првото заседание на АСНОМ, денеска во Струмица беше одбележан Денот на Републиката - 2 август.

Утринава на Градскиот плоштад во Струмица, пред Споменикот на апостолот на македонската револуционерна борба за слобода и самостојност, Гоце Делчев, градоначалникот и членови на Советот на општина Струмица, претставници на Сојузот на борците, на политички партии, положија свежо цвеќе.

За двата Илиндена говореше градоначалникот на општина Струмица, Коста Јаневски, истакнувајќи дека Илинден не смее да биде само дел од едно наше минато свршено време, туку да биде потсетник за креирање на една нова успешна приказна, во која свое место ќе пронајдат идните наши поколенија.

„Денеска нашава земја слави 117 години од востаничкиот Илинден и 76 години од државотворниот Илинден. Овој голем ден е најаргументираниот и најсилниот одговор на прашањето: Кои сме, што сме и која е нашата татковина? Двата Илиндена се две грандиозни покритија за смислата на нашето постоење, два големи печата на нашата татковинска тапија, две причини за негување и исполнување на аманетот кои ни го оставиле оние кои со љубов и крв ја испишувале нашата историја“ – кажа Јаневски.

Со едноминутно молчење им беше оддадена почит на сите Илинденци и Асномци, а членови на рецитаторската секција при Домот за деца и млади „Благој Мучето“ од Струмица изведоа револуционерна поезија.

Чествувањето на големиот празник беше заокружено пред Спомен бистата на илинденскиот војвода Ристоман Кочев Попчевски во селото Попчево, со полагање на свежо цвеќе.

Македонските православни верници денеска го слават Денот на Свети Илија. Свети Илија или Громовник, проповедал 25 години. Се слави во денот кога се менува времето: до пладне е лето, од пладне есен, па затоа на неговиот ден не се капат (бањат) во реката. Неговото име на еврејски значи сила Господова.

Празникот Свети Илија е најславен ден во македонската национална историја и најголем празник за македонската нација. Пред се, тука се славењето на Илинден преку Илинденското востание, како и современата држава Македонија преку заседанието на АСНОМ на овој светол, празничен православен ден.

Најостро реагираме на скандалозната Одлука на Регулаторната комисија за енергетика за поскапување на струјата за високи 7,4% и бараме истата веднаш да биде повлечена, стои во реакцијата на потписници на Повелбата за солидарност и здруженијата и организациите за заштита на човековите и работничките права.

Револтира што Одлуката се носи во екот на најголемата криза од поновото време, кога илјадници луѓе остануваат без работа или добиваат намалување на платите, како и во период кога се обелоденуваат разни малверзации од страна на фирми кои добивале државна помош а не исплаќале плати на вработените. Со ваква штетна предлог Одлука уште еднаш се потврдува дека најголемиот удар од кризава ќе биде врз економски најранливите и работниците.

Револтира образложението на Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, дека цената морала да се покачи, поради намалените приходи на енергетските компании. Профитот на големите монополски компании не смее да биде пред јавниот интерес и обврската на државата да ги штити посиромашните граѓани.

Револтира и тоа што одлуката се носи преку ноќ, без никаква јавна консултација, среде лето, пред продолжен викенд и државен празник, кога граѓаните немаат многу простор да реагираат на неа. Одлуката се носи и во пост-изборен период, кога не е конституирано Собранието и нема избрано нова Влада, поради што е спорен и нејзиниот легитимитет, бидејќи ова не е техничка одлука. Ова е политичка одлука, со сериозни политички и социјални последици, која ќе ги засегне сите граѓани на оваа држава на долг период.

Укажуваме и дека многу европски држави во кризава донесоа одлуки со кои ги одложија или ги покрија сметките за струја за сиромашните граѓани, или пак ја намалија цената на струјата. Нашата држава, која има највисока сиромаштија и невработеност во цела Европа, има уште поголема обврска да донесе некоја таква мерка, наместо да покачува цени.

Поради сето ова, бараме Регулаторната комисија за енергетика веднаш да ја повлече Одлуката за поскапување на струјата!

Потписници на Повелбата за солидарност и здруженијата и организациите за заштита на човековите и работничките права:

  • Синдикат на македонската дипломатска служба (СМДС)
  • Синдикат на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ)
  • Самостоен синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ)
  • Синдикат на културата на Република Македонија (СКРМ)
  • Конфедерација на синдикалните организации на Македонија (КСОМ)
  • Независен академски синдикат (НАкС)                                                                                              
  • Левичарско движење СОЛИДАРНОСТ
  • Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија
  • Здружение на граѓани „Гласен Текстилец“
  • ЈАДРО - Асоцијација на независната културна сцена
  • Субверзивен фронт

Јавното претпријатие за Држави патишта, по паузата од предизборниот период, продолжи со активностите за реконструкција на магистралниот пат СтрумицаНово Село.

Директорот на ова јавното претпријатие, Зоран Китанов, кој денеска беше во обиколка за одблиску да се запознае со активностите на самото место, информираше дека во моментот продолжуваат со рекострукцијата на патот од потегот на влезот во Босилово. Станува збор за делница од 2,9 километри за што ќе бидат потрошени 23.750.000 денари.

Градежните активности за реконструкција на патниот правец од Струмица до Ново Село во должина од 12,3 километри започнаа да се реализираат од април минатата година, делница по делница со средства од Светска банка, за кој се обезбедени 1.800.000 евра. 

Директорот на ЈП Државни патишта, Зоран Китанов информираше дека паралелно се работи и на патниот правец Струмица – Берово, на потегот од Палазлија до излезот на населбата Суви Лаќи. Таму се рехабилитира делница од 6,6 километри во вредност од 46.400.000 денари.

По спроведена истражна постапка, Основното јавно обвинителство Струмица денеска поднесе Обвинителен акт против едно лице од село Добрејци за кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 1 од Кривичниот законик, информираат од ОЈО во Струмица.

Во текот на истрагата, обвинителството прибра доволно докази кои ја потврдуваат основаноста на сомневањето дека обвинетиот, на речиси идентичен начин како и во случајот со претходната жртва Ристо Иљашев, го извршил кривичното дело и кон втората жртва, Александар Мицев од Струмица, кој беше пронајден во резервоар за гориво во водите на браната Турија на 5-ти август минатата година. Тој го лишил од живот оштетениот на подмолен начин и од материјални побуди.

На 09.10.2018 година, во адвокатска канцеларија во Струмица, обвинетиот и неговата жртва склучиле Договор за купопродажба на недвижен имот – деловна просторија. Притоа, оштетениот се јавува како продавач, а обвинетиот како купувач. По ова, тие заминале во село Добрејци, во работилницата на обвинетиот за наводна исплата на парите во готовина.

Искористувајќи ја приликата кога останале сами и довербата што оштетениот ја имал кон него, обвинетиот испукал два куршума од огнено оружје со калибар 22 (5,6 мм) во пределот на главата на жртвата.

Од здобиените повреди кај оштетениот дошло до пореметување и прекин на работата на важни мозочни центри и настапила смрт.

Обвинетиот го ставил телото на убиениот во метален резервоар за гориво, кој го обвиткал со полиетиленска фолија. Потоа со возило го однел на браната „Турија“ и го фрлил во езерото.

Обвинетиот, со пресуда на Основниот суд Струмица од 06.02.2020 година веќе е осуден за уште едно такво кривично дело, при што му е одредена казна затвор во траење од 20 години.

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа направени се 1377 тестирања, а регистрирани се 139 нови случаи на ковид-19 од кои и еден во Струмица.

Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 534 оздравени пациенти од кои најмногу во Скопје 353 пациенти, а четворица и во Струмица.

Од Министерството за здравство велат дека во денешните регистрирани оздравени лица најголем број се лица од изминатиот период пријавени збирно од локалните Центри за јавно здравје кон Институтот за јавно здравје.

Во изминатите 24 часа починаа шест пациенти со ковид-19, пет од Скопје (на 34, 66, 67, 67 и 86 години) и пациент од Кочани на 76-годишна возраст.

Градоначалникот на општина Струмица, Коста Јаневски по повод празникот Курбан Бајрам упати честитка до граѓаните од исламска вероисповед во општината Струмица.

Почитувани граѓани од исламска вероисповед,

Курбан Бајрам, еден од двата најголеми празника на Вашата вера, нека ви ги исполни срцата и домовите со радост и среќа.

Празничниот дух нека ви донесе здравје, благосостојба и успех Вам и на Вашите семејства, но и подготвеност за подадена рака на сите оние на кои им е потребна.

Среќен и вековит да ви биде Курбан Бајрам. Bajram Serif Mubarak Olsun, напиша градоначалникот Јаневски.

Правилното депонирање на кабастиот отпад и градежниот шут има директно влијание во зачувувањето на урбаната животна средина од аспект на санитарно и еколошко значење.

Од Одделението за комунална хигиена при ЈПКД „Комуналец“ Струмица  велат дека и покрај тоа што вршат собирање на смет два пати неделно низ четири реона во градот Струмица и централното градско подрачје и низ три реони по населените места, одржување на јавна чистоќа со метење на улици низ градот со 9 екипи шест дена во неделата, секојдневно се појавуваат нови депонии од градежен шут, стар намештај и гранки од дрвја околу и во контењерите кои се поставени низ градот, а служат исклучиво само за смет од домаќинствата.

Голем број несовесни граѓани со тоа ја загрозуват својата безбедност, безбедноста на пешаците и возилата, создаваат лоша слика за градот.

Според Законот за јавна чистота, не е дозволено градежниот шут што настанува при градење или реновирање на домовите и дворовите, граѓаните и правните субјекти да го оставаат во или околу контењерите за комунален отпад.

За да се спречи оваа несакана појава ЈПКД „Комуналец“ апелира и ги ивестува сите граѓани ваквиот тип на отпад да го оставааат пред своите дворови и да се јават во Одделението „Комунална хигиена“ во ЈКПД „Комуналец“ за да може истиот да биде навремено подигнат.

Македонскиот одбојкарски прволигаш „ЏИО Струмица“, го формира тимот за новата одбојкарска сезона. Претседателот на клубот, Ѓорги Ѓоргиев Џио потпиша договор за продолжување и со Марјан Урдов.

Урдов имаше на маса неколку примамливи понуди од странство, но одлучи да остане во Струмица и биде дел од амбициозниот проект на клубот, кој треба да донесе позитивни резултати како на домашната така и на меѓународната сцена.

Претходно претседателот на клубот, Ѓоргиев го продолжи договорот и со Ристо Николов, а во своите редови ги врати репрезентативците Владо Милев и Васе Михаилов.

Утрово околу 06:00 часот е изгаснат пожарот што го зафати реонот кај Едрениково во општина Василево, потврдија од Противпожарната единица на Струмица.

Во гаснењето на пожарот кој избувна вчера околу 17:30 часот беа ангажирани 25 пожарникари со шест противпожарни возила, освен од ТППЕ Струмица на помош дојдоа и пожарникари од ТППЕ Радовиш.

Опожарена беше поголема земјоделска површина, а дополнително ќе се утврдуваат штетите, но и причините за настанувањето на пожарот кој се префрли кон населеното место Владевци до магистралниот пат Струмица – Радовиш.