Според најавата од УХМР, денеска и утре, целата држава ќе биде зафатена со температури од жолта (алертна) фаза. Потребно е да ги почитуваме општите мерки за заштита на нашето здравје.

- Во текот на екстремно топли денови да се остане повеќе во затворени простории (пред се климатизирани), а при неопходен престој на отворен простор во овој период, да се најде можност за почести одмори под сенка;

- Да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце да се носат заштитни очила и капа и да се користи крема со висок заштитен фактор;

- Да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку масна храна;

- Да се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци;

- При влегување во возило, потребно е тоа одреден период да се проветри;

- На хронично болните лица се препорачува редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари.

Поради високите температури и зголемената можност за појава на труења со храна и цревни заразни заболувања, се препорачува задолжително миење на земјоделско-градинарски производи (свеж зеленчук и овошје) пред нивна употреба, термичка подготовка на храната и нејзино консумирање веднаш по подготовката.

Комисијата за следење на ефектите од високите температури при Министерството за здравство во континуитет ја следи состојбата и по потреба ќе предлага мерки и активности за минимизирање на евентуални штетни ефекти од високите температури.

Од Противпожарната единица на Струмица информираат за пожарот кој избувнал околу 17:30 часот во атарот на село Едрениково.

„Пожарот со голема брзина се прошири во сите правци и кон селото Владевци во фронтална линија од околу 2 километри. ТППЕ Струмица со шест противпожарни возила и 20 пожарникари се уште е на терен до целосно ликвидирање на пожарот“ – информираат од ТППЕ Струмица.

Од ЕВН Македонија - КЕЦ Струмица информираат дека поради реализација на инвестициони зафати за подобрување на квалитетот во снабдувањето со електрична енергија на ден 30.07.2020 година (четврток), од 09:00 до 13:00 часот без електрична енергија ќе останат корисниците од селата Еднокуќево и Робово, Робово Индустрија и Бензинска станица „Национал“ Робово.

Повеќе од два часа гори во близина на селото Едрениково, општина Василево. Гори поголема површина од стрниште. Противпожарната единица е на терен и се справува со пожарот, кој се шири кон Владевци во близина на патниот правец Струмица - Радовиш.

 

Тројца млади струмичани, членови на ЗСР „Шампион 2005“ од Струмица беа меѓу најдобрите на традиционалниот Крапски Куп натпревар – „Крапска дружба 2020“, кој викендот се одржа на езерото Тршино во близина на Виница.

Екипата составена од Трајче Аљоков, Коста Поп Иванов и Бобан Јовановски, во конкуренција на осум екипи, го освоија второто место со вкупен улов од 68,750 килограми. Тие го освоија и пехарот за најголема уловена риба со тежина од 10,750 килограми.

Македонскиот одбојкарски репрезентативец, струмичанецот Никола Ѓоргиев денеска ја имаше и својата официјална промоција во новиот клуб „Инегол Беледиеспор“, со кој потпиша едногодишен договор.

Минатата сезона Никола ја мина во германскиот прволигаш „Фридрихсхафен“, а трансферот во „Инегол“ претставува камбек во турската одбојка, каде во периодот од 2011 до 2014 година со успех го носеше дресот на „Спор Тото“.

„Сакам да им се заблагодарам на сите во клубот за прекрасниот дочек, како и на претседателот за вложениот напор за да ме доведе во Инегол. Среќен сум што сум овде, од првиот ден сум прифатен како дел од семејството и верувам дека заедно ќе постигнеме добри резултати во новата сезона. Инегол со право има високи амбиции, бидејќи има одлични одбојкари и врвен тренер. Голем поздрав до сите навивачи и се надевам дека кризата со коронавирусот наскоро ќе заврши, за да можеме заеднички да се радуваме на победите“, изјави Никола Ѓоргиев.

Нашиот најдобар одбојкар во кариерата настапуваше и за Париз во Франција, за Варшава во Полска, во јапонскиот шампионат ги бранеше боите на „Торај“ и на „Осака“, во Италија една година беше дел од тимот на „Форли“, а првиот интернационален предизвик по заминувањето од Струмица го имаше во српскиот клуб „Раднички“ од Крагујевац.

Министерката за финансии, Нина Ангеловска соопшти дека утрово се префрлени 32 милиони денари кон банките за прифатените 9.200 приговори, најмногу од млади кои ги немаше во листата за помош со платежна картичка „Купувам домашно“.

Иако минатата недела, откако им беа прифатени приговорите, добија платежна картичка „Купувам домашно“, истите беа празни. Образложението на банките беше дека тие само ги отвораат сметките и ги изработуваат картичките, а за средствата на картичките зависи од Владата кога ќе ги исплати.

Министерката Ангеловска вели дека во текот на денешниот и утрешниот ден парите банките ги стават на располагање на домашните платежни картички на граѓаните.

Инаку, од разгледаните 46.000 приговори, 9.200 беа прифатени од кои 5.800 на млади лица од 16 до 29 години, 700 на невработени лица со низок доход и 2.700 на вработени лица, но со низок доход.

Со денешната префрлена сума од прифатените приговори вкупно се исплатени 28,3 милиони евра. Заклучно со 25 јули се издадени над 300.000 картички во износ од 26 милиони евра, од кои 20 милиони евра потрошени за купување домашни производи и услуги. Заклучно со 25 јули со картичките се направени 1,5 милиони трансакции. Последниот рок за да се потрошат парите, односно да се искористат за купување домашни производи во трговската мрежа е 15 август.

Младиот струмички ракометар Стефан Андонов потпиша за битолски „Еурофарм Пелистер 2“.

17-годишниот струмичанец Стефан, првите чекори во ракометот ги прави на 13-годишна возраст во Ракометната школа на РК „Астраион“ во Струмица, каде ги одигра и првите натпревари во пионерска категорија и тука ги стекнува првите ракометни искуства.

По три години во матичниот клуб, РК „Астраион” му се укажа можност да биде дел од кампот на Стефче Алушовски и на 16 години заминува во ракометната академија на „Алушовски”, предводена од стратегот Александар Јовиќ.

„По успешната дебитантска сезона во екипата на „Алушовски“ во првата ракометна лига во Македонија, како млада екипа постигнавме одлични резултати. Желбата и посветеноста кон ракометот ги убеди челниците на „Еурофарм Пелистер 2“ да ме повикат во нивните редови каде веќе потпишав договор и ќе бидам верен на клубот најмалку 6 години“, ни кажа Стефан.

Екипата на „Еурофарм Пелистер 2“ минатата недела ги започна подготовките, а во меѓувреме ги доби и противниците во Суперлигата. Младата екипа ќе игра во групата Б заедно со „Прилеп“, „Металург“, „Работнички“, „Младост“ Богданци, „Тиквеш“ и „Бутел“ Скопје.

Просторот околу Габровските водопади веќе добива нов лик со активностите кои се во полн ек од дополнителното уредување кое започна на почетокот од овој месец, информираше на својот Фејсбук профил, градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски.

„Започнатите проекти согласно програмите на општина Струмица за оваа година се реализираат според планираната динамика. Овозможуваме уште една прекрасна дестинација за љубителите на природата, патека до третиот водопад“, напиша градоначалникот Јаневски.

Уредувањето на Габровските водопади опфаќа проширување на патеката до третиот водопад во должина од 740 метри и ширина од 1,5 метри, изведба на два моста, платформа и уредување на летниковците со маси и клупи. Парите за овој проект во висина од 6.300.000 денари се обезбедени од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој.

Синоќа околу 19:30 часот на локалниот пат кон село Три води, во непосредна близина на Раборска крстосница, струмичко, полициски службеници од СВР Струмица го лишиле од слобода Д.Х. (25) од Велес.

При контрола на товарно возило „Мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, што го управувал Д.Х. биле пронајдени 50 мигранти и тоа 33 од Бангладеш, 15 од Пакистан и две лица од Авганистан – информираат од СВР Струмица.

Д.Х. бил приведен и задржан во Полициската станица Струмица, а увид на местото извршиле екипи на Регонален центар за гранични работи и Секторот за внатрешни работи Струмица.

По целосно документирање на случајот, против возачот ќе биде  поднесена соодветна пријава.

Од ЕВН Македонија – КЕЦ Струмица информираат дека утре (среда, 29 јули), од 09:00 до 15:00 часот без електрична енергија ќе останат корисниците во Петралинци, Старо Балдовци, Хамзали и индустриските објекти околу Рудник Огражден (Хамзали), Чанаклија, Манастир Хамзали и Дрвош.

Прекинот е поради реализација на инвестициони зафати за подобрување на квалитетот во снабдувањето со електрична енергија.

Бугарската влада одлучи делумно да ги олесни мерките за влез во земјата за пет држави, меѓу кои и Македонија, при што македонските државјани ќе можат да влезат во Бугарија само со негативен ПЦР тест, н епостар од 72 часа.

Освен од Македонија, со приложен ПЦР тест, во Бугарија ќе можат да влезат и државјани на Србија, Молдавија, Израел и Кувајт.

Според бугарската Влада, одлуката за овие олеснувања е на барање на туристичкиот сектор во земјата.

МВР информира дека во саботата во 21:40 часот врз основa на меѓународна потерница од Холандија, од полициски службеници од Полициска станица Ново Село, бил приведен Л.Ф. (50) од Швајцарија. Од судија му е одреден притвор до понатамошна постапка за предавање на холандиските власти.

Министерството за внатрешни работи од денеска, согласно постоечките законски одредби за функционирањето на т.н. техничка влада, повторно ги врати на старите раководни функции 14 раководни лица на исто толку организациони единици во министерството, кои беа на овие позиции и пред формирањето на техничката влада.

Во СВР Струмица, Танчо Пројковски повторно е именуван за началник на Секторот за внатрешни работи Струмица на местото на досегашниот началник, Васил Тодоров.

Започна роденденската недела во „РАЗНОПРОМЕТ АС“ во Струмица за својот 26 роденден, а која ќе трае до сабота 1 август со попуст од 10% до 70% на се што има таму, на сите над 40.000 артикли сместени во продажниот простор од 2500 м².

„РАЗНОПРОМЕТ АС“ се наоѓа од левата страна на излезот од Струмица кон Дабиље...

ФОТОГАЛЕРИЈА

ВИДЕО

Во Фудбалската Федерација на Македонија, денеска точно напладе се одржа ждрепката за новата сезона во прволигашката конкуренција. Новата сезона во Првата македонска фудбалска лига која годинава ќе брои 12 екипи, ќе започне на 9 август.

Струмичките прволигаши ФК „Академија Пандев“ и ФК „Беласица“ првото соочување ќе го имат на 1 ноември на стадионот „Благој Истатов“, домаќини ќе бидат „пандевци“, а реваншот ќе им биде на 3 март следната година.

Во првото коло „Беласица“ ќе игра со „Силекс“ од Кратово на домашен терен во Струмица, додека „Академија Пандев“ ќе бидат на гости во Битола каде ќе играт со „Пелистер“.

Екипата на „Академија Пандев“ на 16 август се домаќини на скопски „Вардар“, деодека „Беласица“ истиот ден му гостува на „Работнички“ во Скопје.

Во продолжение преземете го комплетниот распоред на натпреварите за натпреварувачката сезона 2020/2021 во Првата македонска фудбалска лига >>>