Нагло покачување на загаденоста на воздухот во Струмица во 13:00 часот од 624 µg/m3 ПМ10 честички, а во 12:00 часот загаденоста беше само 89 µg/m3.

Граѓаните реагираат, дали е нормално или се работи за дефект на Мерната станица, поставена во Струмичката болница.

Од Одделението за животна средина при општина Струмица велат за да се случи вакво нагло покачување на загаденоста во воздухот треба да има пожар во овој реон, но веројатно се работи за дефект во електрониката на Мерната станица.

Во 14:00 часот загаденоста на воздухот во Струмица е 94 µg/m3 ПМ10 честички.

 

По повеќе од четири години од отворањето, Општинското фудбалско игралиште со вештачка трева „Филип Лазаревски“ во Струмица, кое се наоѓа до стадионот „Благој Истатов“, конечно доби трибина за околу 150 гледачи.

Ова игралиште е ставено во употреба во април 2015 година, како дел од проект на Општина Струмица и Фудбалската Федерација на Македонија. Целиот овој проект чинеше околу 430.000 евра, од кои најголемиот дел од 330.000 евра ги обезбеди Општина Струмица од свои буџетски средства, а 100.000 евра во вештачка трева се донација од Фудбалската федерација на Македонија, преку програмата на УЕФА - Хет-трик.

Уште тогаш беше најавено дека како втора фаза од проектот е предвидено изградба на трибина со капацитет од 200 седишта, поставување шест столбови со рефлектори за одигрување ноќни натпревари, изградба на соблекувални, како и паркинг простор.

Инаку, градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски на својот Фејсбук профил објави дека трибината е направена со заедничко учество на сите клубови, а столчињата се донација од ФК „Беласица“. Општинското игралиште ќе го користат фудбалските клубови „Беласица“, „Академија Пандев“, „Тиверија“, женскиот фудбалски клуб „Тиверија“ како и спортската паралелка – Струмица.

ОО на Црвен крст во Струмица од неодамна е верификувана организација за спроведување на обуки за негувател/ка на стари и немоќни лица во Југоисточниот регион, согласно верификувана програма од страна на Центарот за образование на возрасните и Министерството за образование и наука.

Со цел развивање на услугите за долготрајна нега на стари лица од страна на квалификуван и професионален кадар, Црвен крст - Струмица започнува со организирање на обука за негувател/ка на стари и немоќни лица. Обуката, која содржи теоретски и практичен дел, трае 3 месеци, а ќе се реализира во простории на Црвен крст - Струмица прилагодени и опремени со потребната опрема и помагала. Обуката ќе ја изведува наставен сертифициран кадар-едукатори (доктор по медицина, медицинска сестра, социјален работник). По успешно завршената обука кандидатот се стекнува со соодветен меѓународно признат Сертификат за негувател/ка на стари и немоќни лица.

Заинтересираните кандидати на возраст од 18-60 години, ќе можат да се пријават во просториите на Црвен крст - Струмица, на е-маил: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите. или на еден од телефоните 077/908-308 и 071/345-901, каде треба да ги остават следните податоци (име и презиме, дата на раѓање и контакт телефон, е-маил).

Огласот за пријавување на кандидати за обука на неговател/ка на стари и немоќни лица е отворен од 07.11. до 15.11.2019 година.

Од ОО на Црвен крст во Струмица ги очекуваат сите кои имат желба и потреба да стекнат вештини и знаења за помош и негување на стари и немоќни лица и се стекнат со меѓународно признат Сертификат за негувател/ка.

Во Струмица се организираат многу културни настани, општината годишно троши околу 14 милиони денари, или околу 19.000 евра секој месец, но малку се посетувани од страна на граѓаните. Ова го констатира Здружението за култура и уметност „Сцена“ од Струмица по направеното истражување во изминатиот период.

Како да се врати публиката на културните настани? Актерот Бранко Бенинов смета дека треба да се иницираат културни навики кај граѓаните, бидејќи не може да се трошат пари, а публиката да ја нема.

„Средношколците ги прашавме што најмногу сакаат да следат од културните настани и излезе дека тоа е музиката. Но, да ја слушаат дома, а да не учествуваат во музички настани. Затоа, мора да почне да се размислува што е забава, а што култура“ - кажа Бенинов.

Актерката Оливера Аризанова Мансбарт вели дека младата публиката многу добро знае што е тоа квалитет, а што не е, и младата публика не можеш да ја излажеш.

„Јас почнав или „се заразив“ со театар или театарска уметност со учество во Младинската сцена која постоеше во Домот на културата. Таа Младинска сцена не постои повеќе. Ние со години се трудиме и апелираме до надлежните, вратите да ги отвориме за младите луѓе. Така влегов јас, така влегоа моите колеги. Ние немаме друг начин како таа млада публика или тие млади луѓе да ги инволвираме во театарската уметност. Друго нешто не постои, освен со директна вклученост во културни проекти“ – смета Оливера Аризанова Мансбарт.

Здружението за култура и уметност „Сцена“, синоќа во Домот на АРМ во Струмица организираше Панел-дискусија на тема: „Аудиовизуелните уметности како начин за здоволување на потребите на граѓаните и развој на локалната заедница“, на која говореа познати личности од областа на културата, со цел иницирање културни навики кај граѓаните, а посебно кај младата популација, да ги следат, но и да бидат активни чинители во културните настани кои се одржуваат во Струмица.

ВИДЕО од промоцијата на настанот „Бренд Струмица“ што се одржа во хотелот „Вила Парк“ во Струмица со слоганот „СТРУМИЦА ЅВЕЗДА ПОД НЕБОТО“, со кој ќе се привлекуваат посетители, туристи и инвеститори во општина Струмица.

Комерцијалниот бренд Струмица е создаден да го користат жителите, претпријатија и производи од Струмица за заеднички да се постигне подобро позиционирање и препознавање на Струмица.

„Потсетете се само која беше првата асоцијација за Струмица пред 20 години – „чушки и френки“. Денес асоцијациите за Струмица се многубројни, Струмица е позната и по лица и по производи и по идеи и по настани. Дали познавате некој друг град кој создал толку производи, толку ѕвезди? Дали познавате некој друг град кој е со слична големина на Струмица и кој е пожив, подинамичен и позабавен од СтрумицаСтрумица се споредува со многу поголеми градови од неа и успешно се натпреварува. Токму затоа треба да се зацврсти позитивната слика за Струмица со обединувачки слоган, претпознатливи пораки и креативен дизајн“ – кажа Ѓоко Ристовски, од Општина Струмица, промовирајќи го Брендот Струмица како „Ѕвезда под небото“, со кој ќе се зајакнува позитивната слика за Струмица и со кој Струмица ќе се натпреварува на пазарот на градови…

Владата на Република Северна Македонија и даде 4.800.000 денари на Општина Струмица за инсталирање на горилници на гас во општинската зграда на Секторот за урбанизам, управната зграда на ЈПКД „Комуналец“, Детската градинка Клон 2, новиот Клон 5, во ООУ „Маршал Тито“ во Муртино со Подрачното училиште во Банско, во ООУ „Св. Кирил и Методиј“ во Дабиље, и во ООУ „Герас Цунев“ во Просениково.

Општина Струмица од Владата доби и 2.187.000 денари за Домот на АРМ во Струмица биде направен енергетско ефикасен објект, во тек е јавниот тендер. Во тек е и јавна набавка за Прочистувачи на воздух во средните училишта „Јане Сандански“ и „Никола Карев“ и основните училишта „Видое Подгорец“, „Сандо Масев“ и Маршал Тито“ во Струмица.

Ова денеска на прес конференција го кажа градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски информирајќи за преземените мерки за намалување на аерозагадувањето во градот Струмица.

Како што е најавено, деновиве започнува и постапка за замена на котелот на мазут во ЈЗУ „Општа болница“ во Струмица со котел на гас и истиот ќе биде приклучен на градската гасоводна мрежа. Согорувањето на мазутот во системот за греење на Струмичката болница е причината за енормното загадување на воздухот во Струмица, според мерењата на Автоматската мониторинг станица, која е поставена во дворот на болницата. Во непосредна близина од околу 25-30 метри, на висина од околу 15 метри, се наоѓа ложиштето и оџакот од системот за загревање на болницата. Но, според нашите информации 5-те милиони денари од Владата за оваа намена ќе бидат само за главната болница, но не и за ЈЗУ „Здравен дом“ или меѓу струмичани познат објект како „Детската болница“, каде и се наоѓа самиот оџак и котелот за централното греење на овие здравствени установи.

Градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски информираше дека се задолжени сите оператори кои поседуваат „Б“ интегрирана дозвола да пополнуваат дневник на емисии во амбиенталниот воздух од стационарни извори. Најави дека ќе се вршат засилени инспекциски контроли со почеток на грејната сезона на инсталации кои загадуваат и испуштаат емисии во воздухот согласно нивните елаборати за заштита на животната средина и мерките кои самите ги имат предложено и дали се реализираат.

Во текот на изминатиот период биле спроведени голем број контроли. За месец и половина изречени се 15 казни, од нив дел се за правни, но имало и физички лица кои го загадувале воздухот во градот Струмица.

ЈПКД „Огражден“ од Босилово ги информира жителите од населените места кои се приклучени на водоводната мрежа од браната „Иловица“, Босилово, Турново, Секирник, Радово, Бориево, Еднокуќево и Робово, дека утре (среда, 6 ноември), во периодот од 13:00 до 16:00 часот ќе бидат без вода за пиење, поради најавениот прекин на електрична енергија од страна на ЕВН Македонија – КЕЦ Струмица.

Повеќе населени места во Струмичкиот регион утре без струја од 8 до 16 часот

Од ЕВН Македонија – КЕЦ Струмица информираат дека утре, (среда, 6 ноември), во периодот од 08:00 до 16:00 часот без електрична енергија ќе бидат повеќе населени места во Струмичкиот регион: Зубово, Мокриево, Мокрино, Бориево, Моноспитово, Турново, Секирник, Штука, Иловица, Сушица, Ново Село, Барбарево, Дрен, Стиник, Смолари, Самоилово, Ново Коњарево, Старо Коњарево, Бајково, Дражево, Водовод Ново Село и ТС Соковче.

Кратки прекини ќе има во утринските часови, околу 06:00 часот во Габрово, Колешино, Борисово, Радово и Босилово.

Прекинот е поради реализација на инвестициони зафати за подобрување на квалитетот во снабдувањето со електрична енергија.

Познатиот струмички глас, талентираниот Јовче Пандев со нова, трета негова песна насловена „Вина Девица“, а пред публиката ја промовира со видео спот објавен на YouTube каналот.

Јовче е автор на музиката и текстот, а во музика му помогна и неговиот колега Живко Барбутов, аранжманот е на Иван Петровски. Продукцијата е на Горан Гешовски, сценариото за видеото е на самиот Јовче под режисерската палка на Столе Ангелов, додека монтажата на видеото е на Дени Апостолов.

Видео спотот е снимен на две локации, во Рок кафана „Рустикана“ во Скопје и во Овче Поле.

Портпаролот на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Струмица, Александра Митева денеска на прес конференција говореше за синоќешната Граѓанска трибина на СДСМ што се одржа во Спортската сала „Парк“ во Струмица.

Интегрален текст од прес конференцијата:

Вчерашната трибина на СДСМ во Струмица ја стави во недоумица струмичката јавност дали конечно почна со работа ветениот туристички бренд на Струмица или автобусите и возилата од целиот регион ги донесоа активистите на СДСМ заради аплауз во салата.

Не е чудо што после 15 години локална власт и три години државна власт, после толку вработувања на локално ниво и унапредени кадри на национално ниво, СДСМ има потреба од партиски собир во Спортската сала, бидејќи од ден на ден се намалува бројот на оние што би биле искрена публика на патувачкиот театар „на прав пат - во крив правец“.

Кој сака веќе да биде дел од атмосфера на историски предавници кои до вчера велеа дека го смениле името со цел да ја унапредат земјата во стуктурите на НАТО и Европската Унија, а денеска наместо кај себе, грешката ја дислоцират во западните земји.

Струмичани знаат дека струмичкиот кадар на СДСМ нема потенцијал и веќе не е заинтересиран за јавниот интерес, туку само за лично богатење и непотизам.

Нема потреба да ни се прочитат бројки од ливче за да се знае дека програмата на градоначалникот не се реализира и дека бројните кадри на централно ниво не придонесоа за развој на регионот.

Заморените кадри кои се уште се занимават со навреди и понижување на опозицијата, треба да одговорат: Дали не е срамно на трибина за предвремени избори да ветуват нови проекти додека претходно ветените не ги ни започнале.

Заборавивте на луѓето во салата да им признаете дека целата работа ви паѓа во вода заради вашите внатрешни несогласувања и расправа околу бизнисите.

Предвремените избори се договорени, бидејќи пред лицето на домашната и светската јавност не ве бива.

Предвремените избори на 12-ти април се можност конечно државата да се ослободи од партијата која 30 години ја уништува нашата татковина заради една група на луѓе.

На 12-ти април народот на Македонија со нова енергија и љубов ќе ја започне обновата на татковината предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Синоќа на полноќ на магистрален пат Струмица - Ново Село, кој минува и низ селото Дабиле, се случила сообраќајна незгода во која патничко моторно возило „Фиат Пунто“, со струмички регистарски ознаки, управувано од Д.Ј. (23) од село Секирник удрило во пешакот В.В. (59) од село Дабиле, кој од здобиените повредил починал на самото место.

Увид на местото на незгодата извршила екипа на Полициска станица Струмица – информираат од СВР Струмица.

29-годишниот Коле Китанов од Струмица, кој подолго време живее во Бугарија и се занимава како актер во куклен театар, синоќа се претстави во бугарското ТВ шоу „Бугарија бара талент“.

Со својот настап тој ја насмевнуваше публиката, но и ја изненади со триковите кој ги правеше, посебно кога еден член од жирито му асистираше. Во видеото погледнете го настапот на Коле.

Претседателот на Општинската организација на СДСМ во Струмица, Марјан Даскаловски, денеска упати јавна благодарност до сите што присуствуваа на синоќешната трибина на СДСМ, што се одржа во Спортската сала „Парк“.

„Почитувани граѓани, Полната сала „Парк“, победничката атмосфера и секако желбата да се биде дел од правиот пат не прават горди на сето она што е постигнато во Струмица во изминатиот период, но и тоа што следува.

Синоќа Струмица уште еднаш покажа и докажа дека е на правиот пат, патот на слободата, демократијата, прогресот, правдата, членството во ЕУ и НАТО и пред се, докажа дека беше и е чувар на сите овие вредности.

Затоа, во мое лично име и од името на Општинската организација на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ви благодарам за вашето присуство, за споделената енергија и континуирата поддршка што ни ја давате.

Нашата Струмица од 2005 година чекори по правиот пат, по патот на слободата и оттука тргна урнувањето на режимот. Тоа никогаш да не го заборавиме, бидејќи и синоќа беше силен повикот до сите дека Струмица знае и може, Струмица мобилизира, Струмица памти, Струмица е на правиот пат!

Затоа, од Струмица ќе тргне победата на 12 април. Оттука уште еднаш ќе се развиори знамето на прогресот, на правиот пат, знамето на обединувањето и трасирањето на патот на уште една победа, која можат да ја донесат само тие кои не гледаат назад, туку напред кон иднината.

Почитувани граѓани,

Синоќа беше голема чест и гордост да се биде дел од тој величествен настан. Настан, кој долго ќе остане врежан во нашата меморија како почеток на новиот чекор со кој нашата земја е рамо до рамо со најразвиените европски демократии и членка на најсилниот воен сојуз-НАТО. Затоа, цврсто потврдуваме дека за нас нема друг пат, освен по тој по кој што се движиме, а синоќа уште еднаш потврдивме дека сме на прав пат“ - кажа Даскаловски.

Во падините на планината Беласица, над селото Смолари, вчера по 10-ти пат се одржа Фестивал на Смоларскиот костен „Костенијада 2019“, традиционално овошје кое е заштитен знак на селото Смолари, но и на општината Ново Село.

Печени смоларски костени, специјалитети од костени, но и традиционални македонски јадења, топла ракија, вино и чај, музика во живо со „Ѕвезди Бенд“, традиционални ора со КУД „Јане Сандански“, беа дел од годинашната манифестација.

Плодот кој во изобилие расте на планината Беласица, тука има посебно значење. Денеска домаќинките меѓусебно се натпреваруваат кој ќе направи повкусен кулинарски подвиг. Велат дека Смоларскиот костен е најбаран на пазарите.

Целта на манифестацијата е презентација на повеќе производи направени од надалеку познатиот Смоларски костен, но и на други локални производи, пијалоци, рачни изработки и други кулинарски вештини и етнолошки вредности карактеристични за оваа поднебје.

ФОТОГАЛЕРИЈА

Како што беше и најавено, од денеска започна со работа Детската градинка со целодневен престој во која можат да престојуваат ученици од 6 до 10 години, односно од прво до петто одделение, пред училишната настава во своите училишта.

Станува збор за некогашната Детска градинка на Предилницата „Струмичанка“, која до пред извесно време, односно 9 години го користеше Приватното средно училиште „Јахја Кемал“.

Комисијата од Министерството за труд и социјална политика даде позитивно мислење, а Советот на општината даде согласност за отворање на Клон 5 во рамките на ЈОУДГ „Детска радост“ Струмица. Обезбедени се соодветни услови, опрема и дидактички средства, вработени се стручни кадри кои ќе се грижат за воспитно-образовниот процес на учениците. Децата ќе добиваат по два оброка, а веќе има пријавено 120 деца за целодневен престој во оваа градинка, а капацитетот е за околу 200 деца.

Градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски, заедно со претседателот на Советот, Марјан Даскаловски и дел од советниците, денеска го означија почетокот на оваа градинка.

„По позитивното искуство од минатата година со отворањето на една група за целодневен престој на околу 50 деца во Клон 2 на градинката „Детска радост“ што ни беше како пробен проект и зголемениот интерес на родителите од ваков вид на згрижување на нивните деца, од денеска во функција ставивме и нови простории за целодневен престој на деца од 6 до 10 години“ – кажа градоначалникот Коста Јаневски.

„Бев во целиот свет, но само дома си е дома, најубаво е во Струмица“! Со овие зборови претседателот на СДСМ, Зоран Заев, го започна своето обраќање во преполнетата Спортска сала во Струмица, на граѓанската трибина „На прав пат“.

„Секогаш од овде ја црпам енергијата, од мојот град, од моите сограѓани. Вие сите ми ја давате позитивната енергија. Памети Струмица како сакаа духот да ни го уништат за време на режимот, но секогаш наоѓавме начин да изнедриме нова сила. Оваа полна сала вечерва испраќа силна порака, Стрмица била, Струмица е и Струмица ќе продолжи по прав пат. Ја охрабруваме целата држава да продолжи по прав пат“ – рече во своето обраќање претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

На трибината говореа и пратеникот Костадин Костадинов, градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски, министерот за здравство, Венко Филипче, министерот за земјоделство, Трајан Димковски и директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов.

ФОТОГАЛЕРИЈА