Агенцијата за млади и спорт ги додели ваучерите на фудбалските клубовите, кои аплицираа за користење на средства од даночно ослободување по Закон за данок на добивка.

Од Струмичките клубови, ФК „Академија Пандев“ доби ваучер во висина од 4.619.620 денари или околу 75.000 евра, ФК „Беласица“ ваучер од 2.831.380 денари или 46.000 евра, додека женскиот ФК „Тиверија“ доби 533.232 денари или околу 8.650 евра.

Клубовите на кои им е доделен ваучер од страна на Агенцијата за млади и спорт, ваучерот ќе може да го подигнат од 11 јуни во просториите на Фудбалската Федерација на Македонија - информираат од ФФМ.

Во Струмица овој викенд на 8 и 9 јуни ќе се одржи вториот Меморијален младински фудбалски турнир „Филип Лазаревски 2019“, во чест на младиот фудбалер Филип Лазаревски, кој трагично загина пред две години на 14 април на патот Банско - Габрово.

Филип Лазаревски беше член на ФК „Академија Пандев“ од Струмица, репрезентативец на Македонија до 15 години и член на ФФМ - УЕФА фудбалската академија.

На вториот турнир, кој ќе се одржи на Општинското фудбалско игралиште кое од минатата година го носи неговото име „Филип Лазаревски“, ќе учествуваат четири кадетски екипи од Македонија, Холандија и Србија, и тоа: ФК „Академија Пандев“, ФК „Реал“ Ниш, Србија, ФК „УВВ“ Утрехт, Холандија и Фудбалската селекција на Македонија.

Според распоредот, турнирот „Филип Лазаревски“ во сабота ќе го отворат кадетските екипи на „Реал“ Ниш и „УВВ“ Утрехт, натпревар кој ќе се одигра во 09:00 часот, додека во 10:15 часот ќе играт екипите на „Академија Пандев“ и селекцијата на ФФМ.

Во попладневните часови во сабота, во 16:00 часот, младите „пандевци“ ќе се соочат со „Реал“ Ниш, а во 17:30 часот ќе играт селекцијата на ФФМ со „УВВ“ од Холандија.

Во недела во 08:45 часот „Академија Пандев“ ќе игра со холандскиот „УВВ“, а во 10:15 часот „Реал“ Ниш со екипата од ФФМ. По одигрувањето на натпреварите во 12:00 часот ќе бидат доделени наградите на најдобрите и најуспешните екипи и поединци.

Сите натпревари ќе се играт на Општинското фудбалско игралиште со вештачка трева во Струмица, а организатор на овој турнир е ФК „Академија Пандев“.

Екипи на ЈПКД „Комуналец“ деновиве прават „генералка“, го чистат просторот околу Спортската сала „Парк“ во Струмица, се отстранува отпадот, се врши кроење на дрвјата, сечење на тревата, се отстранува потешкиот отпад за максимално да се користи просторот.

Иако оваа акција е во рамките на годишните активности на струмичкото јавно комунално претпријатие, просторот се чисти и во пресрет на ракометниот натпревар помеѓу репрезентациите на Македонија и Грција на 16 јуни, во рамките на квалификациите за пласман на ЕП 2020 година.

Стојче Јовановски од Градашорци, струмичко, неодамна успешно е опериран во соседна Србија каде што го почна лекувањето за да застане на нозе.

На младото момче сега му се потребни средства за пресадување на матични клетки и физикална терапија. Неговите најблиски апелираат за хуманост кај сите за да му се помогне и Стојче се избори во битката да прооди.

Заради таа причина повторно се активирани броевите за донации, информираа од неговото семејство, кое упати благодарност до сите хумани луѓе што помогнале да се преброди првата пречка во неговото лекување.

„Сакаме да ја информираме јавноста дека има напредок кај нашиот син и брат, кој успешно ја помина првата операција, но сега ни се потребни средства за да го продолжиме лекувањето. Би сакале да упатиме благодарност до сите кои се со нас во битката за синот и брат Стојче да застане на нозе. Сега ќе мора да се пресадуваат матични клетки, но и да ја отпочне физикалната терапија во болницата „Global Care Surgery“ во Нови Сад“ - информираа од семејството кои апелираа на донации за лекување.

21-годишниот Стојче Јовановски пред година дена се повреди во сообраќајка и веќе цела година се обидува да застане на нозе. Кај него се констатирани повреди на рбетниот столб при што надежта да прооди се гледа во пресадување на матични клетки и физикална терпија во Нови Сад, Србија.

Броеви за донации преку СМС на:

143-155 Телеком

143-488 ОНЕ/ВИП

На денарска трансакциска сметка број:

210-5017032477-84 НЛБ Банка,

на име Стојче Јовановски.

За донирање од странство на девизна сметка:

Stojce Jovanovski

IBAN CODE: MK07210501703247784

SWIFT: TUTNMK22

Иван Кукиќ, синот на Ленче и Горан, ја имаше честа да свири со Влатко Стефановски како увертира на концертот на големата светска музичка ѕвезда Стинг, што се одржа во Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје – пишува www.drnka.mk

Младиот Иван за www.drnka.mk вели дека тоа му преставувало чест и привилегија, бидејќи ретко кој има таква можност да свири пред десетици илјади посетители, но и пред голема рок ѕвезда. Настапот на Иван со маестро Влатко траел околу еден час, свиррејќи ги познатите хитови: „Си заљубив едно моме“, „Сеир“, „Бистра вода“, „Калајџиско“, „Као какао“…

„Чувството беше прекрасно да се настапува со маестро Влатко Стефановски на големиот концерт пред Стинг. Среќен сум што баш јас ја имав таа чест да настапам со Влатко Стефановски на отворањето на концертот на Стинг на стадионот во Скопје. За мене тоа е едно големо искуство, предизвик и мотивација да работам што повеќе и се надевам се повеќе да настапувам на настани од истиот карактер“ - изјави за Дрнка.мк Иван Кукиќ, кој се почесто е дел од настапите на Стефановски.

Повеќе на следниот линк >>>

Во хотелот „Сириус“ во Струмица, утре и задутре (четврток и петок), во организација на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион ќе се одржи Меѓународната конференција на која ќе се дебатира за повеќе области кои дават свој придонес во регионалниот рамномерен развој.

На отварањето ќе се обратат Жулиета Ѓуркова - раководител на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, Коста Јаневски - претседател на Советот за развој на Југоисточниот плански регион и државниот секретар при Министерството за локална самоуправа, Кирил Парталов.

Учесниците на конференцијата ќе дебатираат на осум тематски сесии и тоа од областа на млади и образование, инфраструктура, мали и средни претпријатија, животна средина, информатичко и комуникациска технологија, граѓански организации и туризам, при што на пристуните ќе им се обратат над 20 говорници од земјата и странство, вклучувајки ги и сите градоначалници од Југоисточниот регион, преку презентации, панел и пленарни дискусии ќе споделат искуства и добри практики од особено значење за развојот на Југоисточниот регион.

За време конференцијата ќе бидат презентирани можностите за регионалниот рамномерен развој, вклученоста на чинителите во развојот, искуства во реализација на проекти од регионално значење, предности и недостатоци при реализација на проекти финансирани од ЕУ и други странски донатори, заклучоци и препораки.

Размената на искуствата и споделување на информации во врска со предизвиците во имплементирањето на проекти кои придонесуваат кон регионален развој како и можности за младите да бидат вклучени во процесот на регионалниот развој, ќе придонесе кон подобрување на капацитетите на засегнатите страни. Целта на конференцијата е да се подигне свеста за рамномерниот регионалнен развој и да се поттикне соработка и вмрежување на клучните чинители од регионот кои придонесуваат за регионалниот развој.

Оваа конференција се организира во рамките на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“, каде Центарот за развој на Југоисточниот плански регион е партнер во имплементацијата на Министерството за локална самоуправа и Кабинетот на заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за економски прашања и координација на економски ресори и Швајцарската Агенција за развој и соработка.

Најмасовната домашна манифестација „Струмица ОПЕН фестивал“, стартува во недела, 9-ти јуни, со полумаратон „Струмица на улица“, кој по втор пат е во рамките на оваа манифестација.

Новитет за годинавшното 8-мо издание е поголемиот акцент на спортско-рекреативните активности во соработка со локалните спортски клубови.

Во недела во 19:00 часот е најавено отворањето и стартот на полумаратонот на кој ќе учествуваат над 300 учесници и ќе трчат на 5, 10 и 21 километар, а според пријавите, ќе има од рекреативци до професионалци, но и актери, музичари, спортисти, млади лица и повозрасни како и амбасадори, политичари и вработени од повеќе компании кои со настапот ќе упатат порака за спортување и дружење.

Тука ќе бидат нашите евровизиски вокали Александра Јанева и Васил Гарванлиев, фудбалерите Александар Милушев, Дино Захов, одбојкари на ОК „ЏИО Струмица“, Валентина Узунова од Богданици, Тоше Анчев од Јосифово, Столе Ангеловски, Кире Нистров, Никола Полизовски од Струмица, Радица Лазаровска, Петар Христов, професионалците кои ќе трчат на најдолгата патека од 21 километар: Адријана Поп Арсова, Билјана Кираџиева, Дарио Ивановски, Атанас Анчевски, Александар Кираџиев, Игор Јакимовски, Дејан Атанасов, Жан Тосев, Мирјана Ристиќ.

Овој полумаратон „Струмица ОПЕН фестивал“ го организира заедно со ЗСК „Југоисток“, а со поддршка на Агенцијата за млади и спорт и Дегацијата на Европската унија во Македонија. За најуспешните ќе има и парични награди, како во машка, така и во женска конкуренција. Пријавувањето за полумаратонот ќе трае до вечерва на полноќ на следниот линк >>>

„Струмица ОПЕН фестивал 2019“ ќе трае десет недели, односно до 18 август...

На 6, 7 и 8 јуни во Струмица и Колешино по 18-ти пат ќе се одржат „Средби под јаворите 2019“, во чест на еден од најплодните македонски писатели за деца, Видое Подгорец.

Свеченото отворање на манифестацијата е закажано за 7-ми јуни во 19:30 часот во НУЦК „Антон Панов“ во Струмица, но претходно ќе се одржа низа активности.

На 6-ти јуни, од 12:00 часот во НУЦК „Антон Панов“ ќе се одржи Советување на тема: „Библиотеката темел на писменоста“, на кое ќе говорат професорите Виолета Мартиновска и Кирил Барбареев.

На 7-ми јуни од 11:30 часот во Црквата „Свети Петнаесет“ во Струмица е Научниот собир на тема: „Книжевната оставнина на Видое Подгорец – влог во издигнувањето на современата македонска литература во национален и меѓународен контекст“.

Истиот ден од 16:00 часот во Струмичката библиотека „Благој Јанков Мучето“, ќе се одржи „Детска креативна книжевна работилница“, со писатели и илустратори за деца од „Просветно дело“.

На 8-ми јуни, кога и се навршуваат 85 години од раѓањето на Видое Подгорец, во 09:30 часот ќе се организира посета на неговата куќа во селото Колешино, а од 10:00 часот во ООУ „Видое Подгорец“ во Колешино ќе бидат свечено доделени наградите по распишаниот литературен конкурс на слободна тема, на кој пристигнале околу 200 творби од ученици од цела држава.

На последниот ден од манифестацијата планирани се и заеднички дружења со посета на Колешинскиот водопад и пикник во училиштето.

На 13 јуни (четврток), во големата сала на НУЦК „Антон Панов“ во Струмица, со почеток во 19:30 часот, ќе се одржи Хуманитарен концерт за поддршка на 29-годишниот Томе Јанев од Струмица, кој боледува од ALS - (amnyotropxic lateral sclerosis), болест на моторниот неврон.

Надеж за подобрување на неговата состојба има преку лекување и терапија во Москва, Русија. Терапија со матични клетки на секои четири месеци во рок од три години.

На концертот ќе се изведуваат класични дела во интерпретација на пијанистката Клара Ристова, придружена со поезија од странски и домашни автори во интерпретација на Наташа Василевска - Трајчевска.

Влезници може да се набават во НУЦК „Антон Панов“, Ависта, Que Pasa, Concept, Boulevard, Бу, Butler во Струмица.

Да му помогнеме на нашиот сограѓанин, другар, пријател, спортист, Томе Јанев и со донирање на финансиски средства...

- преку денарска сметка број:

Томе Јанев

210-5017071183-75

НЛБ Банка

- преку девизна сметка број:

Tome Janev

MK07210501707118375

NLB Banka AD Skopje

Makedonija

SWIFT: TUTNMK22

- преку Телеком со повик од 100 денари:

143 454

- преку ВИП со повик од 100 денари:

143 502

Утре ќе биде променливо облачно и нестабилно, со локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер, особено попладне. Минималната температура ќе биде помеѓу 7 и 13, а максималната ќе достигне од 19 до 26 степени.

Во среда ќе се задржи променливо и нестабилно време, попладне со пороен дожд и грмежи. Локално процесите ќе бидат поинтензивни, во форма на невреме со пообилни врнежи, грмежи, засилен ветер и појава на град.

Стабилизирање на времето и значителен пораст на температурата се очекува од петок и за време на викендот кога максималните температури ќе се искачат до 36-от степен.

Кристина Зимбакова, уметник од Струмица, успеа да направи изложба со уметнички дела на планински врв, изработени од лишаи и габи, истовремено ликовните дела да бидат на самата гранична линија и да испрати порака за негување на уметноста и природните убавини. Подвиг кој го забележаа педесеттина љубители на уметноста и планините, кои мораа да пешачат со часови за да стасат на планинскиот врв Сечена Скала, висок 1740 метри надморска висина.

Локацијата која се наоѓа на самата гранична линија меѓу Македонија и Грција, беше идеална да ја „извиши фортуната“. Невообичаен поглед, локација, менувањето на времето од сонце, ветер, магла, му даде свој белег на адреналин, восхит, прифаќање на пораката од изложбата на Зимбакова, која беше упорна да ја спои уметноста и природата.

„Беласица ми е омилена планина, не само заради тоа што јас сум од Струмица, туку поради тоа што таа е понеобична од другите планини, некако е подива, стрмна, непристапна. Јас сум љубител на неконвенционални простори за изложување, а Беласица некако ми дојде природно да посакам да направам изложба тука. Знаев дека тоа ќе го направам некој ден, само немав одлучено на кое место. Местото Сечена скала за прв пат го видов уште пред две години, и уште кога го видов си реков, јас тука мора еден ден да направам изложба, тоа е местото на Беласица. Мислам дека ова е најспецифично место од сите врвови на Беласица, не само поради убавината на карпата, туку и поради тоа што тука е поветровито, пружа убава глетка кон двете земји и има една ливада која на некој начин ја сече карпата на средина, а таа ливада е толку мала, но доволно голема за една ликовна изложба“ - вели Зимабакова за идејата зошто токму овде ја постави својата изложба насловена „Ја извиши фортуната“.

На настанот е претставен циклус од ликовни дела со истоимен наслов, како и два други во кои низ замислени стакленца во кои се микроскопираат габи се доловуваат емотивни состојби на грч, но кои завршуваат со ослободување. Од друга страна, внимателната примена на габи и лишаи во уметнички контекст се стреми и да го сврти вниманието кон овие прастари, чудесни организми.

„Габите и лишаните, тие мистични и чудесни созданија, суштества, се главното оружје изразно средство во изработката на делата. До нив доаѓа со личното истражување на терен, но некои од нив, за да стигнат во нејзините раце, патуваа илјадници километри, со помош на други влубеници и истражувачи на овие организми. Доаѓаа од Аљаска, Австралија, Аргентина, Тасманија, Индиски хималаи, Јужна Африка, САД, Хрватска… Доаѓаа во рацете на Кристина за да ги претвори во слики“ - рече Соња Настовска, историчар на уметноста, која ја промовираше исложбата на Кристина на врвот на Беласица.

По едночасовното презентирање на делата на Зимбакова, публиката се спушти надоле на надморска висина од 1276 метри, во планинската куќа „Шарена чешма“, каде нејзините пријатели од Планинарскиот клуб „Ентузијаст“, организираа ручок за посетителите, а таа самата подготви домашна старинска баклава со боров мед.

Кристина Зимбакова во своето творештво негува интердисциплинарен пристап каде се испреплетени сликарството, поезијата и природните науки, а габите и лишаите се најзастапен медиум. Досега имала самостојни изложби во земјава, како и во Ирска, а учествувала на бројни групни изложби во Оксвордскиот театар во Англија и Музејот за уметност „Ешкенази“ во САД.

ФОТОГАЛЕРИЈА

Јавната општинска установа Детски градинки „Детска радост“ од Струмица одбележува јубилеј – 50 години од основањето на оваа установа.

По тој повод, синоќа во НУЦК „Антон Панов“ се одржа свеченост на која децата од градинките, заедно со нивните воспитувачки направија интересна забавна приредба, а јубилејот им го честита градоначалникот на општина Струмица, Коста Јаневски.

„Овој 50-годишен јубилеј значи 50 години - благородна работа, 50 години - посветеност на децата и 50 години - љубов кон најмалите и најмилите наши сограѓани. Полувековното постоење на Јавната општинска установа за деца - Детска градинка „Детска радост“ од Струмица е нешто што заслужува должно внимание и почит, нешто што сите треба да не прави задоволни и горди. Низ оваа предучилишна организација со комбинирани дејности, која опфаќа јасли, градинки и воспитни групи со полудневен престој - подготвителна група, во овие изминати пет децении, поминале генерации и генерации струмички деца кои денес се почитувани граѓани на различна возраст. Меѓу нив се и многу познати и признати луѓе во разни области со кои сите ние се гордееме. Секако, на одбележувањето на овој голем и значаен јубилеј заслужуваат да бидат спомнати и генерациите воспитувачки, негувателки, како и раководниот и стручен кадар кои исто така поминале низ оваа установа. Овој јубилеј подеднакво им припаѓа на сите кои биле дел од таа 50-годишна историја и ги испишале страниците на истата“ – рече Јаневски.

ЈОУДГ „Детска радост“ Струмица располага со пет градинки – клонови, кои згрижуваат околу илјада деца, а веќе при крај се и подготовките за отворање на уште две градинки во населените места Муртино и Куклиш, кои од септември ќе започнат со работа.

Паралелно со тоа, течат активностите на проектирање на уште една градинка, која ќе се наоѓа во поранешната касарна во Струмица, а за потребите на дечињата од новата населба која гравитира во нејзина близина.

Стотина млади од Струмица, денеска организираа волонтерска акција за уредување на дворот на средното општинско училиште „Јане Сандански“, со поддршка на Општина Струмица и Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието.

Младите го исчистија отпадот во дворот, ги уредија зелените површини и поставија жардинерии, ги заменија оштетените даски на клупите со нови и ги бојадисаа бетонските конструкции во дворот.

Во акцијата учествуваа ученици од средните училишта „Јане Сандански“ и „Никола Карев“ од Струмица, а нивната работа ја следеа градоначалникот на општина Струмица, Коста Јаневски, ВД амбасадорот на САД во Република Северна Македонија, Микаел Швајзер - Блум и Марк Вајнандт од Defense Attaché Office при Амбасадата на САД, како претставник на Европската команда на САД.

Амбасадата на САД и понатаму ќе продолжи да го поддржува македонското образование и да инвестира во реновирање и реконструкција на училишните објекти. Досега со пари од САД се реконстурирани 75, а во наредните години се планира да бидат реновирани уште 38 основни и средни училишта, каде што се школуваат ученици од различни етнички заедници. Како што рече амбасадорката на САД во земјава, Микаела Швајзер – Блум, инвестирањето е со цел да се зајакне меѓуетничката интеграција и младите заеднички да носат одлуки во своите локални заедници.

„Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција за млади во образованието, работи со локалните заедници и гради мостови меѓу етничките поделби во секое училиште. Работиме и со Министерството за образование на наставната програма, со цел младите да бидат активни во нивните заедници, како да учествуваат во носењето одлуки и како да се соочат со предизивиците на едно општество“ - истакна ВД амбасадорката на САД во земјава, Микаела Швајзер-Блум.

Во Струмица преку проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието се реновираа две училишта. Во СОУ „Јане Сандански“ се постави термо фасада на северозападниот дел од зградата, додека пак во ООУ „Маршал Тито“ се постави меѓукатна конструкција на училишната.

„Констатиравме нови предизвици и можности кои што нашето општество ги нуди во понатамошната меѓуетничка интеграција и активирање на младите во она што се вика креирање на општество, преку свои идеи и визии и најмногу преку тој Младински совет, кој што е во формирање кој го обновуваме и му даваме поголема сила и потенцијал за да може да учествуваат во одлуките што ги носи Советот на општина Струмица“ - рече градоначалникот Коста Јаневски.

Младинската акција е финален продукт од долготрајниот процес поддржан од Општина Струмица и Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, во соработка со Младински образовен форум. На почетокот на месецот, учениците имаа заедничка средба на која се запознаа и ги идентификуваа проблемите во градот со коишто се соочуваат како млади личности. Како предизвик за кој што изразија желба и самите да помогнат да се надмине, младите го издвоија  дворот на училиштето „Јане Сандански“, кој што до неодамна беше во лоша состојба.

ФОТОГАЛЕРИЈА

Триесеттина ученици и десеттина професори од СОУ „Јане Сандански“ од Струмица од 24 до 26 мај беа во посета на средното училиште Обровац, кај Задар, Хрватска, во рамките на долгогодишната соработка што ја имат овие две училишта. Тие беа дел и од меѓународниот настан ЕВЕС - Еколошки викенд на екстремни спортови.

Двете училишта досега имат одржано четири средби при што изградија мостови на соработка во поглед на заштитата на животната средина, размена на искуства и методи за изведување настава, запознавање на традициите и историјата на двете земји, но и заедничко спортување.

За професорите и учениците од Струмичката гимназија и од повеќе училишта од Хрватска беше организиран рафтинг по реката Зрмања. Поголем дел од учениците за првпат учествуваа во тој спорт, кој бара дисциплина, одговорност и тимска работа и координација со учесници од различни училишта.

Најхрабрите пак ученици од Струмица со искусни тренери од Далмација нуркаа и ја чистеа реката Зрмања од отпад. Петнаесеттина ученици, заедно со професорот Атанас Цикарски, учествуваа на пешачењето по националниот парк Пакленица, каде што го посетија и подземниот град со музеј, а останатите ученици и професори имаа организирано пловидба по реката Зрмања до местото каде се влева во Јадранското Море.

„Со ова посета се зацврсти соработката меѓу двете училишта, но се зајакнаа и пријателствата меѓу нашите и хрватските средношколци кои верувам дека ќе се нагуваат и во иднина. Успеавме да дознаеме за културата и традициите на оваа далматинско место, но и да се запознаеме со некои екстремни спротови кои исто така ги зближуваат младите кои разменуваа искуства за школувањето, но и наставата“ – вели професорката Славица Милева Ефтимова.

Според професорката Милева Ефтимова, впечатоците и искуствата од овие средби беа прекрасни, почнувајќи од гостопримливоста на домаќините, позитивната соработката и пријателство и после пет години, согледување на одржувањето на чиста околина, запознавање и учество во нови спортови, како рафтинг и нуркање на длабочина и до 5 метри, запознавање со стара архитектура на градот Задар, безбројните убавини што можат да се видат во една далматинска култура на високо ниво.

Центарот за развој на Југоисточниот плански регион со седиште во Струмица, потпиша два договори со Министерството за локална самоуправа за реализација на два одобрени проекти, во рамките на грантовата шема за иновативни проекти од проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“, поддржан од Швајцарската амбасада.

Станува збор за два проекти кои ќе бидат во функција на земјоделците и бизнис секторот од Југоистокот, а се во висина од околу 133.000 швајцарски франци.

Согласно договорите, што ги потпиша Жулиета Ѓуркова од Центарот за развој на Југоисточниот плански регион и министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу, во десетте општини од Југоистокот ќе се поставуваат агрометеоролошки станици за заштита на земјоделските култури и животната средина. Главна цел е подобрување на начинот на управување со земјоделските култури и условите за заштита на животната средина преку воведување современи технологии во земјоделството. Вкупната вредност на проектот изнесува околу 94.000 швајцарски франци.

Вториот проект е отворање на заеднички работен простор – средство за зајакнување на соработка со бизнис секторот чија главна цел е подобрување на претприемачкиот амбиент за промовирање на малите и средни претрпијатија во Југоисточниот плански регион, со вкупна вредност од околу 39.000 швјацарски франци.

Двата нови регионални проекти ќе имаат директно влијание врз подобрувањето на квалитетот на живеење, регионалната соработка и ќе промовираат иновативен пристап во обезбедувањето на услугите до сите засегнати страни. Проектите беа избрани на инклузивен начин со директно учество на граѓаните од Југоисточниот регион.

Сликовницата „Девојче и мече“ од познатиот македонски илустратор и уметник, струмичанецот Ване Костуранов, ќе биде промовирана утре (петок, 31 мај) во Струмица.

Промоцијата во родниот град на Костуранов ќе се одржи во кафулето „Саут сајд коктел бар“ (South Side Cocktail Bar), со почеток во 19:00 часот.

Книгата, која е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е топла, сонувачка приказна за другарството и за растењето.

Едно девојче и едно мече ни ги отвораат вратите од нивниот свет, кој е исто толку обичен, колку што е необичен. Поминувајќи го сето време заедно, тие откриваат многу нови работи. Откриваат дека колку побрзо го возат велосипедот, толку посилно ветрот им ја дува косата. Се искачуваат на највисоките ридови, обидувајќи се да ги допрат сончевите зраци. Уживаат во есента, играјќи си криенка со сонцето. Се прават заедно, додека еден ден…

Авторот на книгата, Ване Костуранов, е роден во 1979 година во Струмица. Уште од мал повеќе сакал да се изразува со цртежи и слики, отколку со зборови. Неговата најголема желба – никогаш да не порасне, реши да си ја оствари сам, употребувајќи ги сликарството и илустрацијата како жива ограда од светот на возрасните. Својот светоглед го има споделено на повеќе изложби во земјата и во странство.

„Девојче и мече“ е втора сликовница за деца и возрасни на Костуранов, по успешната и наградувана „Ѕвездено дете“.

Настанот во Струмица следува по промоцијата на сликовницата минатиот месец во книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“ во Скопје. Авторот одржа и дружба со своите читатели за време на годинашниот Саем на книгата, на штандот на „Арс Ламина“ и „Литература.мк“.

За време на саемот, „Девојче и мече“ ја освои првата награда за најдобро ликовно-графички уредено издание на доделувањето на годинашните награди од Македонската асоцијација на издавачи.