„Гледам фотографии на социјалните медиуми од журки и забави во повеќе градови без да се почитуваат протоколите и мерките за заштита од Ковид-19. Барам итно надлежните институции – МВР и надлежните инспекторати да спроведат истраги и да ги санкционираат овие собирања на недозволен начин“ – напиша на Фејсбук министерот за здравство, Венко Филипче, по реакцијата низ социјалните мрежи на граѓани кои споделуваат снимки од клубови преполни со млади луѓе во време на пандемија, а бројките на новозаразени во Македонија секојдневно се движат по околу 200 луѓе.

„Младите мора во целост да ги почитуваат мерките за заштита од коронавирус, да се заштитат себе си и своите најблиски, да носат задолжително заштитни маски, да одржуваат хигиена и дистанца. Клучно е сите да ги почитуваат мерките за да се спречи ширењето на вирусот и секое непочитување на мерките да биде соодветно санкционирано“ – напиша Филипче.

Видеа од забавите во дискотеката „Аватар“ во Струмица ги преплавија социјалните мрежи. На кусите видео снимки се гледаат стотици присутни лица без маски, еден до друг, а ги забавуваат македонски пејачи, објави ТВ канал ВИС.

Сопственикот на клубот „Аватар“, во телефонски разговор за ТВ канал ВИС изјавил дека досега се почитувале протоколите, а синоќа ситуацијата излегла од контрола. Тој смета дека ова е хајка против клубот, бидејќи, како што рекол, ниту една кафетерија во Струмица не ги почитувала мерките за заштита од коронавирусот, а во некои локали се одржувале и други големи веселби како свадби. Вели дека овој објект бил регистиран како кафуле, а зимската дискотека е ноќен бар и била друга фирма.

Повеќе на: www.kanalvis.com

Во организација на Здружението за помош и поддршка на лица со Даун синдром „ВЕРА“ од Струмица, утре (недела, 19 јули), од 20:00 часот организира „онлајн“ изложба на Фејсбук, насловена „Можам да бидам“.

На оваа „онлајн“ изложба ќе бидат презентирани фотографии со деца со пречки во развојот и деца со типичен развој, со која ќе се испрати силна и јасна порака: Сите заедно во кампањата за подигање на јавната свест и прифаќање на лицата со попреченост како и нивно интегрирање во заедницата.

„Изложбата требаше да се одржи во месец март со кој ќе го одбележавме светскиот Ден на лицата со Даун – 21 март, но поради ситуацијата со пандемијата истата се одложи и одлучивме сега на ваков начин да ја презентираме, бидејќи не беше фер да ги чуваме сликите недостапни за јавноста. Ова е втора изложба, а првата изложба беше во 2016-та година насловена како „Будење“. Годинава се вклучени околу 50-тина деца, деца со типичен развој и деца со попреченост“ - кажа претседателката на Здружението „ВЕРА“, Анче Туфекчиева.

Дефектологот Наташа Георгиева, која е дел од организацијата вели дека станува збор за интересна кампања со интересно мото „Можам да бидам“.

„Јас верувам во ова мото, верувам дека лицата си попреченост можат да бидат и учители и адвокати, добри спортисти, меѓутоа за да се реализира сето тоа јас сум убедена дека им треба голема и активна поддршка од сите нас, луѓето коишто значиме нешто во општеството и коишто треба да бидеме ставени во нивна улога и да им помогнеме да нивните желби на некој начин станат и реалност“ – кажа Георгиева.

Дел од кампањата е и Марија Колевска Димишковска, која е вклучена и во самата организација. Вели дека идејата беше ова да биде патувачка изложба низ Македонија, но поради целокупната ситуација на глобално ниво, не само кај нас со пандемијата, се одлучи да се направи како „онлајн“ изложба. Таа вели дека по надминување на здравствената криза истата ќе се реализира и во реалноста, односно изложбата ќе биде поставена во неколку градови во Македонија.

Недела 19 јули, точно во 20:00 часот кликнете на настанот на Фејсбук „Можам да бидам“ и погледнете ја изложбата со фотографии...

Министерството за здравство објави дека пациент со ковид-19 од Струмица почина, нови четворица струмичани се позитивни по направените тестови во изминатите 24 часа. Бројката на нови случаи во државата е 241 заразен од вкупно 1700 тестирања.

Според објавата на Министерството за здравство, 73 пациенти се од Скопје, дури 60 во Штип, 32 во Тетово, Гостивар 14, Куманово 10, Кочани 8, Гевгелија 6, по пет во Прилеп и Свети Николе, четворица во Струмица, тројца во Струга, Битола, Крива Паланка и Радовиш, Охрид, Демир Хисар и Кичево 2 и по еден во Дебар, Велес, Крушево, Пробиштип, Виница и Кратово.

Починати се 8 лица, по двајца пациенти од Скопје, Тетово и Струга, еден пациент од Гостивар и еден од Струмица.

Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 51 оздравени лица.

Најдобриот играч на ФК „Академија Пандев“ во изминатата натпреварувачка сезона, фантастичниот офанзивен фудбалер, Љупчо Дориев ќе игра за „Шкендија“.

24-годишниот Дориев е повремен македонски репрезентативец и пристигнува во Тетово како огромно засилување за новата натпреварувачка сезона, па откако клубот потврди дека фудбалерот потпишал тригодишен договор, пристигна првата изјава по комплетирањето на трансферот.

„Првпат во кариерата правам ваков голем чекор и ќе играм надвор од Струмица. Според мене, Шкендија е најдобриот клуб во Македонија во овој момент. Потписот за мене е голем чекор напред во кариерата и во животот. Дојдов да освојувам трофеи во Македонија и да уживам во успеси во Европа“ – изјави Дориев за официјалната страна на клубот.

Љупчо Дориев ја започна кариерата во ФК „Хоризонт Турново“, воодушеви со своите партии во „Академија Пандев“ каде беше и еден од капитените.

„Струмица уште еднаш докажа и покажа дека може, може и знае да победува, знае да го чува слободарскиот и демократски дух и затоа е на правиот пат - патот на слободата, демократијата, прогресот, правдата, членството во НАТО и ЕУ и пред се, докажа дека беше и е чувар на овие вредности“ – кажа во денешното обраќање претседателот на Општинската организација на СДСМ во Струмица, Марјан Даскаловски, упатувајќи јавна благодарност до струмичани за поддршката со над 3700 гласови повеќе од ВМРО-ДПМНЕ во Струмица.

„Не е нескромно да кажам дека по големата победа на 15 јули со разлика од над 3.700 гласови уште повеќе сме горди на сето она што е постигнато во изминатиот период, но и на тоа што следува, бидејќи секогаш Можеме уште повеќе.

Затоа, во мое лично име и од името на Општинската организација на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ви благодарам за заеднички споделената енергија, континуираната поддршка и секако, затоа што го направивте вистинскиот избор, кој е ваш со години назад.

На овие избори граѓаните на општина Струмица, и покрај гласањето во специфични услови заради пандемијата од ковид-19, докажаа дека знаат да ги препознаат вистинските вредности, знаат кој може и кој треба да ја води земјата. Тоа е Социјалдемократскиот сојуз на Македонија предводен од нашиот претседател, Зоран Заев!

Почитувани граѓани,

Никогаш да не заборавиме дека нашата Струмица од 2005 година чекори по патот на слободата и дека оттука тргна урнувањето на режимот. Тоа никогаш да не го заборавиме, бидејќи на 15 јули уште еднаш беше силен повикот до сите дека Струмица знае и може, Струмица мобилизира, Струмица памти, Струмица може уште повеќе!

Нашата Струмица веќе не е само бастион на СДСМ, туку е и пример како со истрајност, верба и желба се менуваат работите во државата, како се остваруваат зацртаните стратешки цели и како во континуитет се бара и се добива довербата од граѓаните.

Уште еднаш се заблагодарувам на сите кои тоа го препознаа и ни ја дадоа довербата, бидејќи можеме, уште повеќе и уште подобро. Можеме, бидејќи знаеме и умееме“ – кажа Даскаловски.

Утрово околу 05:30 часот во казино во Василево, струмичко, едно лице со закана со нож од вработениот одзел пари, стои во краткото соопштение од СВР Струмица и дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Од Противпожарната единица на Струмица информираат дека денеска попладне околу 18:30 часот интервенирале во гаснење на пожар кој избувнал околу Телекомуникациски предавател кај Колешино. Гореше и сува трева и отпаден материјал.

Во акцијата за гаснење на пожарот учествувале пет пожарникари со две Противпожарни возила. Пожарот е локализиран и ликвидиран вечерва околу 21:00 часот. Направена е голем материјална штета.

ФОТО: ТППЕ Струмица

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР, денеска поднесе кривична пријава против С.М. и Д.С., поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „повреда на чување на државната граница“ и „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“.

Пријавената С.М., на 01.06.2020, како одговорен раководен работник во Полициската станица за Граничен премин Табановце, издала наредба на второпријавениот Д.С. да му дозволи влез во Македонија на лице од село Петралинци, струмичко, без притоа да го евидентира во системот за контрола на патници и возила и да изврши минимални гранични проверки. На овој начин му овозможила на лицето да оствари влез во државата без да приложи валиден негативен ПЦР тест или во спротивно да биде упатен во задолжителен државен карантин, согласно одлуките на Владата со справување со ковид-19, информира МВР.

25-годишниот сениорски репрезентативец на Македонија, Марјан Радески, денеска потпиша договор со ФК „Академија Пандев“ од Струмица и се приклучува на подготовките за новата сезона, објавија на Фејсбук страницата на „Академија Пандев“.

Еден од најдобрите напаѓачи во нашата лига кој подеднакво добро игра и на крилните позиции доаѓа како големо засилување за струмичкиот прволигаш.

Радески претходно во кариерата има настапувано за екипите на „Шкендија“, „Металург“ и „11 Октомври“ Прилеп.

Според неофицијални конечни резултати на ДИК од Парламетарните избори кои се одржаа вчера, Коалицијта „Можеме“, предводена од СДСМ во Четвртата изборна единица освои 10 мандати, исто толку и ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова на Македонија“ или 77.195 гласови (46,70%) за СДСМ и 74.478 гласови (45,11%) за ВМРО-ДПМНЕ.

Во новото Собрание, од Струмица и струмичкиот регион како пратеници влегуваат пет кандидати: Зоран Заев и Костадин Костадинов од СДСМ и Дејанчо Ефтимов, Ели Панова и Јадранка Поцкова од ВМРО-ДПМНЕ.

Државната изборна комисија ги соопшти неофицијалните конечни резултати од предвремените Парламентарни избори 2020.

Претседателот на ДИК, Оливер Дерковски, соопшти дека најмногу гласови на изборите освоила коалицијата „Можеме” на СДСМ, 327.329 гласови или 35,9% со кои добиваат 46 мандати во новиот состав на Собранието.

Следува ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за Обнова на Македонија со освоени 315.344 гласови или 34,59%, и ќе има 44 пратенички места.

Демократската Унија за интеграција има 104.587 гласови, односно 11,47% од гласовите, со кои обезбедуваат 15 мандати.

Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива освоиле 81.297 гласови, 8,92%, кои им носат 12 пратеници.

За Левица гласале 37.551 граѓани, 4,12% од гласовите, кои им обезбедуваат 2 пратенички места.

Денеска полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција, Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи при Бирото за јавна безбедностА на наплатна станица Миладиновци извршиле преглед на патничко возило „Ауди“, со струмички регистарски ознаки, управувано од Т.В. (46) од Струмица, а со живеалиште во село Костурино, струмичко – информира МВР.

При прегледот, во возилото бил пронајден кокаин. Т.В. бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Според резултатите од интернет страницата на ДИК, на избирачко место во Ново Село води Алијансата на Села со освоени 67.86% од гласовите, втора е ДУИ со 21,43%, додека Коалицијата „Можеме“ на СДСМ има освоено 8,33% од гласовите. ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова на Македонија“ немат освоено ниту еден глас, односно имат 0%, објави ТВ Канал5.

На друго избирачко место во Ново Село води ДУИ со 46.22% од гласовите, а на трето избирачко место води со 36% од гласовите. На овие две избирачки места ВМРО-ДПМНЕ е трета и четврта, односно си ги заменуваат позициите 3 и 4 со СДСМ.

Повеќе на следниот линк>>>

Според последните неофицијални резултати на Државната изборна комисија, од преработени 3.421 од вкупно 3.480 избирачки места, коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ освои 46 пратенички места, а ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата 44.

ДУИ освои 15 пратенички места, а коалицијата Алијанса за Албанците/Алтернатива – 12. Левица освои две пратенички места и ДПА едно место во Парламентот.

Според неофицијалните резултати, СДСМ и коалицијата освоиле 36.12% од гласовите, а ВМРО-ДПМНЕ 34.85%.

Коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ доцна синоќа прогласи победа на вчерашните предвремени Парламентарни избори во земјава.

Коалицијата на СДСМ освои 36,13% од гласовите и е во блага предност од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ која освои 34,65% од гласовите, според податоците на Државната изборна комисијата од обработени 94% од гласовите.

Во албанскиот блок победник е ДУИ со 11,57% од гласовите, следува Алијансата за Албанците во коалиција со Алтернатива со 8,79%.

Од помалите партии, Левица има 3,96% од гласовите, ДПА 1,48%, а Интегра 1,33%, соопштија од ДИК. Засега од ДИК нема информации за распределба на мандати, конечните резултати и кој колку пратенички места освои ќе ги објават во текот на денешниот ден.

„Имавме мирни, достоинствени, слободни, демократски и безбедни избори“, кажа доцна синоќа лидерот на СДСМ, Зоран Заев на прес-конференција во Хотелот „Белви“ во Скопје, каде што е сместен изборниот штаб на СДСМ.

Според податоците што ги објави на прес конференција претседателот на ДИК, Оливер Дерковски, најголема излезност на вчерашните избори има во Четвртата изборна единица – 59,79%, а најмала Шестата изборна единица со 39,23%.

Граѓаните гласаа на предвремените Парламентарни избори 2020 за избор на 120 пратеници, кои ќе бидат дел од 10-от парламентарен состав. Право на глас имаа 1.814.263 гласачи. Поради пандемијата изборниот ден се одвиваше според посебни здравствени протоколи со заштитна опрема и на дистанца и траеше два часа повеќе, односно до 21:00 часот.