Фудбалерите на „Академија Пандев“ денеска од 16:30 часот на стадионот „Младост“ во Струмица го играт последниот натпревар од оваа првенствена сезона, во која струмичани го освоија КУП трофејот, а со оваа титула и освоеното трето место во првенството си обезбедија настап во Лигата на Европа.

Попладнево, „пандевци“ за противник ќе го имат скопски „Вардар“ и ќе се игра за престиж, бидејќи овој натпревар ќе нема резултатско значење.

Од ФК „Академија Пандев“ ги покануваат сите љубители на фудбалот да бидат присутни за да ги поздрават новите струмички херои, а по завршувањето на натпреварот, КУП пехарот ќе биде изложен и секој кој сака ќе може да се фотографира со него. Влезот за овој натпревар е слободен.

Македонските купувачи на мебел од српско-руската фирма „НЕФА мебел“, останаа затечени откако оваа фирма без било каква најава ги затвори сите продавници во државата. Во земјава оваа компанија има десеттина продавници низ повеќе градови, а според информациите стотици купувачи од вчера се без можност да ги добијат однапред платените нарачки.

Меѓу нив има и струмичани кои платиле, но не добиле мебел, објави порталот www.drnka.mk. Роксана Петковска Божинова денеска наиде на затворени врати на продавницата во Струмица, која платила за гарнитура уште од март и требало во рок од 30 работни дена да ја добие.

„Од крајот на март имав нарачано гарнитура која чини 20.000 денари. Платено е во готово со договор, со се. Договорот за испорака беше 30 работни денови. Чекавме ама ја слушнавме веста и дојдовме да видиме што се случува и очекувано наидовме на затворени врати. Намерно дојдов да проверам, оти звонев на сите бореви што ги имавме. Сите броеви се недостапни. Ова е катастрофа“ – вели за Дрнка.мк, Роксана Петковска Божинова.

Српските медиуми објавија дека руската „Спилит“, која го произведува мебелот, а го продава „НЕФА“, пред три дена преку ноќ побегнале од Врање, Србија и оставиле долгови и околу 300 работници без работа, заради што во неизвесност се купувачите во Србија и Македонија, каде оваа компанија има своја трговска мрежа.

Во фоајето на Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица од синоќа е отворена изложбата на дела од македонскиот сликар, струмичанецот Ниче Василев.

Ова е 35-та самостојна изложба на Ниче Василев, а сликите во најголем дел се масло на платно, тоа се портрети, фигури и пејсажи.

Струмичани, љубители на уметноста, 30-тината дела на Ниче Василев, кој вели дека инспирацијата ја црпи од убавите жени и пејсажи, ќе можат да ги видат во наредните десеттина дена во Центарот за култура „Антон Панов“.

Ниче Василев завршил Академија за ликовна уметност во Варшава и досега има реализирано повеќе од 30 самостојни изложби во Струмица, Скопје, Битола, Штип, Гевгелија, Кавадарци, Варшава, Атина, Софија, Анкара, Цирих, Мадрид, Белград и други градови. Учествувал на повеќе групни изложби и ликовни колонии во Македонија и во странство. Во 2013 година реализира студиски престој во Париз, Франција

Активистите од „Здрава котлина“, „Младите од Иловица – Штука“, „Еко долина“ и поддржувачите во недела, 26 мај од 15:00 часот организираат протестен моторизиран караван против рудникот Иловица-Штука низ улиците на Струмица и населените места во струмичко.

Како што најавуваат, караванот ќе се состои од автомобили и мотори кои ќе поминат приближно 60 километри по определена патека, движејќи се во колона со намалена брзина на движење.

„Ова е предупредувачки протест и показна вежба што евентуално би можела да се трансформира во целосна децентрализирана блокада на цел Југоисток во блиска иднина, доколку владата на премиерот Заев не ги уважи законите и јасно изразената воља на граѓаните за стопирање и одземање на истечената концесија за рудникот Иловица-Штука. Знаеме за притисоците врз Владата од Трафигура, новиот сопственик на Еуромакс, но им порачуваме дека ова не е Африка за да можат како таму нечујно да иструјат илјадници луѓе притоа подмитувајќи политичари за да си играме на куклен театар“ - стои во повикот за караванот.

Според активистите, сите треба да бидат свесни дека ако нема закони и правда тогаш, како што велат, борбата за живот и анархијата ќе го изгори куклениот театар.

„Апелираме до Владата и премиерот Заев да постапат по законите и да го спречат ова масовно зло што не познава граници во трка за профит“ - велат иницијаторите на протестниот караван.

Маршрута: Струмица (Агрокор-Десно кон кружен тек кај силоси-Десно кон кружен тек пред Добрејци-ул. Ленинова-Центар-Десно под плоштад-Лево на раскрсница кај училиште Сандо Масев-Лево кон кружен тек кај Бурчо-Лево кон бул. Маршал Тито-Десно кон ул. Балканска-Лево на раскрсница пред Техничкото училиште-Транзитен пат-Лево кон Силоси-Десно кон)-Дабиље-Робово-Муртино-Моноспитово-Бориево-Турново-Секирник-Зубово-Ново Село-Сушица-Секирник-Турново-Штука-Иловица-Турново-Босилово-Дабиље-Агрокор.

Синоќа во Струмица во Центарот за култура „Антон Панов“, концерт одржа Ансамблот за народни игри и песни „Танец“ од Скопје.

Ансамблот „Танец“ и синоќа покажа дека е најдобриот репрезент на македонскиот фолклор каде и да се појави. Нивниот настап беше одличен. Во сите фази од концертот, од играорците до вокалистите и оркестарската изведба, делуваа совршено.

Публиката уживаше во ората Раштак, Осоговка, Копачка, Тресеница, додека вокалистите на „Танец“ исполнија повеќе песни, а не изостанаа ни инструментални изведби на реномираниот оркестар под раководство на маестро Милан Завков.

Веќе шест децении „Танец“, со своите уникатни носии со кои настапува секаде ширум светот, претставува вистински подвижен историски музеј на македонското културно наследство.

Националната установа за народни игри и песни – ансамбл „Танец“ е официјано формиран во мај 1949 година, а нивното прво претставување надвор од границите на Македонија (тогашна Југославија) се случило 1950 година во Англија на „Меѓународниот фестивал“ во Велс. На оваа манифестација членовите на „Танец“ со изведбата на „Тешкото“ ги освоија сите можни поени, добивајќи ја највисоката награда, признание уште повеќе вредно и поради фактот дека ниеден ансамбл во целата историја на траење на фестивалот ги нема освоено сите можни поени од страна на жирито.

Од самиот почеток па до денеска, за успехот на „Танец“ говорат бројните добиени награди и признанија, а „Танец“ има учествувано на над 5.500 концерти и подиуми во земјата и во светот, претставувајќи се пред околу 8 милиони гледачи.

Актерот Коста Ангов и претставата „Животинска фарма“ од Џорџ Орвел во изведба на Народниот театар „Антон Панов“ од Струмица се наградени на Фестивалот на малите театарски форми што се одржа во Враца, Бугарија.

Жирито на Меѓународниот фестивал НЕТА, наградите на струмичкиот народен театар му ја додели за најуспешна реализација и современ политички звук на утопискиот роман на Џорџ Орвел - „Животинска фарма“, во режија на Љупчо Ѓоргиевски, додека наградата на актерот Коста Ангов му е доделена за улогата Наполеон во истоимената претстава.

Одбојкарите на „ЏИО Струмица“ уште една година ќе бидат на тронот во македонската одбојка, откако вечерва во салата „Парк“ во Струмица ја одбранија титулата и го кренаа Шампионскиот пехар.

Во финалната серија, момците на „ЏИО Струмица“ по втор пат славеа со 3:0 против „Шутова“ од Кичево, што беше доволно да бидат крунисани во државни прваци за сезоната 2018/2019.

Ова е седма Шампионска титула за струмичани до која стасаа со 26 убедливи победи и два порази од „Вардар“ во полуфиналето и од „Шутова“ во втората фаза. „ЏИО“ Струмица пред неполн месец се закити и со КУП титулата.

Четата на капитенот на струмичани, Васе Михаилов – Ристо Николов, Стојан Илиев, Марјан Урдов, Славе Наков, Тиме Ричлиев и Ефтим Ричлиев, беа момците кои го носеа главниот товар во првенството, но и во завршницата и ги нарекуваат „златни“ одбојкарски момчиња кои вечерва во салата „Парк“ повторно пееја: „Срцето му чууука… Цел живот сум тууука……Плаво бела боја, е и крвта моја“…

28-годишен моторциклист почина во сообраќајната несреќа што се случи на патот Кичево-Охрид, кај селото Другово. Обвинителството информира дека во несреќата учествувале мотоциклистот и товарно возило со струмички регистарски ознаки.

„Товарното моторно возило со регистарски ознаки од Струмица удрило во моторциклот без регистарски ознаки, управуван од лице на возраст од 28 години. Од ударот, мотоциклистот се здобил со тешки телесни повреди и починал на пат кон медицинска установа во Скопје. Од страна на дежурниот јавен обвинител во содејство со увидна екипа на Секторот за внатрешни работи во Кичево извршен е увид на местото на настанот. Притоа се фиксирани пронајдените траги и предмети. Надлежниот јавен обвинител издаде Наредба за проверка на крв кај возачот на товарното моторно возило и за обдукција на починатото лице. Извршена е и фотодокументација на местото на настанот“ – стои во соопштението на Јавното Обвинителство.

Двата прволигашки клубови од Струмица, ФК „Академија Пандев“ и ФК „Беласица“, добија лиценца за настап во Лигата на Европа следната сезона, информираа денеска од Комисијата за лиценцирање при ФФМ.

„Комисијата за Лиценцирање на ФФМ врз основа на доставените барања и документација од клубовите во Прва МФЛ, а за учество во УЕФА натпреварувања за сезона 2019/2020 донесе одлука да издаде лиценца за учество во УЕФА натпреварувања за сезона 2019/2020 на фудбалските клубови: Академија Пандев АД – Струмица, Беласица АД – Струмица, Македонија ЃП 1932 АД – Скопје, Работнички АД – Скопје, Ренова АД – Скопје, Силекс АД – Кратово, Шкендија АД – Тетово и Шкупи 1927 АД – Скопје“ – стои во информацијата.

Меѓу прволигашките клубови, ФК „Вардар“ Скопје и ФК „Победа“ Прилеп не добија лиценца за учество во УЕФА натпреварувања во сезоната 2019/2020. Од Комисијата за лиценцирање велат дека оваа одлука е конечна.

Претседателот на СДСМ и актуелен премиер, Зоран Заев донел одлука за разрешување на сите претседатели на Општински организации на СДСМ, меѓу нив е и претседателот на Струмичкиот огранок, Марјан Даскаловски, кој 9 години ги води Социјалдемократите во Струмица.

„Синоќа донесов одлуки, а денеска е ред да ги споделам. Ќе бидат изработени решенија од страна на администрацијата на СДСМ и во текот на денот ќе ги потпишам решенијата. Одлуката е, се разрешуваат сите претседатели на Општински ограноци на СДСМ. Сакам да им се заблагодарам на сите за активноста, работата, служењето на граѓаните, како претставници на локално ниво на најголемата владејачка партија“ – изјави Заев, повикувајќи ги оние претседатели на општински организации каде победиле на последните избори повторно да се кандидираат за претседател на конкурсот, кој ќе биде објавен веќе следната недела.

Разрешени се вкупно 78 претседатели на Општински организации на СДСМ. Органите и телата на партијата веднаш ќе донесат одлука за отпочнување постапка за избор на нови раководства.

Тој најави дека во првата половина на месец јуни ќе се случуваат промените и во општествениот сектор, а тоа се јавните претпријатија, министерствата, Владата и сите владини институции.

Вчера околу 10:00 часот на патот од Струмица кон село Дабиље се случила сообракајна незгода помеѓу патничко возило „Пежо Експерт“ со скопски регистарски ознаки, управувано од А.С.(36) од село Иловица и патничко возило „Фолксваген Голф“ со струмички регистарски ознаки, управувано од П.К.(20) од село Муртино – информираат од СВР Струмица.

Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил сопатникот во возилото „Фолксваген Голф“, П.Џ. (50), кој бил пренесен во Струмичката болница, каде му била укажана лекарска помош.

Увид на местото извршила екипа од СВР Струмица. Се работи на расчистување на случајот.

Ечеше плех музика на плоштадот во Струмица. Синоќа фудбалерите на „Академија Пандев“ го донесоа трофејот во Струмица, славеа на плоштадот и во „кафаната“ на Сашко Пандев на самиот плоштад.

До сабајле се славеше освојувањето на КУП трофејот, прв за „пандевци“, но прв и за фудбалска Струмица. Се славеше и за излез во фудбалска Европа… Еве ја атмосферата…

ФК „Академија Пандев“ од Струмица е победник на 27-то финале во Купот на Македонија и за првпат по клупската историја го освои трофејот во најмасовното фудбалско натпреварување.

Во финалниот дуел по изведување пенали „пандевци“ славеа против со ФК „Македонија ЃП“ со 4:2, откако по регуларниот дел, а и по продолженијата, натпреварот заврши 2:2.

Голманот на „Академија Пандев“, Душан Чубраковиќ, ги одбрани ударите од белата точка на Робсон Да Силва и на Дејан Тантуровски, а неговите соиграчи беа максимално прецизни при реализацијата.

ФК МАКЕДОНИЈА ЃП – ФК АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ 2:2 (1:1) по пенали 2:4

Фудбалерите на ФК „Академија Пандев“ денеска против ФК „Македонија ЃП“ го игра првото КУП финале во својата историја. Натпреварот се игра на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје со почеток во 18:30 часот, каде „пандевци“ ќе се обидат да го донесат првиот фудбалски трофеј во Струмица.

„Македонија ЃП“ денеска ќе се обиде да го освои својот втор трофеј, „Академија Пандев“ ќе слави прво одличје, откако е во елитата и тоа за кус период.

Ракометната репрезентација на Македонија одново ќе игра натпревар надвор од Скопје. Како што е објавено на официјалната страна „ЕХФ“ Македонија натпреварот против Грција, место во Скопје ќе го игра во Струмица.

Претходно иако беше објавено дека последниот натпревар од квалификациите за Европското првенство во 2020 година ќе се игра во Скопје, сепак на крајот одлуката е промената и одлучено е тој да се одигра во Струмица.

Во првиот натпревар од овој квалификациски циклус портив Грција, изненадувачки бевме поразени на гости во Кожани.

Кога во прашање се натпреварите на ракометната репрезентација во Струмица, Македонија последниот натпревар во Струмица го одигра 2013-та година, како пријателски натпревар против Црна Гора.

Натпреварот помеѓу Македонија и Грција е закажана за 16-ти јуни во 18:00 часот.

17-годишниот струмичанец Митко Ников, ученик во трета година при СОУ „Јане Сандански“ во Струмица го освои првото место на средношколскиот натпревар за програмирање „CodeCup“ во Битола.

Во конкуренција на 30-тина ученици, Ников, под менторство на професорката Славица Милева Ефтимова, првото место го освои со проектот – веб платформата „SchoolNet“, за подобра интерактивна настава.

„SchoolNet“ претставува социјална мрежа, веб платформа преку која се овозможува хостирање на едукативни онлајн игри во вистинско време и истата е наменета за користење во училишната настава. „SchoolNet“ се базира на најновите технологии со почитување на синтаксичките стандарди на Google, и е со отворен извор на код, така што секој може да го модифицира и надоградува“ – вели Митко Ников, кој на платформата работел околу три месеци.

Натпреварот CodeCup е организиран од Факултетот за информатички и комуникациски технологии, а годинава негови спонзори се битолските IT компании Netcetera и Interworks.