Струмичка Беласица во своите редови го донесе Бразилецот Робсон да Силва кој важи за еден од најдобрите играчи за врска во ПМФЛ.

Да Силва доаѓа од тимот на ФК Македонија ЃП од Скопје, каде има 62 настапи и 10 погодоци.

„Бразилецот е играч кој располага со извонредна визија за игра, одличен удар од далечина, специјалист за слободни удари и е фудбалер кој секогаш го дава максимумот на фудбалскиот терен“, посочуваат од струмичкиот клуб.

Шефот на стручниот штаб на Беласица, Ване Милков, вели дека му претставува големо задоволство што играч со ваков квалитет ќе игра во неговиот тим во новата сезона. Смета дека Робсон е доста талентиран фудбалер и дека ова е значајно засилување за струмичките сино-бели, кои наредната сезона се враќаат во ПМФЛ.

„Сакам да се заблагодарам на ФК Беласица што ми овозможија повторно да играм и да го покажам мојот квалитет во Македонија. Се надевам дека со благослов од Господ ќе направиме успеси во новата сезона“, вели Да Силва.

Беласица изминатата сезона ја помина во Втората МФЛ, но поради кризата предизвикана од пандемијата на КОВИД-19, на половина од натпреварувањето беше прогласена за победник во лигата и од наредната сезона повторно се враќа во Првата македонска фудбалска лига.