Струмичка Беласица во своите редови го донесе Бразилецот Робсон да Силва кој важи за еден од најдобрите играчи за врска во ПМФЛ.

Да Силва доаѓа од тимот на ФК Македонија ЃП од Скопје, каде има 62 настапи и 10 погодоци.

„Бразилецот е играч кој располага со извонредна визија за игра, одличен удар од далечина, специјалист за слободни удари и е фудбалер кој секогаш го дава максимумот на фудбалскиот терен“, посочуваат од струмичкиот клуб.

Шефот на стручниот штаб на Беласица, Ване Милков, вели дека му претставува големо задоволство што играч со ваков квалитет ќе игра во неговиот тим во новата сезона. Смета дека Робсон е доста талентиран фудбалер и дека ова е значајно засилување за струмичките сино-бели, кои наредната сезона се враќаат во ПМФЛ.

„Сакам да се заблагодарам на ФК Беласица што ми овозможија повторно да играм и да го покажам мојот квалитет во Македонија. Се надевам дека со благослов од Господ ќе направиме успеси во новата сезона“, вели Да Силва.

Беласица изминатата сезона ја помина во Втората МФЛ, но поради кризата предизвикана од пандемијата на КОВИД-19, на половина од натпреварувањето беше прогласена за победник во лигата и од наредната сезона повторно се враќа во Првата македонска фудбалска лига.

По вчерашната вест дека раководството на Беласица го раскинало договорот со досегашниот шеф на стручниот штаб, србинот Марјан Живковиќ, порталот Екипа.мк пренесува дека Наџи Шенсои, поранешен тренер на Пелистер треба да го предводи струмичкиот прволигаш.

Екипа известува дека според своите информации Шенсои е во преговори со Беласица уште од пролетниот дел на ПМФЛ.

Инаку, раководството на Беласица го прекина договорот со Живковиќ по вчерашниот пораз на сино-белите од Силекс во Кратово, поради слабите резултати во првата полусезона на првенството.

Претседателот на Беласица Славчо Васков, како што пренесува ТВ Канал ВИС, истакнал дека тој ќе го предводи тимот на реваншот со Силекс на Купот во среда.

Ажурирано (03.12.2018): Оваа информација на Екипа.мк сепак за кратко беше потврдена од претседателот на Беласица, Славчо Васков кој во изјава за ТВ Канал ВИС вели дека преговараат со Шенсои, но немаат конкретен договор затоа што размислуваат и за други тренери кои може да го предводат клубот.

Младост попладнево беше речиси преполн за струмичкото дерби помеѓу прволигашите Академија Пандев и домаќинот Беласица. Натпреварот се играше во второто коло од Првата МФЛ, а дуел помеѓу овие два струмички клубови последен пат се играше во 2016 година на стадионот Кукуш во Турново.

Првото полувреме помина мирно и без голови, но затоа во втората половина од струмичкото дерби, со шут од 20 метри, Марио Крстовски заби во голот на сино-белите. Тоа не беше доволно, па Крстовски истрча одлична контра и уште еднаш го совлада голманот на Беласица, Вујанац со што донесе сигурна победа од 0:2 за Академија Пандев.

Со ова, Академија Пандев ги однесе трите бода од гостувањето кај градскиот ривал и ова е втора нејзина победа, откако претходно го совлада ФК Македонија ЃП со 2:1 на домашен терен, а следното коло ќе го игра со Шкупи. За Беласица пак ова е втор пораз оваа сезона. Таа во првото коло изгуби од Победа од Прилеп со 0:1 разлика.

Инаку меѓу големиот број струмичани кои овој викенд го искористија за одличен градски фудбал, струмичкото дерби го следеше и премиерот Зоран Заев. Двете главни трибини - северната и јужната беа речиси пополнети, а на својата редовна трибина навиваа и верните Ајдуци кои извадија и кореографии.

Во најава на градското дерби помеѓу струмичките фудбалски прволигаши Академија Пандев и Беласица кој ќе се игра во недела во рамките на второто коло на Првата МФЛ, тренерите на двата клубови ги кажаа своите претпоставки и очекувања за натпреварот за ТВ Канал ВИС.

И двата тренери, исто како и нивните тимови очекуваат добар натпревар и се надеваат дека стадионот Младост во недела попладнето ќе биде полн. Тие исто така очекуваат победа за своите тимови, сепак според стратегот на Беласица, Живковиќ, желбата за победа и оној тим кој ќе направи помалку грешки ќе решава за дербито.

Тренерот на Пандевци, Југослав Тренчовски верува дека Беласица е фаворит и имаат мала предност бидејќи новите засилувања на сино-белите - Балдовалиев, Милушев, Вујанац, Ташев се со прволигашко искуство, а од друга страна пак Академија Пандев се соочува со мали проблеми во тимот.

„Беласица е благ фаворит за меѓусебниот натпревар. Според мене се во мала предност бидејќи играат на домашен терен, а и искуството е на нивна страна. Имињата Балдовалиев, Милушев, Вујанац, Ташев доволно зборуваат колкаво прволигашко искуство имаат. За разлика од нив ние се соочуваме со мали проблеми. Костов и Мишов се надвор од тимот заради повреди, Стоилов и Иванов имаат вирус, но ќе се обидеме да ги искористиме. Се надевам дека и Стојков ќе стекне право на настап“ - рече Тренчовски за ВИС Спорт.

Новиот тренер на Беласица пак, србинот Марјан Живковиќ очекува неговиот тим да биде подобар во однос на мечот од првото коло во кое загубија од Победа Прилеп со разлика од 1:0, но сепак смета дека Беласица сè уште е тим во фаза на подготовки и се привикнува на новиот тренер. Единствен проблем за сино-белите е повредениот Стојков, а во другите Живковиќ има потполна доверба.

„Очекувам мојата екипа да биде подобра во однос на мечот од првото коло, а дали тоа ќе биде доволно за победа, искрено се надевам дека ќе биде, но нема да е катастрофа и ако не го добиеме тој меч. Ние сме тим кој се уште е во фаза на „подготовка и селекција“, тим кој привикнува на потребите на новиот тренер и тоа никогаш не оди толку лесно и брзо“ - вели Живковиќ за ТВ Канал ВИС.

Влезот на овој натпревар од ФК Беласица известуваат дека ќе биде слободен за жените и децата. Исто така, управата на стадионот сите трибини на стадионот ќе ги отвори за гледачите.

„Како и да е мора да прифатиме дека сме подготвени за натпреварот. Се надевам ќе одиграме дисциплинирано и без големи емоции. Ова се однесува пред сè за младите играчи кои секако ќе добијат поддршка од искусните Пандев, Стојков и Илиев. За победникот ќе одлучува моменталната инспирација и моменти на некои поединци кои ќе го покажат својот талент. Посакувам полн стадион и љубителите после натпреварот да заминат задоволни и да се зборува дека Струмица навистина заслужува вакво дерби кое треба да биде традиционално“ - изјави стратегот на Беласица, Југослав Тренчовски.

Градското дерби кое се очекува да го наполни стадионот и да приреди добар натпревар за публиката ќе се игра со почеток во 17:00 часот во недела, 19 август на стадионот Младост во Струмица, каде што Академија Пандев ќе ѝ гостува на новајлијата во Првата лига, Беласица, а карти за натпреварот може да се купат по цена од 100 денари во игротеката „Пиндолино“ која е во склоп на стадионот „Младост“.

Се наближува второто коло за двата струмички фудбалски клубови Беласица и Академија Пандев кои во недела ќе играат дерби на стадионот Младост. Натпреварот ќе се одигра во рамките на Првата македонска фудбалска лига и е прв од неколкуте дуели помеѓу овие два струмички клубови кои се на распоредот на лигата за оваа фудбалска сезона.

Во интервју за ТВ Канал ВИС, напаѓачот Зоран Балдовалиев кој пред ФК Беласица играше за Академија Пандев и најновиот играч кој потпиша за Пандевци, Ацо Стојков се надеваат на полн стадион, добар натпревар и победа за своите тимови.

„Очекувам прво полн стадион после толку години. Публиката да види еден добар натпревар. Тренираме со ладни глави, а расположението е одлично. Што ќе одлучува за победникот, тоа ќе си го зачувам за мене, нема да кажам јавно за да може да победиме“, изјави за ВИС Спорт Зоран Балдовалиев кој лани беше најдобар стрелец во Академија Пандев, а оваа сезона се врати во матичната Беласица.

И двајцата како и многуте струмички фудбалери својата кариера ја започнале во еден од најстарите клубови во државата, ФК Беласица, па Стојков очекува да биде емотивна игра, но вели дека како професионалец ќе игра до победа за својот тим.

„Во недела ќе имам можност да играм против Беласица што за мене ќе биде малку емотивно и на некој начин чудно бидејќи таму ги поминав сите млади категории до прв тим. Но, како професионалец тоа го оставам на страна и во недела како и во минатото коло, Академија Пандев ќе оди на победа. Нема да биде лесно затоа што пред сè е дерби натпревар. Се надевам дека стадионот Младост ќе биде полн“, рече Аце Стојков.

Дерби натпреварот ќе се игра попладнето, со почеток во 17 часот, а влезниците веќе се пуштени во продажба и може да се набават по цена од 100 денари во игротеката Пиндолино која се наоѓа во склоп на стадионот Младост во Струмица.

Страница 1 од 2