„Човекот го нема, но тука е просторот. Каде исчезнал човекот? Се претопил ли во просторот? Или просторот станал човек? Изгубен во просторот. Изгубен во човекот. Изгубени, без можност за пронаоѓање оти се едно. Најтешко е да се најдеш себе. Сè укажува дека некогаш постоел човекот. Знаците се создадени од човек и се наменети за човек да ги одгатне. Што му останува на човекот кога го губи просторот? Времето? Просторот не е само простор. Времето не е само време. Времепростор е. Кога се губи просторот, исчезнува и времето. Во сликите на Ѕингаров просторот е тука и не е тука. Времето е тука и не е тука. Човекот е тука и не е тука. Тие се топоси на привременоста и одминливоста. Што останува откако сè исчезнало? Празнина? Загледајте ги добро сликите на Ѕингаров и пробајте да се најдете себе на одреден датум, во одредено време и простор. Ако не сте успеале, значи сте се изгубиле пред да се пронајдете, оти тие се создадени од она кое што го населува просторот откако човекот ќе го напушти просторот, и од она кое што е веќе во човекот: боја, контура, форма, симбол, емоција... Изгубени простори не е само деконструкција на просторот, туку и деконструлција на човекот. Соочени пред ненаселен простор, единствениот избор што човек го има е да се изгуби во него. За да може одново да ја најде идејата за себе“ - напиша Трајче Бјадов за делата создадени од Марјан Ѕингаров.