Денеска во пресрет на празникот Ѓурѓовден, над Ново Село се одржаа традиционалните „Ѓурѓовденски средби 2015“.
Сите учесници во манифестацијата, културно-уметнички друштва, музички ансамбли и поединци свирачи на народни инструменти, жители од Ново Село и регионот, со заедничко дефиле се упатија кон Белев Рид, над Ново Село, каде што на платото пред манастирот „Свети Ѓорѓи и Свети Димитар“ се одржа културно-уметничка програма.
На зелената полјана, сите учесници по полчасовното пешачење се дружеа и се веселеа со народни песни и ора во чест на големиот христијански празник Ѓурѓовден.
Од членовите на културно-уметничките друштва од Македонија и соседна Бугарија, КУД „Јане Сандански“ – Ново Село, Ансамблот за народни танци „Никола Вапцаров“ од Сандански, Бугарија, Фолклорниот ансамбл „Бучим“ од Радовиш, беа изведени народи ора и песни, а насобраниот народ ги поздравуваше со силно ракоплескање.
Овие средби се од особена важност за граѓаните на Општина Ново Село, бидејќи со нивното одржување се продолжува традицијата преку негувањето на песната и орото од една страна и носиите од друга страна.
Манифестацијата „Ѓурѓовденски средби“ е во организација на Домот на културата „Јане Сандански“, со финансиска поддршка на општина Ново Село, а покровител на манифестацијата и годинава беше градоначалникот Блажо Велков.