Обичајот на бадниковото гранче е препознатлив обичај на Србите и на Српската Православна Црква и на ниту една друга православна Црква и народ. Овој обичај е насилно воведен во нашите цркви, после утврдената српска окупација на Вардарскиот дел од Македонија, по завршувањето на Првата светска војна - пишува Владиката Наум, а го пренесува порталот „Фаланга“.
Јасно и разбирливо е зошто овој обичај се задржал или се обновил во Скопје и на некои други места, односно во делот на Македонија каде што според последниот попис живеат околу 40.000 Срби, но не е јасно зошто истото се случува и во некои други делови од Македонија и зошто еден туѓ обичај прифаќаат Македонците?
Дали е во прашање медиумската соблазна на народот или незнаење или среброљубие или сензација или пак некоја друга причина, Господ знае?
Знаеме само дека ова е прашање на идентитет и знаеме дека со медиумското форсирање на ваквите обичаи се дефокусира јавноста од она што е битно, а тоа е исполнувањето на Божјите заповеди, исповедта на своите гревови и причестувањето со телото и крвта Христови. Очигледно, многу е полесно да се собираат гранки по шумата, отколку да се чекори по тесниот евангелски пат. Затоа по црквите на нашата Струмичка Епархија не се делат бадникови гранчиња - вели г. Наум.
Бадниковите огнови , пак, се во потполна несогласност со Црковното Предание. Палењето оган, печењето колбаси и пиењето ракија се во апсолутна спротивност со Божиќниот пост. Свештенството не дозволува овие појави да се случуваат во црковните дворови.
Истото важи и за бадниковата семејна вечера, ако луѓето се откажат од Светата Причест заради јадењето зејтин и риба.
Ставањето на паричка во лебот или питата за Бадник е исто така српски црковен обичај. Македонски црковен обичај е паричката да се става во лебот или питата или во колачот на 14 јануари - денот на Свети Василиј Велики, попознат во народот уште и како Стара Нова Година, т.е. Црковна Нова Година.
Кој сака да знае повеќе за ова нека прочита во житието на Свети Василиј Велики - вели митрополитот Наум.