Струмичани имаа ретка можност, барем оние кои беа синоќа во Храмот на културата во Струмица, да уживаат во звуците на аргентинското танго од четворица виртуози на своите инструменти, двајцата струмичани Тони Пецанов на бандонеон и Роберт Цеков на виолина, кој живее и работи во Холандија, Емилија Кабранова Филипова од Неготино на пијано и битолчанката Александра Чуруковска на контрабас.

Четворицата професионални музичари на големата сцена, звуците од бандонеонот, пијаното, виолината, контрабасот, на познати композиици од аргентинскиот мајстор на тангото Астор Пјацола, студената сала на НУЦК „Антон Панов“, направија топол амбиент, љубовни насмевки на лицата на публиката, која не остана рамнодушна на ниту една отсвирена нота и ги наградуваше музичарите со долготрајни аплаузи.

Кај нас танго музика се слуша исклучиво во домашен амбиент, живите изведби се вистинска реткост, како што беше синоќешниот концерт наречен „Танго во ноќта“, создаден од идејата на Тони Пецанов и неговите пријатели, во организација на НУЦК „Антон Панов“, а со финансиска поддршка на Министерството за култура. (Р.Ѓ.)

Автор на фотографиите: Георги Кончалиев

„Ќе го забрзаме процесот на легализација на бесправно изградените објекти во месноста Софилар. Жителите конечно ќе ги уживаат бенефитите од урбанизацијата со патна, водоводна и канализациона инфраструктура и јавно осветлување“ - ова беше едно од ветувањата во предизборната кампања на градоначалникот на општина Струмица, Коста Јаневски. Два месеца по ова ветување, тој започна со негова реализација.

Бугари и Македонци заедно се поклонија пред споменикот на поетот и револуционер Никола Вапцаров, во неговиот роден град Банско, Бугарија - пишува бугарската новинска агенција БГНЕС.

Во обраќањето на настанот беше истакнато дека благодарение на Општина Банско и ентузијазмот на пријателите, браќата и сестрите од Струмица и неколку училишта во оваа општина, двата народи уште еднаш докажале дека заедно можат повеќе, умеат да ги надминат политичките интереси и да направат компромис, обединети од идејата врз која почива ликот и делото на Вапцаров.

На одбележувањето на годишнината од раѓањето на Вапцаров, присуствуваа и директорите на струмичките училишта, на ООУ „Никола Вапцаров“, Борис Иванов и на СОУ „Јане Сандански“, Невенка Стојанова.

ВИДЕО на БГНЕС на следниот линк >>>

Претседателот на Советот на општина Струмица, Марјан Даскаловски, по напуштањето на денешната седница на членовите на Советот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, со прашање до нив, дали насилното влегување во Собранието, тепањето на пратениците и присутните новинари е патриотизам?

„Дали треба тие да се солидаризираат и во нивна чест да не дебатираат за останатите точки кои беа на дневен ред и се од интерес на граѓаните. Сметав дека оваа советничка група е поразлична и дека нема да води политика туку ќе работи во интерес на граѓаните на општина Струмица. Советниците требаше да останат тука до крај, да дебатираат, да гласаат за или против. Притворените не се осудени, судот ќе каже дали го бранеле или кршеле Уставот“ - рече Даскаловски.

Од денеска започна најавената ЕКО акција во организација на Општина Струмица и ЈПКД „Комуналец“ од Струмица.

Акцијата започна во населбата Карпош во градот Струмица и продолжува во сите населби на територијата на општина Струмица. Со акцијата се врши машинско и рачно метење на улиците, тротоарите и отстранување на целото ѓубре.

Во недела продолжува акцијата во населбата Чифлик, а ќе се чисти и дивата депонија на патот Струмица - населено место Баница. На 13-ти и 17-ти декември ќе се врши генерално чистење на реон 1 или каде што отпадот се собира понеделник и четврток. На 20-ти и 24-ти декември ќе се врши генерално чистење на реон 2 или каде што отпадот се собира вторник и петок.

Од „Комуналец“ информираат дека покрај чистење на реоните ќе биде извршено и чистење на дивите депонии, како што се на улица „Климент Охридски“, на излезот од Струмица кон комплексот „Македонска куќа“, на патниот правец Струмица - Градско Балдовци и дивата депонија на улица „Антон Панов“.

ЕКО акцијата ќе трае до 24 декември, а целта е пред Новогодишните и Божиќните празници да се исчисти секоја јавна површина во градот Струмица, секое маало, улица, тротоар, да се отстрани секоја дива депонија.