Премиерот Зоран Заев, одржа прес-конференција на која беше презентиран четвртиот пакет економски мерки за ревитализирање на економијата во услови на КОВИД-19, усвоен на денешната седница на Владата.

„Првите три сета мерки ги запреа сериозните удари од пандемијата како здравствено - општествена криза и спречија социјално-економски последици кои во вакви ситуации можат да бидат драматични и долгорочни. Успешната стратегија за спречување на колапсот на здравствениот систем и на економијата и социјалната сигурност, создаде услови и за четвртиот пакет економски мерки. Новиот пакет има за цел да обезбеди одржливост на домашните економски дејности и на работните места, да закрепне одредени дејности, да обезбеди стабилност на социјалните трансфери и да обезбеди политики кои ќе помогнат спроведување на брза излезна стратегија кога кризата ќе заврши за да продолжиме со позитивните трендови на новата развојна македонска економија. Затоа, поддршката за граѓаните и стопанството продолжува и никој нема да биде изоставен. Ги имаме предвид сите дејности и компании“ – кажа премиерот Заев.

Тој најави дека новиот пакет мерки е насочен кон поддршка за работните места, кон невработените лица, социјално ранливите категории како што се пензионерите и граѓаните од други категории, самохрани родители. Ќе биде директна помош за економската и социјалната сигурност на нашите сограѓани, како и за поттик на приватната потрошувачка како стимулатор на општествениот раст.

Струмичанецот Сашко Митев, кој на музичката сцена е повеќе од 20 години, но во последната година освен ангажманите во ансамблот „Танец“, каде е вработен како кавалџија, почна да гради и своја соло кариера како пејач.

По неговата прва песна, „Подгорија“, која излезе во етер на почетокот од 2020 година заедно со видео запис, Сашко деновиве со уште една песна насловена „Ергенски живот“, за која исто така е направен видео запис.

„Песната ја посветив за еден убав период од мојот живот, за младоста, за момите, кафаните, серенадите со гитарите, период од животот што кај секого од нас буди убави спомении ги разнежнува нашите срца. Се надевам дека песната ќе и се допадне на публиката и барем за миг секој ќе се пронајде во неа“ – вели Сашко.

Заврши 57-то издание на меѓународната Струмичка ликовна колонија, годинава без странски уметници, само со 14 ликовни уметници од Македонија. Тие создадоа триесеттина нови дела кои ќе бидат изложени на 11-ти септември, денот на ослободувањето на Струмица.

Македонските уметници, во изминатите десет дена, делата ги создаваа на масло на платно, акрил и мозаик. Го збогатија фондот на колонијата, кој брои над 2560 дела создадени од околу 1400 ликовни уметници од целиот свет во изминатите 57 години.

На почетокот на колонијата беа отворени две изложби, самостојна изложба на Снежана Мелник и „Пријателство“, со дела од македонски и бугарски автори.

Македонските преставници во одбојкарскиот Челинџ куп, „ЏИО Струмица“ и „Вардар“ ги добија противниците во првото коло. ОК „ЏИО Струмица“ ќе игра со кипарската „Омонија Никозија“, а ОК „Вардар“ за противник ќе го има словенечкиот тим „Волеј Камник“.

Првите натпревари се закажани за периодот од 8 до 10 октомври, „ЏИО Струмица“ ќе биде домаќин, додека реваншите се закажани од 13 до 15 октомври.

Учениците од прво до трето одделение да посетуваат настава со физичко присуство во училница, согласно капацитетите на училиштата за спроведување на планот и протоколите на Министерството за образование и наука и со одобрување од родителите. За учениците кои имаат хронични болести, наставата да се одвива преку далечина (онлајн), одлучи Владата на денешната 81 седница.

Според соопштението од Владата, наставата со физичко присуство во училница може да се реализира во училиштата со обезбедени санитарно – хигиенски услови за одржување на општа и лична хигиена наведени во Протоколите, согласно епидемиолошката состојба во подрачјето/општината, но само доколку основачот на училиштето поднесе барање до Министерството за образование и наука со образложение за исполнетоста на критериумите и условите согласно протоколите и исклучиво по добиена согласност од страна на Владата на Република Северна Македонија, по претходно добиено позитивно мислење од Министерството за образование и наука и Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство.

Во училиштата кои имаат паралелки во кои се одвива дуално образование, практичниот дел од наставата, во компаниите, да се одвива со физичко присуство на работно место, со почитување на општите протоколи за заштита и на протоколите на компаниите каде се изведува практичната настава.

Владата го задолжи Министерството за образование и наука, во соработка со Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, да подготви и за наредната седница на Владата, што ќе се одржи во текот на оваа недела, да достави финални, усогласени планови и протоколи за одржување на наставата во основните и средните училишта во учебната 2020/2021 година (начин на организирање на наставата, електронска платформа за учење на далечина, носење на лична заштита, број на ученици во училница, број на одделенија/класови и слично, согласно трите модели за одржување на настава).