Екипата на „Амор Гарден“ од Струмица е победник на Новогодишно-Божиќниот турнир во мал фудбал „Василево 2014/2015“, кој заврши синоќа, со победа над екипата „Зиго Шпед“ од Радовиш и резултат од 5:4 во финалниот натпревар.
Третото место во сениорска конкуренција го освои на екипата на „Владе Банско“, кои во малото финале беа подобри од „Агро Тим Пиперево“.
Најдобар играч на турнирот е прогласен Бојан Иванов од екипата на „Зиго Шпед“, титулата за најдобар стрелец ја освои Пепи Најдов (Владе Банско), а за најдобар голман во сениорска конкуренција Илчо Удовалиев (Амор Гарден). За „фер плеј“ екипа е прогласена „Чипа Лозана“.
Во кадетска конкуренција победник е екипата на „Тинејџер“ од Струмица, која во борбата за првото место беа подобри од „Кланица Шонтеви“ од Ангелци, а третото место им припадна на кадетскиот тим „Книжарница Сони“ од Радовиш.
Најдобар играч во оваа конкуренција е прогласен Наум Блажевски (Тинејџер), најдобар стрелец, Ѓорги Јовев (Тинејџер), а најдобар голман, Леон Фенов (Книжарница Сони).
За градоначалникот на општина Василево, Ване Стојанов, покровител на овој турнир, кој по петти пат се организира, овој пат од страна на ФК „Василево“, со овој турнир и уште многу други кои се одржуваат во регионот, општина Василево прераснува во една спортска општина. „Со поддршката во спортот и понатаму продолжуваме, надевајќи се дека еден ден од овде ќе израснат спортски легенди кои ќе ја претставуваат општина Василево, па и Република Македонија“ - вели градоначалникот Стојанов.
Наградниот фонд на Новогодишно-Божиќниот турнир „Василево 2014/2015“ изнесуваше 200.000 денари.