Струмичкиот бренд во трговијата „РАЗНОПРОМЕТ АС“, кој годинава го одбележува сребрениот јубилеј, 25 години од основањето на компанијата, синоќа организираше роденденско дружење со своите деловни партнери, потрошувачи, пријатели, но и сите вработени во продажниот центар, сега проширен на површина од 2500 м².

Компанијата „РАЗНОПРОМЕТ АС“ од Струмица е меѓу ретките семејни бизниси во Македонија која може да се пофали со 25 години опстојување на пазарот. Сопствениците, Елена и Никола Трајкови, горди на овој јубилеј и 25-годишното успешно работење.

Нивната приказна започнува во 1994 година со само двајца вработени, како мал трговски дуќан, за денес на 25-годишниот јубилеј да не пречекат 25 вработени, кои работат тимски, како еден спортски клуб. A рамо до рамо со нив е и „газдарицата“ Елена, која, ако не ја познавате ќе мислите дека е само една од работничките на „РАЗНОПРОМЕТ АС“. Ова им дава мотивација на вработените да бидат успешни и одговорни.

Инаку „РАЗНОПРОМЕТ АС“, кој е добитник на многу награди и признанија, важи за една од компаниите чии фокус се потребите на потрошувачите и во продажниот центар, кој се наоѓа на излезот од Струмица кон Дабиле, може да се најде буквално се за вашиот дом, како за изградба така и за опремување. Градежни матријали, водоводни и канализациони елементи, се за домаќинствата, но и разновиден алат, огромна палетата на производи за греење на пелети, дрва, радијатори за систем на парно греење, електрични уреди за греење. Застапник е на повеќе познати брендови, а многу често е прогласуван за најдобар трговец во Македонија на компанијата за производство на керамиди „Брамак“.

Паралелно ова фирма во интерес на празниците и сезоните воведува и дополнителни артикли со семејни цени, а викендот по повод јубилејот и реотворањето на проширениот продажен центар сите над 30.000 артикли беа намалени со различен попуст, почнувајќи од 5% до 70%.

„РАЗНОПРОМЕТ АС“ ќе биде секогаш со Вас и во наредните 25 години, на златниот јубилеј.

ФОТОГАЛЕРИЈА

Првата специјализирана продавница за здрава и органска храна во Струмица - „ВИОНА“, која се наоѓа во зградата до Основниот суд, утре ја одбележува 6-тата годишнина од отворањето на оваа специјализирана продавница. Својата дејност од пред две години ја прошири и со отворање на сопствена работилница за производство на слатки и солени производи од органски состојки, а од неодамна „ВИОНА“ на уште една локација, на самиот плоштад во Струмица.

По повод 6-от роденден на специјализирана продавница за здрава и органска храна „ВИОНА“, разговаравме со сопственичката, Виолета Врешкова Накова.

СтрумицаНет: Како се роди идејата за Виона?

Виолета: Се започна во јануари 2013 година, само што ја напуштив мојата претходна работа и немав никаква намера да започнам сопствен бизнис. Во тој период моја најдобра другарка се бореше со една од најтешките болести. Бев со неа секојдневно, бев сведок колку таа имаше желба да се избори, колку помош и поддршка имаше од семејството. Сите сакавме да помогнеме, таа веруваше во алтернативно лекување, во здрава исхрана. Ме убиваше мислата дека не можам да и помогнам па почнав да пишувам книга, да купувам литература за природно лекување, разговарав со секој што може на било кој начин да помогне. Така од ден на ден се повеќе верував дека храната е клучна за нашето здравје. Почнав да ја менувам исхраната на моето семејство, но се соочував со недостаток на намирници што сакав секојдневно да ги користам, а немаше од каде да ги набавам во Струмица, па нарачував од Скопје, а тоа не беше баш толку едноставно. Во еден момент станав свесна дека имам толку многу информации кои сакам да ги споделам со некој, да помогнам некому, да се промени размислувањето за храната. Така, дојдов до идејата за продавница за здрава храна, идејата ја прифати моето семејство, а најголема поддршка имав од мојот сопруг. Почнавме со истражување на пазарот, се беше толку сложено, да се одберат производи, да се најдат добавувачи, да се најде простор, да собереме информации за бенефитите од производите. Но, ништо не можеше да ме поколеба, некоја внатрешна сила ме водеше напред, да направам нешто корисно за сите. Уште поголем поттик ми беше што мојата другарка, иако веќе ја губеше битката со болеста, ме поддржуваше и ја радуваше сознанието што токму таа ми беше инспирација за почеток на оваа работа. За жал мојата Ели почина само три дена по отворањето на продавницата.

СтрумицаНет: Што следуваше понатаму, дали работите се одвиваа како што сте очекувале?

Виолета: Искрено да ви кажам, баш ништо не очекував, најважно ни беше да се започне со работа, а тоа значеше бескрајни разговори, објаснувања за производите, мелење семиња, мерење, пакување… Интерес имаше голем, бројни посети, прашања многу, и сфативме набргу дека еден човек не може сам, па се приклучи и сопругот.

СтрумицаНет: Дали бевте задоволни?

Виолета: Да, задоволни од сознанието дека многу од нашите сограѓани станаа наши редовни посетители и потрошувачи. Најважно беше што кај нас не се продаваа само производите, несебично се делеа совети за користење на производите, бенефити, рецепти… Сите оние кои ќе се сетат на тој период знаат колку беше убава атмосферата во „Виона“, колкави интересни дискусии се водеа, секогаш беше полно со позитивни луѓе.

СтрумицаНет: Што следуваше понатаму?

Виолета: Умеат луѓето да препознаат кога нешто се работи со љубов, кога сакаш да им помогнеш без да гледаш финансиски интерес, па почнаа да се доверуваат со здравствени проблеми, заеднички да бараме начин како да се помогне преку исхраната.

СтрумицаНет: Дали имаше резултати?

Виолета: Фалба би било, а тоа не го сакам, но мора да кажам, голема е бројката на луѓе кои слушајќи ги нашите совети надминаа здравствени проблеми. Со многу од нив станавме пријатели за цел живот. Како што се ширеа добрите вести за нашето работење ,така и нашите потрошувачи стануваа се побројни. Асортиманот на производи беше се поголем: Органски производи, безглутенски производи, супер храни, семиња, апетисани, брашна, житарки, чаеви, додатоци во исхраната, органска козметика, сите со проверен квалитет.

СтрумицаНет: После „Виона“ се отворија уште неколку пордавници за здрава храна кои набргу се затворија. Што мислите, зошто се случува тоа?

Виолета: Работата со храна сама по себе е многу одговорна, а уште посложено е кога се работи со здрава храна. Се уште има луѓе кои сметаат дека здравата храна е за болни луѓе, па сметајќи се себе за здрави, не сакаат ни да погледнат, не пак да купат „здрава храна“. Затоа, сметам дека ако се нема посебна љубов за тој тип на работа тешко е да се издржи на пазар од храна кој е преплавен со разни, не толку здрави производи, но толку добро пакувани што привлекуваат да бидат одбрани од луѓе на кои не им е многу важно што јадат.

СтрумицаНет: Значи ли тоа дека љубовта кон работата е клучот за успех на „Виона“?

Виолета: Мора да ви потенцирам, „Виона“ е семеен бизнис, цело семејство сме вклучени, посветено работиме деноноќно и веруваме во тоа што го работиме. Не секогаш финансиската надокнада е адекватна на нашиот вложен труд, но во тешки моменти ќе ви повторам дека само љубовта кон работата е пресудна да продолжиме.

СтрумицаНет: Имате сопствено производство, што опфаќа тоа?

Виолета: Од февруари 2016 година започнавме со сопствено производство. Тоа беше моментот кога сфативме дека време е и практично да покажеме колку прекрасни и вкусни производи може да се прават со здрави намирници. Имаме сопствена работилница со стандардизирани услови за работа во која се прават производи од одбрани, квалитетни суровини без бели брашна, бел шеќер, без конзерванси, адитиви, бои и без подобрувачи на вкусови. Започнавме со неколку производи, а сега имаме преку 30 производи од сопствена рецептура.

СтрумицаНет: Дали се има потрошувачи за вакви производи?

Виолета: Мора да признаам дека се поголем е интересот за нашите производи. Сите оние кои сакаат здрав и вкусен доручок знаат каде да го побарат.

СтрумицаНет: Отворивте уше една продавница оваа година, што ќе кажете за неа?

Виолета: „Viona Healthy Food To Go“ е отворена со друг концепт, да одговори на брзиот ритам на живот. Производите да им бидат достапни на нашите потрошувачи на уште една локација, на најубавото место во градот, на плоштадот во Струмица. Овде освен за јадење, може да добиете свежо цедени сокови, топло чоколадо, органско какао, чаеви, квалитетно кафе од италијанскиот бренд Oro Cafe со 25-годишна традиција. Се на се замислено ни е како едно топло катче каде што секој кој сака може да проба нешто вкусно и здраво или да си го понесе за дома или на работа.

СтрумицаНет: Дали здравите производи се поскапи во однос на белите пецива?

Виолета: Ние за нашите производи секогаш се стремиме да имаме прифатливи цени. Само оние луѓе кои дома си имаат подготвувано слични производи знаат дека цените на нашите производи се многу реални, а не се ни повисоки од цените на белите пецива чија цена на чинење е далеку пониска.

СтрумицаНет: Како конкуренцијата на пазарот влијае на вашето работење?

Виолета: Конкуренцијата е голема, бидејќи во секој голем маркет има дел со здрава храна што не беше случај пред некоја година. Разликата е што таму нема некој што е заинтересиран и обучен да даде објаснување за производите, за што служат, како се приготвуваат, користат и слично. Додека, во нашата продавница освен производот ќе добиете информации за се што ве интересира околу него. Тоа е за конкуренцијата во трговскиот дел, што се однесува за производите што сами ги подготвуваме нескромно ќе ви кажам - немаме вистинска конкуренција. Би можеле да зборуваме за вистинска конкуренција ако сите работиме со исти квалитетни суровини со исти набавни цени. Тие суровини ние што ги користиме барем кај нас во Струмица, никој не ги користи. Ние во производствениот процес користиме хелдино, спелтино брашно, мед, рогач, цејлонски цимет, хималајска сол, киноа, просо, лешници, бадеми, ореви, маслиново масло, кокосово масло, какаово масло, кокосов шеќер. Секој што ги знае цените на овие продукти знае какви се трошоците и цената чинење на нашите производи. Не е исто да пробате производи од брашно кое чини 20 денари од килограм и брашно од 220 денари колиграм. Голема е разлигата, нели. Не е само во цената, уште поголема е разликата во квалитетот и бенефитот по здравјето на оној кој користи такви производи, но сепак секој сам одлучува за иста цена каков производ ќе одбере да јаде. Мене лично најмногу ме радуваше коментарот на луѓе кои доаѓаат од други градови, па и од други држави. Кога ќе слушнеме дека таков асортиман на здрави производи со таков состав нема ни во поголемите градови, знаеме дека сме на вистинскиот пат.

СтрумицаНет: А дали струмичани сакаат повеќе бели или здрави пецива?

Виолета: По мое мислење повеќето се љубители на бели пецива, но се повеќе ги има тие што предност дават на здравите производи. Јас лично немам некакви предрасуди околу тоа кој како се храни. Во мојот дом бел шеќер, бело брашно, бел ориз, бела сол, маргарин, паштети не се користат, но тоа не значи дека ако некаде на гости ме понудат со домашна кифличка од бело брашно ќе одбијам, сепак тоа е ретко.

СтрумицаНет: Што ќе им порачате на струмичани?

Виолета: Прво би сакала да им се заблагодарам од се срце на сите оние што се секојдневно со нас, на сите оние што веруваат во нас и нашето работење, што ги сакаат нашите производи. Верувајте, без нив и нивната поддршка немаше да издржиме, само тие ни дават поттик и желба уште повеќе да се трудиме и нема да ги изневериме, им ветувам. Би им препорачала на сите да внимаваат повеќе на здравјето. Можеби се раѓаме со добро здравје, но ако не се грижиме доволно за него ќе се соочиме со здравствени проблеми, кои не се пријатни и не секогаш завршуваат добро. Сакам да кажам дека здравата исхрана не е моден тренд кој ќе помине, здравата исхрана е стил на живеење, се гради постепено, но тоа е единствен начин да бидеме здрави, да мислиме и делуваме позитивно, а со тоа и бидеме среќни, бидејќи само здрав човек е среќен човек.

Ретко се прави ваков јубилеј, во бракот се вели „златна свадба“, во естрадните води да бидеш 50 години е успешна кариера со трајни вредности. Перо Христов, синоќа на големата сцена во Центарот за култура во Струмица одржа прекрасен концерт за 50-те години на естрадата, кои струмичани, оние што беа, ќе ја паметат два и пол часовната музичка приказна на Перо, збогатена се многу гости, колеги од естрадата.

На естрадната сцена стапна во далечната 1969 година, а веќе во 1972 година ја сними првата песна, „Капка среќа“, македонска забавна мелодија. Пееше забавно во тогашните ЈУ простори, во 1986-та зачекори и на фолк сцената, од тогаш пее народни и новосоздадени песни.

Неговиот музички израз, неговиот глас, цели 50 години го држат на македонската естрадна сцена, а притоа да се остане доследен на стилот, на секогаш добро одбрана песна што ќе ја пее тој, а да ја пее и публиката со години и години, не само генерациите од времето на создавањето на песната, тука и поновата генерација.

Во салата, на сцената, пееше тој, но и публиката со него, „Во црно вино утеха нема“, „Една ѕвезда, една солза“, „Ангелина“, „Заборави ме“, „Судбина било“ „Не можам љубов да кријам“, „Плачи срце, исплачи се“, „Ивона“, „Евридика“, но со него пееја и Благица Калева, Маргица Антевска, Кате од „Нели ти реков“, Игор Ангелов, Баже Моротов, Љубен Делев Бубата, Мирчо и Снежана од „Интервали“ и „Арија“, кои со своите инструменти ги придружуваа пејачите.

За концертот, беше издадено музичко ЦД со десетте најубави песни, како трајна вредност, насловено: „За многу години со моите најубави песни“.

Како што беше и најавено, од денеска започна со работа Детската градинка со целодневен престој во која можат да престојуваат ученици од 6 до 10 години, односно од прво до петто одделение, пред училишната настава во своите училишта.

Станува збор за некогашната Детска градинка на Предилницата „Струмичанка“, која до пред извесно време, односно 9 години го користеше Приватното средно училиште „Јахја Кемал“.

Комисијата од Министерството за труд и социјална политика даде позитивно мислење, а Советот на општината даде согласност за отворање на Клон 5 во рамките на ЈОУДГ „Детска радост“ Струмица. Обезбедени се соодветни услови, опрема и дидактички средства, вработени се стручни кадри кои ќе се грижат за воспитно-образовниот процес на учениците. Децата ќе добиваат по два оброка, а веќе има пријавено 120 деца за целодневен престој во оваа градинка, а капацитетот е за околу 200 деца.

Градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски, заедно со претседателот на Советот, Марјан Даскаловски и дел од советниците, денеска го означија почетокот на оваа градинка.

„По позитивното искуство од минатата година со отворањето на една група за целодневен престој на околу 50 деца во Клон 2 на градинката „Детска радост“ што ни беше како пробен проект и зголемениот интерес на родителите од ваков вид на згрижување на нивните деца, од денеска во функција ставивме и нови простории за целодневен престој на деца од 6 до 10 години“ – кажа градоначалникот Коста Јаневски.

„Потсетете се само која беше првата асоцијација за Струмица пред 20 години – „чушки и френки“. Денес асоцијациите за Струмица се многубројни, Струмица е позната и по лица и по производи и по идеи и по настани. Дали познавате некој друг град кој создал толку производи, толку ѕвезди? Дали познавате некој друг град кој е со слична големина на Струмица и кој е пожив, подинамичен и позабавен од Струмица? Струмица се споредува со многу поголеми градови од неа и успешно се натпреварува. Токму затоа треба да се зацврсти позитивната слика за Струмица со обединувачки слоган, претпознатливи пораки и креативен дизајн“ – кажа Ѓоко Ристовски, од Општина Струмица, промовирајќи го Брендот Струмица како „Ѕвезда под небото“, со кој ќе се зајакнува позитивната слика за Струмица и со кој Струмица ќе се натпреварува на пазарот на градови со цел да привлече повеќе инвестиции, туристи и посетители.

Комерцијалниот бренд Струмица е создаден да го користат жителите, претпријатија и производи од Струмица за заеднички да се постигне подобро позиционирање и препознавање на Струмица.

Ристовски вели дека во првата фаза ќе се промовира генералната слика на Струмица, нејзините природни убавини, карневалот, а во втората фаза ќе се промовираат производи, компании, настани и идеи произлезени од градот и населените места.

Според градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски, Брендот „Ѕвезда под небото“, ќе ја заинтригира човековата љубопитност, ќе го примами секој посетител, потенцијален инвеститор, деловен соработник, уметник или патник, да ги прими со сите сетила спецификите на градот и да го рашири добриот глас на долго и на широко по белиот свет.

„Ѕвезда под небото“ е идентитетот на Струмица со своето надворешно опкружување. „Ѕвезда под небото“ е порака која треба да ја слушнат сите и да сфатат дека Струмица е Град – Ѕвезда кој создава и производи и луѓе и вредности. Од Астраион до денешни дни, градот созрева со секоја нова генерација и градејќи ја скалата на успехот, се претвора во ѕвезда која се повеќе сјае. Брендот „Ѕвезда под небото“ ќе ја заинтригира човековата љубопитност, ќе го примами секој посетител, потенцијален инвеститор, деловен соработник, уметник или патник, да ги прими со сите сетила спецификите на градот и да го рашири добриот глас на долго и на широко по белиот свет. За нас Струмица има СЕ, и тоа нејзино СЕ треба токму ние струмичаните да го промовираме“ - кажа градоначалникот Јаневски, обраќајки се пред многубројната публиката во хотелот „Вила Парк“, каде освен граѓани, претставници на компании, институции, невладини организции, присуствуваа и гости од соседните земји Грција и Бугарија.

Автори на промотивните материјали се Марјан Ѕингаров, Никола Маџиров и Александар Дончев, а брендот Струмица е создаден во рамките на спроведувањето на проектот „Промоција на туризмот и културата“, финансиран од ЕУ во рамки на ИПА програмата за прекугранична соработка меѓу Република Грција и Република Македонија.

ФОТОГАЛЕРИЈА

Страница 1 од 5